Авторот на ауто мотор унд шпорт, Михаел фон Мајдел прашува: Кина или Европа, кој прави подобро комби? Кинезите денес ги имаат запоседнато сите класи и сегменти, но кај комби моделите од виша класа со приклучен хибриден погон е послаб нивниот одговор. И комбито, и хибридниот погон се барани меѓу европските возачки и возачи. Затоа, угледниот магазин ги стави на проверка БИД Сил 6 ДМ-и Туринг и Шкода Суперб ПХЕВ.
Со БИД Сил 6 ДМ-и Туринг, Кина првпат нуди комби со приклучен хибриден погон на европскиот пазар. Тоа е важен сегмент на пазарот, како од гледиште на каросеријата, така и на погонот. Комбито со 212 КС на тестот на ауто мотор унд шпорт доби сериозен противник во Шкода Суперб ПХЕВ со 204 КС. Двата модели чинат околу 50.000 евра и како основа за погонот користат 1,5-литарски бензинец, кај Кинезите без, кај Чесите со турбо натполнење.
Но, разликата е многу поголема, затоа што бензинецот во БИД служи само за производство на енергија за електромоторот, односно тоа е електричен погон со продолжувач на досег, додека кај Шкода работи класичен приклучен хибриден погон. Понатаму, БИД има само редуктор, а во Суперб работи 6-степен автоматски менувач со двојна спојка.
Вратата на багажникот кај двата модели се отвора електрично, а зафатнината се разликува само 10 литри: 500 литри кај Сил и 510 литри кај Суперб. Авторот спомнува ролетна на багажникот што нема водилки и тропа кај кинеското комби.
Приклучниот хибриден погон одзема простор во багажникот, па Суперб не ја нуди зафатнината од 690 литри, како кај обичните погони. Поради тоа е помал и просторот под подот на багажникот, а нема ниту помошно резервно тркало. Покрај тоа, и резервоарот е смален, на 45 литри.
Носивоста на БИД е помала за преку 100 килограми
БИД на тој начон доаѓа во предимство со подолгиот досег. Но, Шкода пак надоместува, затоа што Суперб дозволува носивост до 531 килограми, наспроти само 411 литри кај Кинезот. Супербот се докажува и со практичноста, тоа сепак е марката со „Симпли Клевер“ решенијата. БИД заостанува далеку во тој поглед.
За просторноста кај Сил, германскиот магазин наведува добра просторна понуда и пристојна удобност на задната клупа, што е обложена со вештачка кожа.
„Кој ќе седне тука, не сака да се префрли во друго комби“
Шкода е супериорна во просторноста, посебно во просторот за нозе на задната клупа. Притоа, каросеријата е подолга само 6 сантиметри. На тоа следат уште посебна климатизација назад и клупа со правилни контури. „Кој ќе седне тука, не сака да се префрли во друго комби“, пишува авторот.
За БИД се критикуваат тврдите и недоволно обложени седишта, со куса седечка површина. Шкода уште во стандардниот пакет располага со поудобни предни седишта, а со доплата се нудат и АГР-седишта. На Германците им се допаѓа и платното во ентериерот: „Не мора секогаш да биде скапа кожа.“
Два хибриди, но сосем различна техника
Двете возила забрзуваат добро и имаат примерна штедливост: 6,3 литри кај Шкода и 5,8 литри кај БИД во хибриден режим. Разликата во потрошувачкат при електричен погон е 0,2 кВч/100 км во корист на кинескиот модел. Но, поради поголемата батерија, Шкода со својот паралелен хибрид постигнува електричен досег до 150 километри, а полни и побрзо на брз полнач, со 40 кВ.
Со БИД е потребно повеќе трпение, затоа што полни најбрзо со 26 кВ. Проблем е тоа што кога наполнетоста ќе падне под 25%, батеријата повеќе не испорачува струја за погонот. Авторот: „Кој не ја знае и при 20% ќе го притисне копчето ЕВ во елегантната средишна конзола, и покрај тоа што има струја во батеријата, нема да вози електирчно.“
Кога батеријата е празна, моторот работи гласно, додека произведува струја
Поради тоа, се случувало при излегување на аутобанот да се слуша гласната работа на бензинецот, којшто во тој случај произведува енергија за електромоторот. Подобро е кога батеријата е полна и електромоторот со 300 њутнметри испорачува мазен погон.
Со Шкодата е многу поедноставно. Електромоторот со 85 киловати има доволно сила да го движи возилото низ град или на автопат со брзина до 140 километри на час. Турбо бензинецот со 150 КС и 250 Нм нуди сила за сите останати сценарија. Хибридот работи неосетно, истото важи и за менувачот
Возните својства се целосно на страната на Суперб
Фон Мајдел препорачува БИД да си го препровери нагодувањето на подвозјето и на управувањето. „Иако амортизира меко, комбито грубо скока преку нерамнините во асфалтот и се растресува на куси нерамнини.“ Добро управување би помогнало, но БИД и тоа не го нуди.
Магазинот упатува на мерните вредности од тестот: Шкода го совладува слаломот со 133,8 км/ч, додека Сил заостанува со 121,1 км/ч. Тука сé е јасно.
Уште едно поглавје што решава, секако се сопирачките. Кинеското комби запира по 37 метри со незагреани и 38,4 метри со загреани сопирачки од 100 км/ч. Авторот: „Човек да биде благодарен што БИД ја ограничува брзината на 180 км/ч“.
На Кинезот му останува да бара спас само уште во цените. Сил 6 ДМ-и Туринг чини 49.990 евра во Германија, односно близу 51.000 евра со сите опции. Кај Шкодата мора за тоа да се смета на малку под 60.000 евра. Тоа е воедно и единственото подрачје во коешто чешкото комби губи од новиот кинески соперник.
















