за

Тест: Ford Puma 1.0 EcoBoost 125 DCT Titanium

Ford Puma ги обединува во еден автомобил сите моделски варијанти што Ford низ времето ги има развиено од Fiesta. Кросоверов е Fusion и B-Max во едно, плус има гени на историскиот XR2 и стилската авангарда на првиот модел на Ford со ова име.

Кросоверите во градската класа во моментов го прават најголемото раздвижување на пазарот. Со техника од Fiesta и со користење голема слобода за работите да се изведат поинаку, Ford Puma се нуди како оригинален автомобил, кој не само што изгледа различно, туку и функционира и се чувствува различно.

Ford има работено многу со автомобилите од градската класа. Тешко дека некој друг производител во историјата има изведено толку моделски варијанти во класата на Fiesta. Од вечната пасија на Ford за мотоспортот, во 1981 година произлезе XR2 со 1,6-литарец со 84 КС и тогаш спектакуларни 170 km/h. На пазарот на користени уште се бара примерок повеќе од неуништливиот и легендарно практичен Fusion. Инженерски врв беше ванот B-Max, без средишни столбови. Во времето кога пазарот уште го дозволуваше тоа, Ford ја понуди првата Puma, како малечко, но расно купе со препознатлива форма и со славниот 1,7-литарски Zetec VCT со 125 КС, со гени на Yamaha. Сцената вриеше, дали е подобра Ford Puma или Opel Tigra.

Ford повторно ја има Puma, а со неа си ги врати во живот и сите претходни моделски изведби, почувајќи од Fiesta XR2 до B-Max, секако вклучувајќи ја првата Puma, купето. Неверојатно е колкава разновидност содржи автомобилов. Оваа Ford Puma во форма на кросовер, ги поседува спортскиот дух на XR2, практична е колку Fusion, храбро е замислена и иновативна е како B-Max, а секако дека ги наследува и заводливите форми на претходничката.

Марката можеби задоцни неколку години зад конкуренцијата со пуштањето на Puma, но доцнењето во автомобилската бранша не мора секогаш да биде поврзано со пропуст. Напротив, Volkswagen долги години беше последен во следењето на трендовите, меѓутоа кога конечно ќе пуштеше свој модел во конкурентската битка, тој речиси инстантно се продаваше повеќе од сите пред него. Еден од таквите примери е Touran, кој ги засени Scenic и Zafira откако стартуваше на пазарот.

Пред да се појави Puma, Ford го имаше единстевно EcoSport да им парира на VW T-Cross или Renault Captur. Околу EcoSport нема сомнежи, моделот е одличен, меѓутоа е повеќе наменет за купувачите што бараат рустикален теренски модел, автомобил што навистина поседува способност да вози по посериозен терен. Европа сепак сака нешто друго. Пазарот ја чекаше Puma и ја дочека. Според последните објавени податоци од Ford, Puma во последното тромесечје лани била втор најпродаван модел на марката во Европа, по Focus. Моделот учествувал со 55,7 проценти во продажбата на СУВ-модели на марката – вкупно 39.842 примероци за три месеци. Тоа се нарекува хит-модел.

Целата форма на Ford Puma е толку различна од стандардниот калап, што дури отпосле се забележува колку високо се поставени предните светла – сé е хармонично, извајано како тело на дива мачка

Сé е толку очигледно кај Ford Puma. Прво е очигледно зошто кросоверот им го привлекува вниманието на купувачите, исто како што улицата постојано го забележува неговото присуство. Тој се издвојува од останатите модели во сегментот и не следи ниту една дизајнерска матрица, а притоа јасно се препознава како модел на Ford. Со високо поставените светла што покриваат повеќе од половина од должината на хаубата, со става како на дива мачка, елегантна и извајана, Ford Puma изгледа како автомобил во којшто човек сака веднаш да седне зад воланот и брзо да се изгуби на хоризонтот. Ford Puma е мачка во движење.

Понатаму, очигледно е дека на овој автомобил се работело со големо уживање. Сето тоа при премиерата на моделот најдобро го објасни европскиот шеф за дизајн Амко Ленартс: „Со Puma уште од почетокот сакавме да содадеме автомобил што ќе се разликува од останатите. Тоа нé донесе до компактен кросовер-СУВ, каков што досега немаме понудено. Без двоумење, новата Puma го отвора следното дизајнерско поглавје на Ford.

