
Во јулската продажба, Киа не само што ја претрка сонародничката и сестринска марка Хјундаи, туку и се движи во подобра насока. Додека продажбата на Хјундаи падна 20 проценти, Киа накачи близу 4 проценти.
Бројките што пристигаат од европскиот пазар кажуваат јасно: Киа и годинава продава повеќе од Хјундаи и го задржа растот, додека кај Хјундаи се забележува линија стрмно надолу. Во јули, Киа испорачала 47.296 возила во Европа (ЕУ, ОК, ЕФТА), наспроти 38.392 возила. Додека Киа во јули продала 1.665 возила повеќе од лани, на Хјундаи ѝ недостигаат 9.597 возила да ја достигне продажбата во истиот месец лани.
Јулската продажба на Киа е за преку 23 проценти или за близу четвртина повисока отколку продажбата на Хјундаи.
Во седумте месеци од 2026 година во статистиката, Киа има вкупно 319.480 возила, додека Хјундаи заостанува со 281.379 возила. Разликата е 38.101 возила, односно точно 13,5 проценти предност на Киа.
Повеќе е загрижувачко движењето на продажбата на Хјундаи. Годинава, продажбата на марката е опадната за 10,5 проценти до јули, Киа загубила одвај еден процент (0,7%) од лани.
Сосем е извесно дека падот на Хјундаи ќе се засилува, откако е најавено доаѓањето на новата генерација на Тусон. Наспроти тоа, Киа и натаму постигнува одлична продажба на Спортаж. Уште една силна карта на Киа е Селтос, модел со слична големина со вечниот бестселер на марката, со класична и хибридна погонска техника, но со сосем различен изглед, што ја донесува потребната свежина во настапот на Киа во важниот Ц-СУВ сегмент.
Токму Селтос ќе биде носителот на натамошниот раст на Киа на европскиот, но и на македонскиот пазар, каде што моделот ја имаше својата салонска премиера пред извесно време и се чека уште да се финализираат спецификациите и конечните цени.
Додека Хјундаи наскоро ќе остане без модел со класичен погон во сегментот, поради генерациската смена на Тусон, Киа ќе напаѓа со два модели, со Спортаж и со Селтос. Ситуацијата веројатно нема да се подобри по доаѓањето на новата генерација на Хјундаи Тусон, покрај вообичаеното подигнување на цената на новиот модел.
Доколку Хјундаи во Македонија настапи со силни попусти за Тусон од сегашната генерација, тоа сигурно ќе ги одврати постоечките сопственици на моделот да се префрлат на новиот модел, затоа што со попустот за моделот што тие го поседуваат, директно им се смалува и вредноста на нивниот автомобил. Пак, користа се префрлува кај Киа.
Кај електричните модели, Киа исто така избива во предимство пред Хјундаи.














