Тојота досега беше најмалку гласна со своите планови за електрични автомобили. На моменти се чинеше дека светскиот примус заостана токму во подрачјето кадешто е најсилен. Но, Јапонците пак излегоа во право. Тест на Тојота Ц-ХР, целосно електричен модел.
Производителите што беа најуверени дека ќе ги престигнат сите во електрификацијата, требаше да ја префлат целата своја гама на погон на струја за малку повеќе од три и пол години отсега. Некои ја послушаа ЕУ и си оставија простор до 2035 година. Но, реалноста се одвиваше со друг тек. Тојота како однапред да знаеше како ќе се одвиваат работите, и чекаше понастрана, за другите да се истрчаат – и да погрешат. Дали пионерот на хибридниот погон ќе ја искористи предноста во светот на електричните автомобили?
Тојота не е фер кон конкуренцијата. Автомобилите отсекогаш ѝ важат како едни од најиздржливите, коишто згора на тоа се и штедливи, практични, безбедни, неретко со технолошка предност, а по Ц-ХР станаа и забавни за возење и убави за гледање. Јапонциве произведуваат повеќе автомобили од кој било друг концерн, а добро им одат и трките: Седум наслови на светски првак во трки во издржливост, осумпати најдобар производител на рели, па победи на Пајкс Пик, на Дакар.
Затоа и не чуди што конкурентите поитаа да ја престигнат Тојота Сити, кога дојде време светот да почне масовно да вози на струја. Но, Тојота уште одамна се обезбеди и за тоа сценарио. Тие почнаа со хибридите уште во 1997 година. Оваа Ц-ХР+ на тест е исто толку хибрид колку сите 20-милиони хибридни автомобили што Тојота ги има произведено досега, „единствено“ се разликува од нив по тоа што нема мотор, нема издув, нема резервоар, нема систем за ладење на моторот, нема моторно масло, нема спојка, нема менувач со преносни односи. Електричен автомобил де.
Како на Тојота ѝ се погоди да ги надмудри сите, и од каскање во електричните автомобили, нејадејно да премине во галоп, објаснето е во воведниот дел во видеото од тестот на Тојота Ц-ХР+.
Од ознаката, многумина би помислиле дека Ц-ХР+ е само електрична изведба од Ц-ХР во нејзината втора генерација, што си вози сугурно со хибриден погон и со приклучен хибриден погон. Но, се работи за два сосем различни модели, и каросериски, и во подвозјето. И секако, во техниката. Ц-ХР+ воопшто не е замислен и конструиран да користи бензински мотор, туку строго е коструиран за електричен погон. Тоа што Тојота се реши името на моделот што во 2016 година внесе пресвртница во дизајнот и во возачкото уживање во автомобилите на марката, повеќе е од психолошки карактер. Ц-ХР е големо име на сцената, па така и Ц-ХР+ сака да покаже големина.
Името е кратенка од Купе Хај Рајдер, односно означува автомобил што со стилот потсеќа на купе, меѓутоа со зголеменото растојание од подлогата и соодветно повисокото седење, повеќе оди кон СУВ. Светот тоа го води како кросовер. Купе Хај Рајдер Плус вози исто толку високо од земја како Хај Рајдер без Плус, односно тоа се пристојни 185 милиметри. Но, во поглед на каросеријата, сé е различно.
Значително е полесна од првата електрична Тојота, гран-турерот би-зи-фор-крос, благодарение и на Гига-кастингот
Ц-ХР+ е долга 4,52 метри, што е за околу 16 сантиметри повеќе од хибридната Ц-ХР, потоа е поширока (+3,8 сантиметри), повисока (+3,1 сантиметри) и со растојанието од 2,75 метри има 11 сантиметри повеќе простор меѓу оските. Во багажникот има мала разлика, каде што Ц-ХР+ губи за 14 литри. Изненадува тоа што тежината не е за половина тон повисока, туку се сведува на разлика од 270 килограми (1.810 кг). Постои и причина за тоа, а нејзиното име е Гига Кастинг. И тоа е објаснето во видеото од тестот.
