Шкода Суперб Спортлајн · Тест · Единица мерка за автомобил

Во заштитената територија на петметарски лимузини, каде што денес има место само за германското премиум трио, единствена не-премиум марка што го задржи углед за да понуди модел, е токму Шкода, со својот Суперб. Што е толку супер во оваа лимузина? Тест.

Денес на купувачите на долга лимузина им е останат избор од само три автомобили. Тоа може да биде само Мерцедес Е-класа, Ауди А6 или серија 5 на БМВ. Нема друго, мора да биде премиум автомобил, со сé што мора да се доплати за премиумот.

Алфа Ромео последен пат се вмеша со 166-ката до 2007 година, Џагјуар имаше добар обид со Икс Ф до 2024 година, но без бројки, Ланчиа утна со Тезис до 2009, Лексус ГС остана незабележан, на Масерати му беше залуден обидот со Гибли до 2024, Сааб исчезна комплетно, Волво држеше со С90 до 2025, но не додржа.

Во оваа „должина“, некогаш не мораше да биде премиум марка. Тука продаваа и Форд, до посрамотувачкиот фејслифт на Скорпио до 1998 година, Опел со Омега до 1999 година, јапонската четворка не пропушти да парира со Мазда Кседос 9 (до 2003), Мицубиши Галант (до 2000), Нисан Максима (2004), Тојота Камри (2025), од Французите најдолго издржа Пежо 607 до 2010 година, а инаетот на Хјундаи/Џенезис одвај дека вроди плод.

Единствено преживеа Шкода Суперб. Таа секако дека е далеку од класата и од премиумот на „мерцаудибемве“, но без оглед на тоа, на купувачите безрезервно им го нуди раскошот на просторноста. Исто како што Шкода Октавија отсекогаш балансира меѓу компакт и средна класа, со техника од првата, а со димензии од втората класа, така и Шкода Суперб, користи техника од средна класа, но со димензиите се мери со големите.

Чешката марка секогаш играше на истата карта, па беше поголема и од Фолксваген Пасат, чијашто техника ја користеше во првите три генерации, почнувајќи од 2001 година. Денес важи спротивното. Пасат и натаму е дел од понудата на матичната марка на целиот концерн Фау Ве, но тој се нуди само во комби изведбата Варијант. Суперб единствен остана да нуди две каросериски изведби, лимузина – поточно комбилимузина, затоа што каросериајта крие петта врата – и комби.

Шкода го презеде развојот и на Суперб, и на Пасат

Дури и повеќе од тоа, Шкода беше задолжена за развојот и подготовката за производство на новиот двоец Пасат-Суперб. Чесите ги развиja двата модели. Производството е во иста фабрика, во словачка Братислава.

Овој Суперб на тест е во мошне супериорна изведба. Покрај тоа што во неа работи дволитарскиот дизел со 193 КС, што секогаш оди со погон на сите тркала и 7-степен автоматски менувач со двојна спојка, Шкодава дополнително е во изведбата Спортлајн. Тоа во основа значи дека сé што надвор во стандардните изведби светка, тука е црно, вклучувајќи ги и натписите на опашот. Има и неколку зафати во изгледот на предниот браник, додаден е ненападен спојлер назад, подвозјето е покруто и спуштено 15 милиметри, а се одликува и со богата опременост.

Уште во основното ниво Есенс, Шкода ја испраќа Суперб од фабрика со паркинг сензори и камера назад, навигација со екран од 13 инчи, дигитални инструменти, греење на волан и на предни седишта, сензор за дожд, двозонска клима, тркала од лесен метал од 16 инчи. Фер е тоа што погонската конфигурација е достапна и со ова ниво.

Спортлајн е најмалку три скалила над појдовното ниво, коешто и самото е луксузно

Чекор погоре е нивото Селекшн, каде што Суперб се доопремува со контрола на климата назад, матрични диодни светла напред и задни диодни светла, самостојно отворање на вратата на багажникот, собирање на ретровизорите, пристап без клуч, стакла со дополнителна термо и звучна изолација, бројни практични детали.

Спортлајн крунисува со спортски предни седишта со електрика, тркала од 18 инчи, педали со метална облога, проециски дисплеј, амбиентално осветлување во 10 бои, но и прогресивно управување со променлив преносен однос, што придонесува за возливоста.

