На Киа ѝ остана само уште еден број за да ја заокружи својата понуда од електрични модели. Корејците не се останати на надежи дека нешто ќе постигнат, затоа што веќе постигнуваат многу на пазарот на електрични автомобили. ЕВ3 е меѓу најпродаваните ЕВ-модели во Европа, а таа титула може лесно да ѝ ја одзеде ЕВ2.
Од ЕВ3 до ЕВ9, сé e полно со електрични модели кај Киа. Додека половината од конкурентите во врвната автомобилска лига – според продажните бројки – одамна кукаат што се впуштиле толку наивно во светот на електричните автомобили, кај Киа сé врви мазно. Моделите на струја на корејската марка во меѓувреме се втор најпродаван вид на погон на Киа во Европа, по хибридите, а пред бензинците. ЕВ3 е прв од нив, со преку 25.000 продажби во првото полугодие, петти најпродаван модел во целата гама на Киа, по Спортаж, Пиканто, Ниро и Стоник.
ЕВ2 стартуваше пролетоска и ја губи трката со ЕВ3 во првото полугодие, со 6.985 возила, но затоа во јунската продажба му се приближи на ЕВ3, со 2.663 наспроти 4.363 возила во Европа. Блиску се ЕВ4 – електричниот пандан на Сид, односно на неговиот наследник К4 – и ЕВ5, којшто е со големина на Спортаж.
Иако засега е најмалечка, „двојката“ сепак е најважен електричен модел на Киа во моментов, затоа што е меѓу првите во сегментот што допрво ќе расте и што ќе биде решавачки за понатамошниот подем на возењето на струја. Тука се Ситроен е-Ц3, Фиат Гранде Панда, Џип Авенџер, Опел Мока, Пежо Е-2008, но силен потрес донесе ретро-моделот Рено 4 Е-Тек, а потоа се на ред Шкода Епик и Фолксваген ИД Крос.
Не отсуствуваат и кинеските конкуренти. Липмотор го најави Б03 Икс, којшто е сосем сигурно дека наскоро ќе се појави во салонот на Ситроен во Скопје, привилегија што ја ужива како партнерска марка на Стелантис.
Поради необичните пропорции се стекнува впечаток како Киа ЕВ2 да е помала
Пред да пристигне на тест, Киа ЕВ2 беше само малечок електричен автомобил, којшто и како таков е доволен. Таков впечаток се добива кога првпат ќе се погледне „двојкава“ во живо. За тоа се заслужни невообичаените пропорции, со кус и висок нос, и уште толку помасивна и покоцкеста кабина. Но, кога ќе се отвори врата и ќе се седне напред, па назад, па уште и кога ќе се отвори багажникот, не треба да мине долго време додека човек свати што всушност е оваа Киа.
ЕВ2 е веројатно првиот електричен автомобил со достапна цена, односно барем подостапна од досега најдостапните, што е без но, ама, иако, меѓутоа и слични зависносложени сврзници. Автомобил што е доволен во секој поглед, ако не и повеќе од доволен во тоа што натежнува за човек да ја избере ЕВ2.
Просторноста во кабината напред е споредлива со компактна комбилимузина, за што помага и арматурната табла, без средишна конзола, со нагласена хоризонтална поставеност. Корејските инженери сé сработиле одлично. Притоа, треба да се земе со резерва дека сé е нивно дело, затоа што ЕВ2 е развиена, конструирана, дизајнирана, стокмена по мера, од европски експерти.
Киа ЕВ2 се произведува на местото што претходно му припаѓаше на Сид
Иако не личи така, Киа ЕВ2 е всушност Сид. Пред да почне ерата на електричните автомобили, а таа очигледно е почната и не е „иднина“, на местото каде што сега се произведува ЕВ2, се произведуваше Сид. Тој беше европски модел, произведен во и за Европа. Сега со истата мисија е ЕВ2. Електричниот модел излегува од фабриката во Словачка, во Жилина, заедно со ЕВ4, со Ексид и секако со Спортаж.
