Колку ли се менуваат нештата во автомобилската бранша. Не само брзо, туку и од корен. Најдобриот пример е токму оваа батериска електрична Toyota bZ4X, којашто во погонот поседува само електромотор. И голема батерија под целиот под. Таа ќе го извози истиот круг каков што мина Toyota Corolla со хибриден погон, во август 2019 година. Круг долг околу 750 километри, покрај само еден брз полнач на крајниот југ на земјата.
Електричните автомобили имаат мал досег, мрежата од полначи во Македонија им е ретка како забало на боксер, батеријата се полни долго, па уште и скапи се. Згора на тоа, струјата што ја полнат, била произведена од јаглен, немало каде да се фрлат батериите откако ќе се „потрошат“, а како круна, отпечатокот врз животната средина, за еден електричен автомобил да се произведе, бил многу повеќе штетен, отколку СО2 отпечатокот за да се произведе автомобил со нормален бензински или дизел мотор.
Значи, ако се издржани овие унифицирани напади врз електричните автомобили, да почекаме уште малку, па „идејата“ за електромобилноста да заврши, производителите на автомобили да признаат дека погрешиле и не им успеала „намерата“, за да извлечат поука за наредните сто години и да не се осмелат случајно пак да пробаат да ги протуркаат електричните автомобили?
Ако менаџерите на автомобилските концерни со милионска плата и со одговорност за стотици илјади вработени и половина планета, не знаат што прават и вложуваат милијарди во електричниот погон, тогаш според способноста за расудување на „серверите“ на сите предрасуди и заблуди околу електромобилноста, исто и лекарите веројатно не знаат да лечат, на инженерите им паѓаат висококатници и мостови, научниците немаат што да работат по Ајнштајн, такви работи. Наивноста е само поучтива форма на именување на глупавоста.
Големата тура е главна во низата возења низ различни предели и средини во Македонија, како и различни услови на возење, коишто заедно ќе бидат долги вкупно 3000 километри
Некој, пак, се радува што во денешницата може да посведочи на оваа историска пресвртница, кога е сосем извесно дека повеќе ништо нема да го спречи ова поглавје на електромобилноста. Низ историјата, од 1920-те наваму, имало безброј „саботажи“ на електричниот погон, главно инструирани заради заштита на профитот на некои други страни. Но, тоа е посебна приказна.
Првиот дел од снимките од возењето
Ознаката bZ4X доаѓа од beyond Zero, како што Toyota ја именува својата подмарка што е специјализирана за батериски електрични возила, бројот 4 се поврзува со иконскиот RAV4, додека X укажува дека станува збор за кросовер
Оваа електрична Toyota bZ4X се наоѓа пред историска мисија. Таа треба да го извози истиот круг како Toyota Corolla 1.8 Hybrid Sedan во август 2019 година. Тоа беше штедлива тура, заради уверување колку е делотворен хибридниот погон, што Toyota го владее веќе 25 години. Во случај да не успееја пресметките и горивото да се потрошеше предвреме, тогаш немаше да биде проблем да се запре на првата станица за гориво и да се наточи колку што е потребно. Тоа не се случи, Corolla рутински го извозе кругот со просек од 3,5 литри.
Огромна е разликата со новата тура што ѝ претстои на електричната Toyota bZ4X. Според фабричките мерења, батеријата од 71,4 киловатчасови испорачува енергија за 513 километри. Планираната тура е долга близу 750 километри, а тоа значи дека ќе мора да се земе предвид дополнување на батеријата.
Турата е следна:
Вкупно растојание [km] |
|
Поаѓање од Скопје |
0 |
Куманово (преку Арачиново) |
36,3 |
Кратово |
90,5 |
Пробиштип |
109 |
Кочани (преку Крупиуште) |
148 |
Македонска Каменица |
178 |
Делчево |
204 |
Пехчево |
231 |
Берово |
241 |
Струмица |
296 |
Гевгелија (преку Богданци) |
335 |
Неготино |
394 |
Кавадарци |
406 |
Прилеп |
454 |
Битола |
496 |
Ресен |
527 |
Охрид |
562 |
Кичево |
624 |
Гостивар |
669 |
Тетово |
697 |
Скопје |
735 |
Планот е батеријата по пат да се наполни на единствениот брз полнач што е достапен јавно – покрај станицата со брзи полначи во кругот на Порше Македонија – тоа е полначот што се наоѓа на паркиралиштето покрај станицата за горива на Макпетрол, на гевгелискиот премин Богородица. Станува збор за полнач со моќност од 100 киловати, a само заради претстава, тоа значи дека некоја батерија од 100 киловатчасови, на тој полнач ќе се наполни за 1 час. Тоа е најгрубата пресметка, затоа што постои и нешто што се нарекува загуба при полнење, но и самото полнење забавува кога ќе се постигне наполнетост од 80 проценти – тоа е заради заштита на батеријата и својствено е за сите батериски електрични автомобили. Затоа, обично се полни до 80 проценти и се продолжува со возење.