Просторноста секако дека е главна тема кај Суперб, но ова пак не е автомобил на метар. Тоа што остава вреден впечаток е изработката. Шкода си ги почитува купувачите на својата најпреставителна моделска серија, па соодветно им угодува со внимателна изработка и солиден избор на материјали. Дури и џебовите во вратите се обложени, што не е секогаш правило кај премиум марките.

Спој меѓу класични форми и технологија што е сработена паметно

Во одлична насока се движи и чувството на работното место на возачот. Место да се напаѓаат традиционалните и класични вредности со нови форми, нови распореди на командите и нови начини за ракување со функциите, тука човек е на познат терен. Но, тоа не значи дека е оставено само на класика, туку врз неа се додадени новите технологии, без тоа да биде прегласно.

Шкода беше посебно горда на прекинувачите за клима уредот, на класичното трио од тркалезни бирачи. Тие и натаму функционираат класично, но со додавање на дисплеј во нив, и со поврзување на истиот со средишниот екран горе, се добива чувство на нешто ново и унапредено.

Секој од тие три паметни бирачи има најмалку две функции. Страничните се и за температура во кабината и за греењето на седиштата, а средишниот има и екстра функции. Секое притискање носи кон нова функција: Распределба на воздухот во кабината, силина на дување, избор на програми за возење, местење на гласноста на звукот.

Раскошната просторност е облагодорена со изработката

Во средината што е облагородена со микрофибер и кожа, со светкави лајсни, штепови, занаетчиски детали во изработата, со црна пластика со многу „мрсно“ во неа, Суперб не е само поголема Октавија, туку е соодветно надградена во класа погоре, веројатно и две.

Назад се седи во класа. Не само што има луксузен простор што е двојно повеќе од многу, туку и положбата на седење и самата клупа се дораснати за големината на колава. Шкода се поправи од вториот Суперб, каде што задната клупа беше прекуса за оваа класа, и денес нуди вредност. Уште во претходното ниво на опрема се добиваат страници во потпирачите за глава што се извлекуваат, за главата да не шета ваму таму кога ќе се дремне назад во возење, па дури може да се добие и пакет, што содржи ќебе, со посебна ташна за него, а на тоа и уште дваесетина ставки од полето на практичноста, што е субспецијалност на маркава.

Благодарение на дебелите стакла, во кабината е тивко и пријатно темперирано. Дизел моторот и натаму ѝ личи на кола од овој формат, посебно кога ќе се погледне дека и со три четвртини во резервоарот, пак има досег од преку 800 километри. Потрошувачка со 6 пред запирката е гарантирана, освен ако не се вози 200 на час по германскиот аутобан.

Класичната работа на старт стоп системот не мора да е за поплака

Лимузинава е за пат и тоа што работата на старт стоп системот останува забележана не мора да биде за поплака. Кој е тргнат низ град, секако дека може да го исклучи системот, но зошто концернот и натаму е инертен околу помасовното воведување на благиот хибриден погон во своите модели, тоа останува неразјаснето.Фау Ве дури сега почнува со полн хибрид, во Голф и Т-Рок. Со благ хибрид, стартувањето на дизелот ќе беше помалку забележливо.

Околу моќноста нема сомнежи, тоа се близу 200 КС и точно 400 њутнметри, но не може да се очекуваат спротски манири. Моторот постигнува максимум на 3.600 вртежи и над тоа нема што да се бара. Возач што сака подинамично да ја тера Суперб и очекува менувачот вредно да префрли во најнискиот степен, кога ќе се тргне во лов на свијоци, ќе воочи дека менувачот се опира, односно задржува во постојниот степен. Дизелот не е создаден за тоа.

Кој сака лимузинава да ја вози како спортски компакт, можеби е подобро да разгледа верзија со дволитарски бензинец со 265 КС, каде што сигурно ќе има на располагање пошироко подрачје на вртежи на моторот и распчоложеност да се врати во втор степен, кога бројачот на вртежи веќе е на четири илјади. Цената е споредлива со 2.0 ТДИ 193, погонот 4х4 исто така е стандард.

Погонот на сите тркала не е само за снег и кал, туку и за возна динамика

Од претходните тестови на модели со оваа платформа е веќе познато дека погонот на сите тркала може да послужи и како помошник за да се постигне повисока динамика и возливост. Погонов не е само за снег и кал, туку е за секаде.