Kia EV2 42,2 kWh Earth во нашиот онлајн-каталог со цени на сите нови автомобили во Македонија
Батерија како да не постои. Подот е со нормална висина и не треба да се прескокнува праг за да се дојде до седиштата, одговара и висината на просторот за глава, сé е како што било. Назад не треба да се очекуваат чуда, но и не треба веднаш да се почне со поплаки. Точно е дека и напред и назад се седи малку повисоко, впрочем тоа е веќе познат и докажан начин за купување простор, но за стеснетост и непријатност на задната клупа не може да се зборува.
И луѓево се потрудиле да угодат, затоа што во корист на некој сантиметар повеќе простор за колената, нема џеб одзади во возачкото седиште. Но, затоа, во тестиранава изведба, има отвори за проветрување и назад. Има и обложена површина за потпирање лакт на врата, па дури и збунува тоа што има средишен потширач за лакт назад.
Оваа грижливост во просторот на задната клупа, што честопати останува запоставен во оваа класа, не е нешто ново за Киа. Најевропската корејска марка – со години го престигнува Хјундаи – има голем пазар и големо име во сегментот на малечките автомобили во Европа, со Пиканто. Тој углед секако дека ќе влијае, за дел од сопственичките и сопственици на Пиканто да ја ѕирнат ЕВ2 во салон, а ќе донесе купувачи што и самите веќе го меркале овој модел.
Само мали забелешки во поглед на ракувањето
Во поглед на ракувањето, единствено може да се забележи за недоволната осветленост и со тоа читливост на лентата со сензорски полиња за пристап до главните функции дење, како и за делумната покриеност на средишниот екран, од воланот, на којшто се прикажува работата на клима уредот. Последново не мора да биде проблем, затоа што со допирање на горнииот дел од екранот се раширува приказот на функциите на климата долж целиот екран.
Добро функционираат и гласовните команди, па на тој начин може брзо и најлесно да се побара климата да дува постудено или потопло. Постојат уште бројни функции до коишто се доаѓа преку гласовна команда. Повеќе е проблем навиката. Човек прво ќе посегне со рака, за дури потоа да се сети дека можело да се користи и гласовна команда.
Багажникот нуди повеќе од доволни 362 литри, со таа напомена што е поделен на две нивоа. Просторот е искористлив добро, благодарение на правилната форма на багажникот. Колку имале предизвик инженерите, се забележува кога ќе се открие дека странично нема ниту најмала преграда за ситни предмети. Сé е искористено до милиметар, за да се добие добар впечаток, но пак остануваат такви ситни пропусти. Зошто долната полица во багажникот не може да се спушти долу, тоа е уште една „мистерија“.
Просторноста изненадува, но и изработката и опременоста
Општиот впечаток од внатрешноста се опишува со еден збор – изненадувачки. Киа ЕВ2 изгледа многу позрело и попросторно отколку што би се очекувало оценувајќи од око и оддалеку. Тоа важи и за изработката, а уште повеќе за ситните детали, што одушевуваат. Голем автомобил, повеќе од двојка.
Главното сепак е во возењето. Прво човек ќе помисли дека пријатното чувство во возењето се темели единствено врз тоа што електромотор го движи ЕВ2. Но, брзо се сфаќа дека тој впечаток доаѓа всушност од удобната, тивка, придушена работа на подвозјето. Некои компакти можат да ѝ носат вода на оваа Киа.
Таа комбинација од мали димензии и голем комфор, увердува дека е победничка. По само неколку километри на тест, ЕВ2 покажа дека не е „само“ електричен автомобил. Еве нека биде електричен Стоник.
