При купувањето користен автомобил, прво се гледа километражата. Купувачите ги одбегнуваат автомобилите што имаат повисока километража. Познавачите упатуваат дека не треба да се оценува само според километражата, туку и според должината на периодот во којшто се извозени тие километри.
Некои возила на пазарот на користени автомобили во Германија, имале тежок претходен живот, како такси, рентакар, доставни возила и секакви примени во службени цели. Тие возила однадвор не мора да се разликуваат од истите модели што имаат поминато помалку. Но, кога за само неколку години ќе се поминат стотици илјади километри, можно е дека некои компоненти на возилото биле изложени на силно напрегање.
Германски експерти проверија колку вакви возила со енормна километража се нудат на германскиот пазар на користени автомобили и за кои модели обично станува збор.
Автомобилите што се користени интензивно имаат поголема истрошеност од автомобилите што се користат нормално
Километражата на возилото кажува многу за неговата состојба. Автомобилите со висока километража, имаат поголема истрошеност во сопирачките, во деловите од подвозјето и управувањето, во моторот и менувачот, спојката, седиштата, рачките на вратите, педалите, воланот и облогите во внатрешноста.
Во истражувањето беа издвоени возилата што годишно во просек минувале преку 36.000 километри, односно 3.000 километри секој месец. Проверката во базата на податоци за користени автомобили, покажа дека 5,6 проценти од возилата минувале преку 36.000 километри годишно.
Возила што се користени како такси, рентакар или во достава, обично минуваат долго време во град. Постојаното забрзување и сопирање, возењето со незагреан мотор и менувач, честото влегување и излегување на патниците, како и товарањето и растоварањето стока, водат кон зголемена истрошеност на моторот, подвозјето, внатрешноста, менувачот и други компоненти.
Големата километража не мора секогаш да биде проблем. Кога некое возило има поминато 100.000 километри, главно по автопат, тоа било изложено на помали оптоварувања, од автомобил што секој ден се користел во градскиот сообраќај.
Мерцедес-Бенц Вито е меѓу моделите што се извозени најмногу
Проверката во базата на податоци покажа кои модели имаат поминато енормна километража. Прво е доставното возило Мерцедес-Бенц Вито, од коешто 19,5 проценти од возилата во базата имаат возено преку 36.000 километри годишно. Следи Фолксваген Туран со 16,7 проценти, по него е Фолксваген Пасат со 16,3 проценти од возилата со над 36.000 километри секоја година, па Мерцедес-Бенц В-Класа (15 проценти) и Шкода Кодијак со 13,2 проценти.
Овие модели обичлно се избираат како службени возила поради практичноста, штедливоста и намената како возило за долг пат. Поради тоа, истите им се омилени на компаниите и сервисерите. Приватните купувачи, пак, ги избираат возилата од истите причини и дополнително ги ценат комфорот, долготрајноста и достапните цени за сервисирање.
Возилата што претходно биле користени како рентакар, за достава, за заедничко користење (кар-шеринг) или за деловни патувања, не се разликуваат од обично користените возила во приватни цели, кога ќе се појават на пазар на користени возила. Истото важи и за такси возилата, коишто честопати само се обложуваат со фолија и истата се остранува пред возилото да се пушти во продажба.
Токму големата километража за кус временски период укажува дека возилото веројатно било користено како службено
Знаците за интензивно користење се разјадените страници на седиштата при често седнување и станување, истрошена облога на волан, педали и прекинувачи. На мачен претходен живот укажуваат и праговите, а секако и багажникот.
Но, сите овие траги може да се отстранат со вешти професионални зафати или да се заменат со нови или понови. Вложувањето во овие зафати се исплатува, затоа што на возилото ќе му се даде повисока вредност при продажбата. Заради сигурност, секогаш мора да се провери историјата во сервисната книшка – доколку истата постои.
Лажирањето на километражата е главен „инструмент“ за заработка на препродавачите на користени автомобили во Македонија
Дополнителен проблем е тоа што на македонските купувачи на користени автомобил претежно им се нудат возила со лажирана километража, за на тој начин да се постигне лесна заработка. Во државите во Европа, и не само во Европа, враќањето на километражата се смета како криминал и кражба на граѓаните. За купувачите да се заштитат, одговорноста е првенствено и единствено во државата.