За Toyota bZ4X да извози вообичаен годишен турнус од 15.000 километри, батеријата ќе треба да се наполни „до врв“ само триесетпати – на секои десетина денови по еднаш
Според досегашното искуство, полнењето до 80 проценти во Гевгелија би траело околу 40 минути. Кој цени дека тоа е предолго, нека проба да измери колку време поминува кога се патува семејно или деловно и ќе се запре на некоја станица за гориво, заради починка, пиење кафе и дотурање бензин. Toyota bZ4X обично покажува досег од околу 440 километри кога пристојно ќе се наполни „до врв“. Растојанието од Скопје до гевгелискиот полнач изнесува околу 335 километри. Според тоа, на одредиштето би требало да присгигнеме со уште стотина километри досег.
Вториот дел од снимките од возењето
Следното полнење е планирано во Охрид, каде што ќе преноќиме. Прашање е дали ќе биде слободен некој од двата полначи на охридското пристаниште. Во спротивно, договорено е полнењето на батеријата да се направи на обичен електричен прклучок во дворот на хотелот. Посебни главоболки околу полнењето не се за очекување.
Впрочем, по патот има близу дузина станици за полнење на ЕВН со моќност од 22 киловати, со место за две возила: Во Куманово, во Кочани, Делчево, Струмица, Гевгелија, Битола, Охрид, Кичево, Тетово.
Следното што требаше да се провери е како електричната Toyota ќе се однесува на планинските превои, коишто нашата најубава земја ни ги нуди во изобилство:
Планински превој |
Висина [m] |
Страцин (кон Кратово) |
692 |
Жгури (кон Пробиштип) |
821 |
Преведена (кон Струмица) |
1167 |
Палазлија (кон Струмица) |
1200 |
Плетвар (кон Прилеп) |
999 |
Ѓавато (кон Ресен) |
1168 |
Буково (кон Охрид) |
1207 |
Пресека (кон Кичево) |
1082 |
Стража (кон Гостивар) |
1212 |
Техничките податоци за Toyota bZ4X и првите впечатоци од возењето ги објавивме претходно во стандардниот тест на електричниот кросовер. Истите се достапни и во нашиот онлајн каталог АВТОСАЛОН.МК
Тест · Електрична Toyota bZ4X · Разликата е во 20-те милиони произведени хибриди
Сите впечатоци и забелешки од возењето на големата тура низ Македонија ги пренесовме во двете видеа што го покриваат целото патешествие.
Искуството што Toyota го стекна во изминативе 25 години со својот пионерски хибриден погон, секако дека е непроценливо и применето е во нивниот прв електричен автомобил, што е изработен врз сопствена платформа, без истата да се дели со модел со конвенционален погон.
Тоа што посебно уверува во техниката на bZ4X е штедливоста. Вредноста на потрошувачката од 15 киловатчасови на сто километри, за целата тура, постигната е без каква било задршка и внимавање околу потрошувачката. Ова својство е облагородено дополнително, со тоа што човек може целосно да се потпре на точноста и веродостојноста на податокот за досегот. Ако патниот компјутер, врз основа на претходното возење, пресметал дека батеријата ќе испорачува енергија за уште 200 километри, тогаш може со голема сигурност да се смета дека ќе се пристигне до одредиштето.
Мапите од одделните етапи од големиот круг со електрична Toyota bZ4X низ Македонија

Импресионира и тишината. Тоа е вештина што Toyota ја негуваше уште пред хибридите, а посебно по хибридите, затоа што некој умен стратег во Тојота Сити се сети дека е важно, Prius, таткото на хибридниот погон, да биде посебно тивок и најгрижливо изолиран и проектиран. Овој прв BeyondZero-модел е како замок – со тројно застаклување.
Објавата на нашиот профил на инстаграм од една планинска тура што ќе ја објавиме следна во серијата за трите илјади километри со bZ4X
View this post on Instagram
Со комфорот и со солидната динамична способност, Toyota се покажува како крстосувач со којшто луѓе нема да се двоумат да отидат подалеку. Секако, претходно треба сé да се испланира. Но, во денешно време, и луѓето се попаметни, а ако тоа е погрешен впечаток, тогаш барем светот има мобилни апликации, гугл-услуги, прилично сé, за електромобилноста да не се сфаќа толку ограничувачка и обврзувачка. Возењето електричен автомобил е пред сé уживање, во „новото“.
Турата е направена, впечатоците се пренесени, во стилот на вашата омилена Аутомедиа, ова нека биде македонска автомобилска оставнина.