Во перформансите, Ц-ХР+ заостанува само три десетинки зад Ц-ХР 2.0. Но, тоа важи само за основната моделска изведба. На тестов е моделска изведба од апсолутниот врв на гамата: Со погон на сите тркала, а тоа значи со втор електромотор за задната оска, со 343 КС и со спринт до темпо сто за 5,2 секунди. На тоа следи уште врвното ниво на опременост, што Тојота го води како Стајл Премиум.
Сепак е главна батеријата, односно досегот. Со поголема батерија, со 77 кВч, оваа Тојота не мора да запре на полнач во следните 501 километри. Изведбата без втор електромотор е шампионот во тој поглед, со 607 километри досег. Како што се покажа на тестот, Тојота не претерува со досегот, туку наведува реална вредност.
3000 километри со електрична Toyota bZ4X низ Македонија: Големата тура
Тоа што изгледот побудува емоции не е новина во маркава, уште од Ц-ХР од 2016 година. Има разлика во стилот со хибридниот имењак. Додека тој е поагресивен во настапот, повеќе радикален и помладешки, тука веќе се насетува малку класика, малку сериозност, малку отменост, точно умереност. Но, Ц-ХР+ пак оддава технолошки скок во појавата.
Внатрешноста создава попријатна средина од првиот електричен модел на Тојота, од бЗ4Икс, односно од би-Зи-фор-крос. Додека таму се внимава строго на материјалите и сé мора да биде 100% рециклирачко, тука има многу попријатни материјали, бои, стил. Ц-ХР+ победува, иако би-зи-фор-кросот е поскап и припаѓа во средната класа.
Просторноста одговара и напред и назад, вклучувајќи и многу пошироки задни врати во споредба со Ц-ХР хибрид. Единствено мора да се „купи“ тоа што се седи малку пониско, а тоа значи со малку повеќе свиени колена, а причината е линијата на покривот. Над глава има повеќе од доволно простор, но тоа е постигнато со поставување на задната клупа за нијанса пониско. Но, така е подобро, отколку да недостига простор.
Цени на Тојота Ц-ХР+
-
Основна моделска изведба со батерија од 57,7 кВч и 167 КС, со опременост Вајб · 39.999 евра
-
Моделска изведба на тест, со батерија од 77 кВч и 343 КС, со опременост Стајл Премиум · 50.499 евра
За сите впечатоци и забелешки од возењето, ракувањето, практичноста, молиме погледнете го видеото од тестот на Тојота Ц-ХР+ од нашиот канал на Јутјуб
Предности
- Висока противвредност, ја предизвикува конкуренцијата со цената
- Одличен возен и звучен комфор
- Ефикасен електричен погон, вклучувајќи возење на автопат
- Богата опременост
- Пријатни материјали, одлична изработка
За подобрување
- Отсуствува острина во подвозјето и во управувањето за поспортско возење, ориентирана е првенствено кон комфор
- На задната клупа се седи за нијанса пониско
- Комплетна е со системи за асистенција, има простор за подобрување на ракувањето со темпоматот
ЗАКЛУЧОКОТ
Тојота фати предност во електричниот погон уште со првиот Приус
Тојота направи електричен автомобил што е пред сé Тојота. Додека голем дел од традиционалните производители отстапија од своите вредности при конструирањето на електричните автомобили и направија туѓи модели, што изгледаат различно, со различна внатрешност и утнато ракување, автомобили што можат да бидат од која било марка, Тојота направи електрична Тојота. Вистина е дека Јапонците не мораа да менуваат многу, затоа што нивните автомобили и досега беа половина електричен автомобил. Ц-ХР+ е автомобил со име, пријатен и моќен за патување, и за семеен превоз и за секојдневно вртење низ град. Со примената на напредни технологии и сопствена организација на снабдувањето, Тојота Ц-ХР+ се издвојува и со одличниот баланс во цената.