Не постојат компромиси во дизајнот на Puma. Еден „мал“ детал кажува многу. Третото прозорче во задните столбови, половината производители на автомобили би го замениле со боја или би залепиле некоја украсна пластика, за да се постигне ефектот. Такви детали во некои марки не минуваат, мора да се заштеди секое евро. На проект-менаџерите, тие што на крајот ги прецртуваат со црвено пенкало сите места на списокот каде што може да се заштеди, кај Puma како да им снемало мастило. Затоа се случува погледот да се насладува на секој детал и на сите форми на каросеријата на Puma.

Не постои автомобил во градската класа на кого што црната боја му прилега толку совршено како на Ford Puma – покривот и ретровизорите може да се нарачаат и во сребрена или црна боја, зависно од главната боја на каросеријата

Автомобилов, патем, веројатно е единствен во својот сегмент, на кого што му прилега црна боја – оваа металик црна што постигнува најразлични ефекти и секогаш изгледа различно. По желба, со доплата од 500 евра, зависно од бојата на каросеријата, може покривот да се нарача во сребрена или црна боја, заради контраст, заедно со капите на ретровизорите.

Алуминиумските тркала од 17 инчи со десет краци се стандард во Puma. Понудата во гамата на кросоверот почнува од нивото Titanium, а тоа значи дека се добиваат изобилство опрема, екстра дотеран финиш и бројни стилски детали надвор и внатре. Нема пониско ниво на опрема, има само повисоко. Ми-Да Гранд Моторс моментно има акција за Ford Puma 1.0 EcoBoost 125 Titanium, со цена од 19.900 евра, место редовните 21.600 евра. Над нивото Titanium следи ST-Line, со редовна цена од 23.000 евра со истиот мотор, а врвот му припаѓа на Vignale, кој се води како ексклузивен модел, поексклузивен дури и од некогашните Ghia-модели.

Во поглед на опременоста, Puma Titanium е силна исто како металот чиешто име го носи. Покрај алу-тркалата од 17 инчи, кросоверот во ова ниво доаѓа стандардно со клима уред, темпомат, избор на програми за возење, приспособлива полица во багажникот, магленки со функција за свијоци, грејачи во ретроивзорите, диодни предни и задни светла, хромирани лајсни, автоматски долги светла, кожа на воланот и на рачката на менувачот, патен компјутер во боја од 4,2 инчи, патосници, слабинско местење на седиштата, потпирач за рака напред, паркинг сензори назад, навигација со дисплеј од 8 инчи, говорни команди, амбиентално осветлување. Импресивно, ова е традиција што Ford не ја напушта.

Сите можни системи за асистенција стојат на располагање, половината од нив веќе се вградени во секоја Puma

Puma се држи одлично и со системите за асистенција. Покрај предупредување и самостојно запирање при опасност од судир, Fiesta-кросоверот располага уште со активно следење лента, предупредување при замор и камера за знаци. Кој сака апсолутна присуство на сите можни компјутери-помошници, може да допалти 1.750 евра за пакет во којшто следат уште предупредување при возило во мртов агол и при возило што наидува попречно кога се излегува наназад, приспособлив темпомат, предни паркинг сензори и камера за рикверц.

Кокпитот е ист со Fiesta. Радуваат деталите, како што е тенката лајсна со метален финиш над инструментите или фактот што во нивото Titanium сите прекинувачи и команди се обранени со метален прстен. Згоден детал претставува мекото и широкоградо обложување на вратите со мек штоф. Материјалите и изработката се на солидно ниво за класата во којашто припаѓа Puma. Возилото на тест дополнително поседува автоматска клима, којашто може да се нарача во пакет заедно со сензор за дожд и самозатемнувачки внатрешен ретровизор, со цена од 620 евра – или како во тест-возилото, во луксузен пакет Titanium X за 2.900 евра, заедно со затемнети задни стакла, отстранливи навлаки на седиштата, инфо-забавен систем со 10 звучници од Bang & Olufsen и безжичен полнач за телефон, плус тркала од 18 инчи со гуми 215/50 (тест-возилото сепак имаше стандардни Titanium-тркала од 17 инчи), плус сите ставки од претходно спомнатиот пакет.

