Топ Гир се враќа на Би-Би-Си, големи имиња се спомнуваат како водители

По спектакуларното излетување на водителот Ендрју Флинтоф во 2022 година, Би-Би-Си ја враќа легендарната емисија Топ Гир. Се спомнуваат неколку звучни имиња како можни водители.

Светски прочуениот комичар Џими Кар се спомнува најчесто како водител на продолжението на тв-шоуто Топ Гир

Враќањето на Топ Гир го потврди Ед Хавард, уредник на забавната програма на Би-Би-Си, за време на тв-фестивалот во Единбург. „Се слушаат многу гласини и можеме да потврдиме дека Топ Гир се враќа.“

Хавард уште не ги има соопштено имињата на водителите. Но, во британските медиуми веќе се спомнуваат неколку можни кандидати.

Меѓу нив најчесто се спомнува Џими Кар. Британскиот комичар гостуваше во Топ Гир уште во 2004 година и поседува голема збирка автомобили. Запрашан од новинарите, Хавард потврди дека Кар одговара како домаќин, но не ги потврди гласините.

Џо Марлер играше за англиската репрезентација во рагби до 2024 година и денес редовно се појавува на британските емисии. Тој исто така се спомнува како член на тимот.

Џоди Кид има искуство во мотоспортот и во водителството. Моделката поседува тркачка лиценца, вози трки во Италија и водела неколку автомобилски емисии.

Гордон Рамзи повеќепати гостуваше во Топ Гир и познат колекционер е на спортски автомобили.

Роуан Аткинсон исто така поседува богата збирка од спортски автомобили и се има појавувано како славна личност во емисијата. Во 17-та епизода, тој го извозе најбрзиот круг меѓу славните личности.

Би-Би-Си досега нема потвдено ниту едно од овие имиња. Исто така е неизвесно дали ќе се вратат Педи Мекгинис и Крис Харис. Тие ја сочинуваа последната водителска тројка, заедно со Ендрју Флинтоф.

Уште не се познати премиерата и концептот

Би-Би-Си нема наведено датум кога ќе почне новата серија, исто како и бројот на епизоди. Недостигаат податоци и за содржината, како и за почетокот на снимањето. Хавард сепак најави дека наскоро ќе бидат соопштени останатите податоци.

Прашање е дали ќе се вратат прочуените рубрики во емисијата. Тоа се однесува на тестовите на возила на поранешниот воен аеродром Дансфолд, снимањето во студио пред публика и тркачкиот лик Стиг. ТВ-каналот нема потврдено ниту дали ќе се снима на досегашниот полигон за тестирање.

Серијата беше прекината по незгодата на Ендрју Флинтоф што се случи во декември 2022 година. За време на снимањето на патеката за тестирање во Дансфолд, водителот седна зад воланот на Морган Супер 3. Трициклот без покрив се преврте и лизгаше по асфалтот.

Флинтоф претрпе тешки погреди на лицето и на градниот кош. По закрепнувањето, тој кажа дека 50 метри лизгал со лицето врз патот. Тој не верувал дека ќе ја преживее незгодата.

Би-Би-Си му исплати отштета на водителот. Британските медиуми наведуваа девет милиони фунти, но тоа не е потврдено официјално. Тркачот Пол Рис, кој беше на совозачкото место при превртувањето, побара отштета од 150.00 фунти, но компанијата одби да му исплати.

Би-Би-Си во ноември 2023 година сооошти дека ќе ја прекине серијата на неодредено време. Паралелно се вршеше препроверка на стандардите за безбедност при снимањата за телевизиската куќа.

Продолжението на Топ Гир никогаш не ја достигна славата од времето на Кларксон, Меј и Хамонд

Топ Гир стекна светска популарност со Кларксон, Меј, Хамонд

Топ Гир почна да се емитува во 1977 година како класичен автомобилски магазин. Но, откако во 2022 година презеде славното трио составено од Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј, емисијата стекна планетарна популарност. Откако Кларксон нападна еден од продуцентите, Бу-Би-Си реши во 2015 година да не му го продолжува договорот.

Хамонд и Меј исто така го напуштија шоуто и заедно со Кларксон работеа на Гранд Тур за Амазон. Тие си заминаа и од Гранд Тур, барем делумно.

Тимот на Топ Гир оттогаш се менуваше повеќепати. Прво презедоа Крис Еванс и Мат Лебланк, пред Флинтоф, Мекгинис и Харис да продолжат во 2018 година.

Претходна објаваХонда Ен Ес Икс на легендата Аиртон Сена оди на наддавање, се очекува рекордна цена
Следна објаваКиа ЕВ5 е најпродаван електричен фургон во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here