Доколку се вози во град, досегот лесно достигнува 400 километри, а тоа значи едно полнење на три недели
Тестираната изведба е со помалата батерија, со 42,2 кВч, со хемија ЛФП и со досег до 317 километри. Електромоторот испорачува 147 КС и 250 њутнметри. Оттаму, не изненадува спринтот до темпо сто за 8,7 секунди, покрај фактот што се работи за 1.550 килограми. Крајната брзина е ограничена на 161 км/ч.
И динамиката одговара, далеку е од тоа дека возните својства заостануваат. Киа ЕВ2, кажано во „еден збор“, вози одлично.
Прашањето околу полнењето, е скриен адут. Основната изведба, односно истата оваа погонска варијанта, но во нивото Лајт, за 29.950 евра, полни на обичен полнач со моќност од 11 кВ. Веќе од второто ниво Ер (воздух), се добива посилен сопствен полнач, со моќност од 22 киловати.
Многу менува полнењето со 22 кВ
На тестот, батеријата беше дополнета само еднаш. Од 30% до 100% наполнетост, Киа ЕВ2 дојде за помалку од два часа, на обичен полнач со 22 кВ. Со тоа не само што се преполовува времетраењето на полнењето, туку и кога човек е малку во итање, не мора секогаш да користи брзи полначи кога ќе појде на пат, што и чинат соодветно повеќе, туку со малку трпение може да се користи и обичен АЦ-полнач.
Киа е фер во моделската политика, а тоа значи, може да се оди или на повеќе опрема или на повеќе досег. Разликата со верзијата со батерија од 61 кВч и досег до 453 километри, изнесува 2.000 евра. Меѓутоа, се чини дека и со овие 300 километри може да се живее добро. Уште подобро, ако се земе предвид дека при возење претежно во град, може да се очекува досег до 400 километри. Тоа значи дека возач со 20 километри дневен просек, ќе полни секоја трета недела.
Се добива и добар преглед на податоците што се важни за електричното возење, па и навигацијата секогаш ги прикажува јасно најблиските полначи во моментот.
Повеќе од доволно се добива уште во основната изведба
Третото ниво на опременост, како на тестот, веќе завлегува во зоната на луксуз. Со озвучување Харман Кардон, со посебен засилувач и сабвуфер, со електрично местење на возачкото седиште, отмени материјали на седиштата, грејачи во седиштата и во воланот, затемнети задни стакла, Киа ЕВ2 како на тестов, чини 34.950 евра. Две илјади евра над тоа следи и батерија со досег до 458 километри.
Без овие луксузи, но пак со опременост, ЕВ2 чини 32.500 евра. Во тој случај, над основното ниво Лајт се добиваат уште спомнатиот сопствен полнач од 22 кВ, систем за полуавтономно возење на автопат и камера за возач, двозонска работа на клима уредот, мапи за навигацијата, безжичен полнач, сензор за дожд, приклучок за надворешни потрошувачи на 220 волти, собирање на ретровизори, тркала од лесна легура и кровни носачи. А, тоа само значи дека и основната изведба е сосем доволна. Киа ЕВ2 е повеќе од само опрема.
Конкуренцијата на Киа ЕВ2
|
Д |
Ш |
В |
Б |
|
|
Citroen e-C3 |
4015 |
1755 |
1567 |
310 |
|
Fiat Grande Panda |
3999 |
1763 |
1581 |
361 |
|
Jeep Avenger |
4084 |
1776 |
1527 |
355 |
|
Leapmotor B03X |
4270 |
1810 |
1635 |
302 |
|
Opel Mokka |
4150 |
1787 |
1515 |
310 |
|
Peugeot E-2008 |
4304 |
1770 |
1523 |
434 |
|
Renault R4 |
4144 |
1808 |
1552 |
420 |
|
Skoda Epiq |
4171 |
1798 |
1581 |
475 |
|
VW ID Cross |
4153 |
1794 |
1581 |
475 |
Д = должина, Ш = ширина, В = Висина (сите во милиметри); Б = багажник (во литри)
До вебсајтот на Киа во Македонија














