за

BMW XM е параден коњ за моделот за 50 години M GmbH

Важен јубилеј му претстои на BMW во следната година, половина век на спортскиот огранок M GmbH. Концептот XM е само најава.

BMW X8

Концептот BMW XM е најава за најмоќниот модел со знакот на M GmbH што ќе биде претставен в година, во чест на 50-годишнината на спортскиот огранок на Баварците. Првото појавување на XM пред јавноста е во рамките на Арт Базел Мајами Бич, своевиден саем за уметност со највисоко реноме.

Тоа што Concept XM го прикажува сега, светот ќе го види во форма на сериски модел, што BMW M GmbH го развива посебно за одбележување на половина век постоење. Сериското производство на моделот што ќе произлезе од концептот ќе стартува кон крајот на следната година, во фабриката во Спартанбург, САД, којашто е специјализирана за теренските модели под сино-белиот знак.

Повеќе не е изненадување тоа што XM користи приклучен хибриден погон, што од една страна овозможува возење до 80 километри чисто на струја, а во комбинација со моторот V8 овозможува и поститнување врвни перформанси, својствени за „M“. Концептот е посебно важен и по тоа што ги прикажува цртите коишто ќе ги красат идните модели од луксузната класа на BMW.

BMW XM следи за 50-годишнината од првиот независен модел, BMW M1. Идниот сериски автомобил ќе се нуди само како М и само со приклучен хибриден погон

Срцето на погонската спрега ја сочинува V8, кој во комбинација со електромотор со високи перформанси произведува системски 750 КС и 1.000 њутмнетри. „Со серискиот модел, првиот чист BMW M по легендарниот BMW M1, јасно покажуваме дека чекор по чекор ја спроведуваме електрификацијата на нашата марка“, изјави Францускус ван Мел, директор на BMW M GmbH.

New item by Automedia MK / Google Photos

Изгледот што го потпиша Домагој Дукец отстапува од сите вообичаени рамки, со цел XM да биде максимално впечатлив и различен. Кокпитот исто така е изведен различно, заедно со комфорни седишта назад и со осветлен таван.

Носот на XM ќе го препознаваме и во низата нови модели од најлуксузната класа на BMW, што исто така стартува в година. Во духот на старите времиња, светлата повторно се дводелни, но и смалени се на најмала можна мера. Бубрезите апсолутно доминираат и имаат форма на осумаголник. За ефектот да биде уште повпечатлив, рамките на бубрезите се осветлени, за тие да бидат јасно видливи дење и ноќе. Логото е посебно за XM.

New item by Automedia MK / Google Photos

Предните столбови се лакирани црно и го насочуваат погледот кон покривот што изгледа како платнените покриви на луксузните автомобили од почетокот на минатиот век. Одвај се забележуваат малите светлечки елементи над предните столбови. Тоа се фини и свежи детали, несомнено инспирирани од теренците од стар ков. 

Профилот на хаубата го следи горниот раб на бубрезите, оставајќи место за знакот на BMW. Уште еден детал што се забележува на втор поглед се отворите во хаубата, со иста форма како предните светла. Дизајнот се открива дел по дел. Сé е толку усогласено, што масивниот панел во сјајна црна боја околу бубрезите се забележува последен. BMW има добар дизајнер.

Каросеријата е лакирана во два тона, но за разлика од вообичаениот манир, тоа не се контрастни бои, туку спротивното, бои што совршено се надоврзуваат

Каросеријата е во две бои, горниот дел во златно бронзен тон со мат ефект, долниот дел во сива металик боја. Многу ефектно е повлечена дебелата црна линија под и над прозорците, со впечатливо строги прекршувања. Тоа е „Black Belt“, што ги раздвојува двете бои. Ретровизорите исто имаат голема свежина во изгледот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Доминантниот елемент отстрана е „кладингот“, тоа е црниот појас околу арките во крилата и по праговите, што е својствено за дизајнот на BMW X. Тркалата од 23 инчи го даваат крајниот шмек.

Задното стакло речиси незабележливо се втопува со каросеријата. Логото отсуствува на вообичаеното место, но затоа е присутно двапати во опашот на XM, во горните рабови на задното стакло. Самото лого е изработено во стаклото со ласер. Тоа е по пример на историскиот M1. Впечатливи се задните светла, коишто всушност се линија во форма на L. Тие се само темни линии, што „зацрвенуваат“ само кога светлата ќе се активираат. Од секоја страна на V-моторот се изведуваат по две издувни цевки, што назад завршуваат ефектно.

New item by Automedia MK / Google Photos

Пријатно изненадување од главниот дизајнер Дукец, роден во Франкфурт со хрватско потекло, следи во кабината. Седиштата се обложени во кафена кожа, во боја и со структура како кај старите луксузни крстосувачи. Спојот меѓу луксузот и мотоспортот се симболизира преку примената на карбон и бакар. Амбиенталното осветлување работи во три бои: Црвена, светло сина, темно сина. Секако, тоа се боите на M GmbH.

New item by Automedia MK / Google Photos

⇒ ⇒ Цени и технички податоци за сите модели на BMW на македонскиот пазар, на нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/inventory/?marka=bmw

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Corolla Cross е уште еден нов модел во понудата на Toyota

Производителот на iPhone ќе користи техника од BMW за своите автомобили