Според просторноста напред, Puma е на ниво на модел од компакт класа. Тоа воедно се очекува, имајќи предвид дека кросоверот е 15 cm подолг, 5,5 cm повисок и дури 7 cm поширок од Fiesta. Меѓуоскиното растојание исто е подолго и мери вкупно 2,59 метри, за близу десет сантиметри повеќе од автомобилот што ја дава основата за Puma.

За малиот компромис во просторноста на задната клупа следи голема компензација во просторот зад неа

Лесното седнување е голема придобивка, исто и на задната клупа. Назад се чувствува мала стеснетост, но тоа не значи и дека е непријатно. Многу е повеќе важно тоа што се седи правилно, а тоа значи дека клупата е висока и има простор за стопалата да се протнат под предните седишта. Исто и потпирачот е висок и правилно го потпира грбот. Тука може да се издржи и подолго патување. Во прилог на тоа оди и доволната ширина на кабината, како и оддалеченоста од покривот.

Затоа, пак, Puma назад како да е друг автомобил. По отворањето на поклопецот се прикажува простор со правилна форма, „бескрајно“ длабок, широк и висок. Тоа значи 456 литри, рекорд во сегментот. Зафатината е само дел од приказната. Вистинското изненадување следи по подигнувањето на долната полица. Таму се наоѓа екстра простор од 80 литри, исто така со правилна форма – специјалитетот е во тоа што просторот може да се измие со црево и нечистата вода да истекува низ посебен отвор. Тоа е корисно, на пример, при одлагање нечиста спортска опрема.

Самата полица поседува посебни држачи, за да остане подигната додека се одлага во просторот долу. Следното што се открива е неверојатно лесната конструкција на полицата. За тоа е користена посебна структура на саќе, којашто обезбедува лесната полица да биде исклучително цврста и да издржува потежок товар. Полицата може да се постави и на меѓуниво, за да се добие рамен под при соборена задна клупа. Дури и горната полица на багажникот има специјална кинематика, што помага просторот да биде уште попрегледен. Тоа се нарекува врвна функционалност и способност на производителите да изненадат и одушеват. Најдоброто: Сето тоа е стандард, нема потреба да се доплаќа ниту евро за оваа досега невидена функционалност. Кој не ја засакал Ford Puma „само“ поради изгледот, ќе ја засака поради овој MegaBox.

Со вешти зафати во подвозјето е постигнато Puma да има уште подобри возни својства од Fiesta, којашто и самата се вбројува меѓу најдинамичните модели во класата

Вистинскиот карактер на Puma се покажува во возењето. Дизајнот, просторноста, опремата, изработката, функционалноста на багажникот, сето тоа е неколку нивоа на сензација поблаго од чувството што следува зад воланот. Подвозјето е тоа што вистински го заокружува автомобилов. За тоа да се постигне, многу e работено. Задната торзиска оска е покрута, вграден се амортизери со поголем пречник, користени се покрути лежишта и дополнително се приспособени горните точки на коишто се прикачени водилките на тркалата, односно суспензијата.

Во поглед на возните својства, Ford Puma – кросоверот е истото што своевремено беше Ford Puma – купето. Ова е спортска изведба, или поточно спортска надградба на Fiesta. Со проширена трага на тркалата и со претходно спомнатите преправки, Ford Puma вози темпераментно, нагласено лесно, прецизно, доверливо, уживателски. Одвај може да е зборува за странично наведнување на каросеријата или за какви било негативни влијанија од тоа што каросеријата е повисока отколку на Fiesta. Сето тоа не треба да изненадува, Ford сепак уште од времето на првиот Focus става големо внимание на возните својства на своите модели, и познавачите, меѓу другото ја ценат марката и поради тоа.

Мајсторијата на инженерите на Ford се потврдува со фактот што овие исклучителни возни својства не се постигнати на сметка на комфорот во возењето. Puma движи со лесен и грациозен чекор како дива мачка. На моменти може да се почувствува крутоста на подвозјето, но тоа е светлосни години далеку од точката кога би можело да се критикува.

