Киа Спортаж доби засилување, Селтос напаѓа класа подолу

Киа додаде уште еден СУВ во својата понуда, но не се работи само за нова големина покрај Спортаж, туку и за нов пристап. Селтос е различна Киа во секој поглед.

Првиот изложен примерок од Киа Селтос во салон е во нивото на опременост Икс Лајн, со нагласок на теренскиот стил

Со Киа Селтос, неделава почнува со важен салонски новитет, не само за марката, туку и за целиот македонски пазар. Успехот на Спортаж ѝ дава на Киа самодоверба да направи уште еден Спортаж, само помал, со сосем различен стил, без историја и без обврски.

Селтос и досега беше присутно име во понудата од модели на Киа, но не во Европа. Моделот со рустикален изглед и за нијанса поедноставна техника од Спортаж, постигна голем успех во САД, Индија, Кина, дома, во Латинска Америка, на Средниот Исток. Моделот во меѓувреме премина во нова генерација, со поголема каросерија, со стилот на ЕВ-моделите, но пак со примеси на теренско возило во изгледот, и со поголемо присуство на напредни технологии.

Главната промена: Киа Селтос во втората генерација се продава и во Европа, а вообичаено за македонската Киа, одвај дека моделот доцнеше со неговото појавување тука, зад пазарите во Германија или Велика Британија.

Порасната и со различен пристап од веќе здодеаната општа шема на СУВ, што не се разликува од марка до марка и од класа до класа, Киа Селтос цели во сегментот на Б-СУВ моделите, но во горното подрачје на тој сегмент. Во основа, тоа што Фолксваген го направи со новиот Т-Рок, којшто е поголем и поскап од претходната генерација, исто е со тоа што сега го прави Киа со Селтос, но со таа разлика што првпат го пушта во трка овој модел.

Селтос не доаѓа како замена за Спортаж

Селтос не е замена за Спортаж, туку е дополнување на понудата под бестселерот. Основата е разична. Додека Спортаж користи поскапа и поспособна платформа Н3, доволно добра и за луксузниот Соренто, Селтос се потпира на К3, од којашто се изведуваат модели од Б- и Ц-сегментот. Конкретно, новиот Селтос користи иста платформа со К4, наследничката на Сид.

Спортаж му држи „грб“ на Селтос, на Киа ѝ успеваат СУВ-моделите; Овој изглед доаѓа од САД, од Телјурајд, но пак во комбинација со стилот на ЕВ-моделите на Киа

Во стилот постои огромна разлика. Спортаж е производ на усовршување и наградување на една успешна моделска серија низ пет генерации, низ којашто се провлекува сличен стил и слична идеја. Селтос почнува буквално од нула – барем е така во Европа, затоа што сличен стил со овој има Телјурајд, модел што постигна споредлив успех со Спортаж на пазарот во САД – и наспроти цивилната појава на Спортаж, става повеќе нагласок на стил на теренец.

Во димензиите, Киа Селтос е покуса 11 сантиметри од Спортаж (4,43 метри), потесна е 3,5 сантиметри (1,83 метар) и пониска е исто толку (1,61 метар). Во меѓуоскиното растојание, Селтос е во предност 1 сантиметар (2,69 метри). Растојанието од подлогата е помало 1 сантиметар (16 сантиметри), крутот на вртење е помал 20 сантиметри (10,7 метри). Багажникот со 536 литри одвај заостанува (562 литри), иако со соборена клупа сепак се појавува поголема разлика (1.511 наспроти 1.751 литри).

Тежината на празно возило е споредлива (1.515 кг наспроти 1.552 кг). Спортаж има и поголема носивост (573 килограми наспроти 485 килограми), а исто и за тежината на приколка, Киа дозволува 350 килограми повеќе кај Спортаж (1,65 тон).

Во салон е очигледна разликата со стилот на Спортаж, којшто секогаш преземаше по некој детал од претходничката; Селтос е почеток од празен лист

Изведбата со преден погон на Селтос има полукрута задна оска, додека со погон на сите тркала следи мултилинк задна оска, којашто сепак е стандард во целата гама на Спортаж.

Единствен мотор кај сите изведби на Киа Селтос е 1,6-литарскиот Т-ГДи со 180 КС, којшто со оваа моќност кај Спортаж се добива само кај изведбата со погон на сите тркала. Стандарно следи рачен менувач, опција е 7-степен автоматик со двојна спојка.

Селтос со 9,2 секунди до темпо сто скусува половина секунда од Спортаж, забрзува до 200 километри и во просек троши 6,9 литри. Додека кај Спортаж се црпи од резервоар од 54 литри, тука се 50 литри.

Киа Македонија ќе ги објави цените и пакетите на опременост во текот на неделава, според првичните најави, ќе се користат истите ознаки на нивоа на опременост како кај Спортаж, односно Концепт, Референс и ГТ-Лајн. Новитет е Икс-лајн, коешто додава повеќе детали со изглед на теренец.

Киа ќе произведува уште две погонски изведби на Селтос, едната е класичен хибрид, но со електромотор вграден во 6-степениот менувач со двојна спојка, додека втората е изведба што има електромотор и на задната оска, со што се постигнува погон на сите тркала. Тоа би било поедноставна и подостапна изведба на СУВ со погон на сите тркала, во споредба со класичниот погон на сите тркала кај Спортаж.

Претходна објаваНашиот ценет колега Агрон Сулејман погребан денес на градските гробишта Бутел
Следна објаваШпанија ќе им дозволи на Кинезите да градат фабрика за автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here