Возните својства ќе задоволат и спортски возачи, со тоа што се чувствува добар баланс на подвозјето, рано се јавува дека наближува граничното подрачје на стабилност, а и системите за асистенција не создаваат паника дополнително. И тие се соодветно дресирани кога ќе се префрли во спортската програма за возење.

Кој сака врв, односно максимално заокружен спортски пакет, покрај изборот на 2.0 ТСИ 265, може да доплати и за ДЦЦ Драјв Плус, каде што се добива и поголем распон на работата на подвозјето меѓу спортско и комфорно возење, заедно со прогресивно управување. Тоа е опција што чини 760 евра.

Зафатнината на багажникот отсекогаш импресионирана, но има еден детал

Багажникот е неприкосновен, како во поглед на зафатнината од преку 600 литри, така и во поглед на пристапноста и искористливоста, затоа што се работи за комбилимузина со петта врата. Колку навистина е голем багажникот, може најдобро да се открие кога ќе треба да се посегне по крајот, ако некој предмет е изгубен таму. Човек со просечна висина одвај ќе допре до таму.

Но, токму багажникот бара забелешка. Покрај сите доблести, долу останува релативно тенка и неубедлива подлога. Можеби е тоа оставено намерно, затоа што врз истата треба да натежнат и стотина килограми багаж, но ќе беше подобро ако се користеше цврста и тешка плоча, што ќе го издржи товарот.

Околу цените, Шкода Суперб можеби не е половина „поевтина“ од Пасат или од недопирливото премиум трио, но вистинската политика на цени и предноста се огледува кога ќе се посегне по пакетите на опрема, коишто се далеку подостапни отколку кај која било конкуренција. Вистина е дека останува малку простор за нешто да се доплати и дополни, посебно во Спортлајн, меѓутоа и тие ставки што остануваат, пак се „чудно“ достапни.

Пакет со полу-автопилот, што автоматски запира и ја следи колоната напред, заедно со камери за 360 степени, во Шкода чини 1.310 евра. Греење на ветробран, прскалки, задни седишта, чини 380 евра. Седишта со масажа, со микрофибер, повлекување назад при излегување и уште десетина ставки, заедно чинат 760 евра. Аудио систем Кантон е 620 евра, тркала од 19 инчи како кај тест возилото чинат 330 евра. Затоа, кога ќе се тргне во доопремување, ако воопшто има потреба од тоа, Шкодава ќе покаже уште една доблест.

Редовна цена на Шкода Суперб 2.0 ТДИ 4х4 Спортлајн (Порше Македонија) · 56.268 евра

Дополнителна опрема во тестираниот модел:

  • Системи за асистенција 535 евра
    (систем за следење лента, приспособлив темпомат со самостојно запирање, асистенција при застој на пат)
  • Пакет Клима 479 евра
    (греење на предни и задни седишта, волан, ветробран, прскалки)
  • 19-инчни алуминумски тркала Торкулар Блек 328 евра
    (полирани со гуми 235/40 Р19)

Шкода денес не мора да биде поевтина за да биде Шкода

Имиџот е тоа што продава автомобил во оваа класа, односно во оваа големина. На премиум лимузините не им недостига имиџ, иако и тоа денес е со резевра, но и на Шкода не ѝ недостига имиџ. Чешкиот производител изгради марка што оддава успешност. Не постои модел, не постои потег, што не ја исполниле мисијата. Шкода денес продава и во Индија, и на Средниот Исток, и во Германија и во Шведска. Во првите седум месеци, Суперб има надминато 30.000 продажби на европскиот пазар. Пасат Вариант пак е во предност, со околу 36.000 возила, но по Суперб, е „празно“. Кинески БИД Сил одвај доаѓа до 15.000 возила. А, за „премиумот“, БМВ продава помалку од својата петка, само малку над 29.000 возила. Ќе беа повеќе, ако Супербов не успееше да убеди и дел од купувачите што прво тргнале по баварската марка.

Шкода Суперб 2.0 ТДИ 4х4 Спортлајн во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар

Skoda Superb 2.0 TDI EVO 4×4 193 Sportline

Претходна објаваАуди А2 некогаш трошеше три литри, денес минува 650 километри на струја
Следна објаваЗа електрично Поло, Шкода Епик, се чека најмалку 10 месеци