Светкавите детали на каросеријата и тркалата лакирани во две бои не мора да се разбираат како знак дека Puma не може да вози и надвор од асфалтот

При ловењето места за фотографирање, направивме и неколку излети подалеку од асфалтот. Се покажа дека и за тоа се мислело при развојот на автомобилов. Со внимателно темпо, Puma ќе извози и доста нерамен терен, иако отпрво личи како тоа да ќе биде недоветна задача за неа – секако, со нагласок на внимателно. Инженерите оставиле резерва и за тоа. Уште еден доказ дека овој Ford е правен со многу љубов.

Кај моторите, нема што да се наведува повеќе од тоа што досега го имаме кажано за понудата на Ford. Станува збор за еднолитарски EcoBoost со турбонатполнење, директно впрскување и со три цилиндри – оваа „бројка“ и по толку години останува да ја критикуваат токму ликовите што одвај имаат познавања од областа. Факт е дека трицилиндарските мотори се ниво што го има достигнато технологијата на мотори и инженери од светски ранг досега повеќепати ги имаат одликувано трицилиндарците на Ford.

Кога ќе се изземе критиката од „експертите“, фактите говорат дека 1.0 EcoBoost 125 влече моќно, рамномерно во целото работно подрачје, а воедно работи штедливо и чисто. Просекот на тестот изнесуваше 7,5 литри, без посебно штедење, што значи дека може да се постигне многу под таа вредност. На автопат, звучната кулиса е пријатна и не преоѓа во замор при подолго патување. Во целина, Ford Puma е универзално применлив автомобил, што е далеку од тоа да биде ограничен само на градски рути.

Седумстепениот менувач со двојна спојка одлично соработува со моторот. Промените се брзи, неосетни, навремени, сé е погодено точно. Еден неугледен прекинувач под рачката на паркирната сопирачка може да мине и незабележано, а може да биде од помош кога е лизгаво или се вози надвор од асфалт. Тоа е бирачот на програми за возење, со избор од пет опции: Нормална, штедлива, спортска, плус програма за лизгаво и за возење по земја. Во секоја програма соодветно се приспособуваат контролата на тракција, контролата на стабилноста и работата на менувачот DCT.

Ford нуди уште три погонски единици за Puma. Истиов 1.0 EcoBoost 125 е достапен и во изведба како благ хибрид, со стартер-генератор, заради дополнителна заштеда и екстра комфор при работата на старт-стоп системот, плус мала помош при забрзување и поаѓање. Оваа варијанта чини 700 евра повеќе од стандардната изведба како на тестот. Се нуди и варијанта со 155 КС, стандардно како благ хибрид (mHEV) и 1.700 евра над стандардната изведба. Последната опција е 1,5-литарски дизел со 120 КС.

Посебна приказна е Puma ST, со 1,5-литарски EcoBoost со 200 КС и спринт од место до темпо сто за 6,7 секунди, како и со бројни зафати во стилот и во подвозјето. Таа е само уште еден плус за Puma.

· Puma е универзален Ford за секаде и за секоја пригода

Кога е погодена основата, сé е погодено. Fiesta ја позајми погонската техника и подвозјето за кросоверот Puma – и се случи Fiesta меѓу кросоверите. Сите доблести што ги носи овој традиционален модел на Ford, присутни се и во Puma. За разликата од околу 20% во цената меѓу Fiesta и Puma, со ист мотор 1.0 EB 125 и со исто ниво на опрема Titanium, се добива автомобил што не познава за ограничувања. Puma изгледа привлечно, компактна е за градското секојдневие, а комотна е за излети и патувања, недостигжна е во приспособливоста и практичноста, моќна е, забавна, одлично опремена, со одлична погонска спрега. Целиот тој збир на особини создаде автомобил што е далеку од тоа да биде „само“ Fiesta качена на големи тркала. Во секој случај, автомобил што е создаван со многу внимание.

Сите детали за промотивната кампања за Ford Puma се достапни на страницата на Ми-Да Гранд Моторс

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen херберт дис

Илон Маск барал Херберт Дис да работи за Tesla пред да стане VW-шеф

Opel започнува кампања за Crossland, со новото лице на брендот