Во рамките на германско-турската спогодба за примање странски работници, на 27-ми септември 1961 година во фабриката на Ford во Келн пристигнаа првите Турци. Компанијата се грижеше за сместувањето, обезбеди преведувачи и исхрана.
Во Ford се сеќаваат на потпишувањето на германско-турската спогодба за привлекување странски работници во Германија. Ford беше прва компанија што во есента пред 60 години почна да вработува работна сила од Турција. Спогодбата беше потпишана на 30-ти октомври 1961 година во Бад Годесберг, со ретроградна важност од 1-ви септември. Во тоа време недостигаше работна сила во Германија, поради тоа Ford прв ја искористи можноста да привлече работници од странство.
Првата група работници од Турција пристигна на 27-ми септември 1961 година, со воз од Истанбул, преку Софија, Белград и Минхен. Од железничната станица Келн-Дојц, работниците директно беа превезени до фабриката на Ford во Келн-Нил. Во 1965 година, производителот на автомобили веќе вработуваше 6.277 турски работнички и работници.
Најбројна вработеност беше постигната во 1972 година, со 12.368 работници од Турција. Денес бројот е намален на 2.245 лица. Ford цени дека моментно околу 20% од работниците се Турци или имаат турско потекло, што значи дека станува збор за околу 4.000 лица. Тоа е најголема етничка група во фабриката, од лица од вкупно 90 нации што во моментов работат во Ford.
Ford отсекогаш се грижел за своите работници од Турција и од 1973 година им обезбедува посебно евтини чартер летови до Турција за време на летните одмори.
Првите турски работници живееја во привремени станбени домови. Ford веќе во 1962 година им обезбеди новоизградени и добро опремени домови. Објектите главно припаѓаа на Меѓународниот сојуз за социјална работа, огранок на германскиот Црвен Крст. Своевремено имаше триесет станбени домови. Последниот дом беше затворен во 1998 година.
Првиот турски претставник во работничкиот совет беше избран во 1972 година, а три години подоцна во советот беа примени уште три работници од Турција. Од 1978 година, еден од трите работници, Сали Ѓулдикен, станува член на надзорниот одбор и на таа позиција останува до своето пензионирање во 1997 година.