за

Tesla Model 3 најпродаван електричен автомобил во Европа лани

Конечните бројки ќе се објават наскоро, но сосем е извесно дека Tesla Model 3 e најпродаван електричен автомобил во Европа во минатата година.

Tesla Model 3 poevtina izvedba

Со повеќе од 60.000 продадени примероци до ноември минатата година, лесно е да се поверува дека Volkswagen ID.3 и Renault Zoe се шампиони меѓу електричните автомобили на европскиот пазар. Но, еден модел ги надминува нивните продажби речиси двојно.

Тоа се бројки што натераа многумина да се откажат од придавката „иднина“, при секое спомнување на електричните автомобили. Volkswagen ID.3 до ноември лани се продал во 62.467 примероци или за 124 проценти подобро отколку во истиот период во првата пандемиска година. Не заостанува ниту Renault Zoe, со 60.362 примероци, иако класичарот на електро-пазарот забележал намалување од 28 проценти во споредба со ‘20.

Вистинскиот шампион сепак е Tesla Model 3, од калифорнискиот специјалист за електрични автомобили, што наскоро ќе стартува со производство во фабриката во Берлин. Model 3, автомобил со големина и перформанси на серијата 3 на BMW или Mercedes C-Class, од јануари до ноември постигнал вкупно 112.687 продажби на 25-те најголеми пазари во Европа, што претставува напредок од 85% проценти во споредба со преклани. Само во септември беа регистрирани повеќе од 50.000 нови примероци од Tesla Model 3, што воедно и направи електричната лимузина да биде воопшто најпродаван модел на целиот автомобилски пазар во септември – повеќе од кој било модел со бензински или дизел мотор.

На нашата тура со електричен Peugeot e-208 до Градешница, во срцето на битолскиот дел од Мариово, беше сосем јасно дека многуте предрасуди околу погонот на батерија мора да се надминат

Повеќе е неизвесно како ќе заврши трката за второто место, меѓу Volkswagen ID.3 и Renault Zoe. Во битката се вмешува и еден нов модел, од марката што многумина ќе изненади со фактот што воопшто нуди електричен автомобил – Dacia Spring според продажбата во ноември е на третото место, со само мал заостаток зад Zoe. Во меѓувреме, и Tesla има нов модел во понуда, Model Y, којшто е СУВ-изведбата врз платформата на Model 3. Тој била четврти најпродаван електричен модел во ноември. Годинава, електричниот СУВ лесно може да го престигне и Model 3. Пријатно освежување е осмото место на електричната изведба на Peugeot 208, со близу 4.500 продадени примероци во претпоследниот месец од годината. Французите исто умеат да изненадат.

Топ 20 Најпродавани електрични автомобили во Европа

Во ноември ’21, на 25-те најголеми пазари

1 TESLA MODEL 3 · 10,739
2 RENAULT ZOE · 8,658
3 DACIA SPRING · 5,746
4 TESLA MODEL Y · 5,347
5 SKODA ENYAQ · 5,041
6 VOLKSWAGEN ID.4 · 4,748
7 VOLKSWAGEN ID.3 · 4,707
8 PEUGEOT 208 · 4,454
9 VOLKSWAGEN UP · 4,204
10 KIA NIRO · 4,140
11 FIAT 500 · 4,113
12 MINI HATCH · 4,108
13 HYUNDAI IONIQ 5 · 3,884
14 HYUNDAI KONA · 3,721
15 NISSAN LEAF · 3,478
16 AUDI Q4 · 3,209
17 RENAULT TWINGO · 3,057
18 MERCEDES EQA · 2,976
19 SMART FORTWO · 2,725
20 FORD MUSTANG MACH-E · 2,679


Во нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/ можете да ги погледнете сите електрични автомобили што се нудат на македонскиот пазар

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овие модели имаат важни јубилеи во 2022 година

Повеќе од 120 нови модели доаѓаат во 2022 година