Електричниот погон е главната тема во автомобилската бранша веќе подолго време, а сосем е извесно дека ќе остане така уште многу долго. Околу погонот на батерија сепак постои недоверба, во поглед на досегот и во поглед на достапноста на полначите. Електрични автомобили од новата генерација во меѓувреме станаа дел од редовната понуда на повеќе марки во Македонија. Еуроимпекс, верно на својата пионерска традиција, меѓу првите ги вклучи електричните автомобили во својата понуда. При договарањето околу изборот на моделот на Peugeot за третата етапа, до битолскиот дел на Мариово, повеќе резервираност околу идејата за етапата да се реализира со електричниот e-208 имаше кај нас, во редакцијата на Аутомедиа, отколку кај увозникот. Патот сепак ќе нé води во планински краишта, педесетина километри далеку од Битола, без алтернатива да се смени рутата. Во Еуроимпекс, сепак си го познаваат автомобилот најдобро и веруваат во електричниот 208: „Да, тоа е одлично, ќе ви го подготвиме автомобилот!“
Историски моменти во автомобилизмот и во електромобилноста во Македонија. Со електричен Peugeot e-208 ќе возиме од Скопје до Градешница, село во битолско Мариово, оддалечено 56 километри источно од Битола, а тоа значи и исто толку километри далеку од најблискиот електричен полнач. Нормално, за враќање, во батеријата треба да ни остане енергија за уште најмалку 56 километри. Овој автомобил нема друг погон, освен електричен. До одредиштето на нашата трета етапа низ Мариово ќе нé водат ридски патишта, низ исконски македонски села што се наоѓаат на преку 800 метри надморска висина. По пат ќе имаме и стрмно спуштање низ Скочивирската Клисура на Црна Река, во делот по селото Рапеш, и нормално дека потоа следи исто толку стрмно искачување до „Големо Мариово“, како што мештаните го познаваат делот десно од Црна Река. Тоа претпоставуваме дека ќе биде солиден предизвик за електричниот погон, за батеријата.
Утрото се поаѓа со 312 километри досег на батеријата. Реално, вредноста за досегот требаше да изнесува 340 километри, меѓутоа е-208 уште ни го помни возењето од претходниот ден. При запознавањето со францускиот електричен автомобил ги проверувавме и неговите динамични својства, па затоа тој ни предвидува дека со такво возење, по приклучувањето на полнач вечерта, би имале досег за 312 километри. Тоа е дури и повеќе од доволно. До Битола има околу 170 километри.
Погонската спрега ја сочинува електромотор со моќност од 100 kW, односно 136 КС. Вртежниот момент достигнува 260 њутнметри и својствено за електричниот погон е достапен мошне рано. Долу во подот е вградена батеријата со капацитет од 50 киловатчасови, којашто не одзема од стандардната големина на багажникот. Пренесувањето на погонската спрега до тркалата не се врши преку класичен менувач, туку преку преносник со еден степен. Моќниот вртежен момент што електромоторот го произведува уште од најниски вртежи, исклучува потреба од менувач со повеќе степени.
Секогаш е забавно кога Peugeot e-208 со минимален напор повлекува прв на семафор, а притоа е уште и безшумен
Долу во конзолата меѓу седиштата се наоѓа копче со коешто може да се избира начинот на работа на погонската спрега: Нормален, штедлив и спортски. Во третиот случај, Peugeot e-208 ќе спринтува како спортска машина, од место до темпо сто му се потребни само 8,1 секунди. Овој автомобил дефинитивно нема да биде пречка во сообраќајот на пат до Битола, а потоа и до Мариово. Напротив, e-208 е брз, темпераментен, моќен. Не е случајност тоа што електричниот модел ги има истите стилски обележја како верзиите GT и GT Pack, односно проширувањата на крилата лакирани во црн пијано-финиш или впечатливиот дифузор назад во истата боја. Единствено недостига издувна цевка. Нема што да издувува. Овој Peugeot има нулта емисија на штетни материи.
Вертиго-сината боја со „длабински“ ефект како кај скапите британски гран-туризмо автомобили, прави 208 да биде уште повпечатлив во својата појава. Станува збор за трислоен лак, затоа изгледа така оваа вертиго-сина боја. Истото важи за еликсир-црвената боја. Дизајнерите секако знаеле дека луѓе ќе се вртат по автомобилот и ќе загледуваат дали се работи за електричната верзија. Врв на дизајнерската работа е „лавот“ во маската, што ги менува нијансите, зависно од аголот на гледање. Постојано се открива по некој нов детал, на пример, ламелите во маската што исто се лакирани во боја на каросеријата. Тркалата од 16 инчи од лесна легура со дизајн „Elborn“ се стандард и се ексклузивни за e-208. Во ниво на опрема Allure, тестираниот Peugeot пречекува во кабината со убаво профилирани седишта, обложени во комбинација од вештачка кожа и штоф со некоја француска шара, штепувани во „минт“ боја. Овој автомобил не е направен да се лакта со дампинг цени, овој е создаден за обожуватели.
Електричниот Peugeot треба да биде забележан, сепак неговата сорта денес е главна на патиштата. По автопатот по Катланово е сосем неважно тоа што големи лимузини со растропани дизели од германските автоплацеви пројуруваат и прочуруваат одлево. Мисијата на овој автомобил е сосем различна од онаа на обичните автомобили. Тука се ужива во предностите на електричниот погон, не е потребно човек да ги престигне сите, да им блиндира и долго да им свири на автомобилите пред него, за да ужива во возењето.
Буквата „e“ што стои на задните столбови може да застапува многу работи: Енергичност, економичност, и секако, електричен погон
Во Peugeot e-208 сé изгледа порелаксирано, почовечки. Внатре е тивко, единствено се слуша струењето на ветрот. Релаксираноста важи и за вредностите што ги прикажува патниот компјутер. Без какви било откажувања во поглед на брзината, со возење исто како да се работи за бензинец што има гориво за уште илјада километри пат, брзо пристигаме на езерото Младост, пред Велес. Peugeot кажува дека има батерија за уште 266 километри. Имаме поминато 44 километри.
По Велес продолжуваме по стариот пат кон Градско. Францускиов електромобил создава такво расположение, човек сака повторно да биде поблиску до природата и да вози со отворен прозорец, место да јури по автопат што изгледа исто и тука и пет илјади километри оттука. По Градско, се издвојуваме десно по правецот што води до Охрид и Битола. Со 256 километри досег и шест полни батериски модули (од вкупно 8, на дисплејот постојано имаме увид во тоа), може во моментот без какво било двоумење да се продолжи и до македонскиот езерски бисер, оддалечен 169 километри. Знакот ни сооопштува и дека до Битола имаме уште 96 километри.
Тешки камиони се развижени по патот, тоа би требало да е веродостојно сведоштво за економијата. Престигнувањето е едно од најголемите „уживања“ во електричните автомобили. Тоа секако не значи дека со нив треба постојано да се престигнува, туку уживањето се однесува на леснотијата со којашто Peugeot e-208 забрзува. Самата процедура на престигнување, којашто во основа претставува еден од најголемите ризици во возењето, тука се сведува на лесна вежба што трае две три секунди. Секако, се намалува и ризикот да наиде возило отспротива.
Радиото е речиси непотребно во електричниот Peugeot, се ужива во новата тишина во возењето – додека не почне да се слуша како „меле“ диференцијалот на камионот напред
На момент, во возењето ни се појавува некој „неприроден“ звук. Изворот на звукот е директно напред, тоа е стар камион од градежништвото, што празен јури по патот и наоколу гласно се слуша диференцијалот. Причината за тој звук да се слуша во e-208, сепак не е во неговата недоволна изолација, како што коментираше еден читател на нашите „инстаграм сторис“, туку во фактот што Peugeot вози безшумно. Нема сопствен мотор, бензинец или дизел, што ќе се слуша во кабината и ќе го прикрива звукот на тешкиот камион напред. Пуштање на радиото на најтивко го решава „проблемот“.
По кривулестиот пат, автомобилчево (големо колку Pеugeot 306, патем) докажува колку неговите возни својства профитираат од батеријата што е вградена ниско во подот и прави тежиштето на целиот автомобил да биде многу пониско во споредба со неговите бензински браќа. Peugeot e-208 лежи како „плочка“. По реакцијата по благото додавање на воланот се чувствува дека автомобилов уште е многу далеку од своите граници на стабилност. Французите го нудат e-208 и во спортските изведби GT и GT Pack, тоа му прилега добро.
Со „енергетски раскош“ во батеријата, постепено се приближуваме до делот кога патот почнува да се искачува кон Плетвар, со неговите 999 метри надморска висина. Електричниот Peugeot се движи како локомотива. Ако на темпоматот се намести 80, 90, електромоторот без какво било колебање ќе ја одржува брзината по угорнината. Има моќ. Толку, сепак, не е дозволено на тој дел од патот, а има и големи свијоци. Со наместени 60 km/h е уживање колку лесно и игриво 208 ја совладува угорнината. Некој може и да нé престигне, но кој уште го забележува тоа.
Нема прегревање на моторот, па дури и сопирачките честопати остануваат поштедени, кога возачот место да притска врз нив, го повлекува бирачот за возење во положба B
Додека автомобил со обичен погон, горе на починката под Плетвар, би го вклучил вентилаторот по запирањето и на два метри би се чувствувала топлина од моторот, Peugeot е „студен“ како мраз. Сé оди брзо и лесно, нема потреба од пауза. Патниот компјутер пријавува енергија за уште 178 километри. Минута подоцна, тој вели 218 километри, додека возилото уште мирува. Прави некакви пресметки таа вештачка интелигенција, но излегуваат точни.
Многу поинтересно ќе биде спуштањето. Надолу се дозволени 70 km/h, полициското возило е како предводница напред. Темпото ни одговара, затоа што e-208 по целата должина на спустот ќе генерира електрична енергија и ќе ја складира во батеријата. На станицата за гориво, на двоењето на патот за Битола, компјутерот пријавува 252 километри досег. Сите мерења ги објавивме како „приказни“ на инстаграм, тие може во секое време да се погледнат и да се добие уште поверодостојна слика за нашето патешествие.
>>> До приказните што ги објавивме на инстаграм: https://www.instagram.com/stories/highlights/17892038006075020/?hl=en
Овој Peugeot ретко ќе „гледа“ станици за гориво. Реално, него секој приклучок за струја му е „бензинска“. Да се приклучи на обичен домашен приклучок, тој пак ќе полни. Роднините и пријателите во друг град, ќе ги кријат продолжните кабли кога ќе им доаѓате на гости. Сепак нема причина за такво „стравување“, затоа што ако се погоди недела, полнењето енергија за сто километри пат, а тоа на нашево возење се 8,0 киловатчасови за сто километри, би изнесувало 8,0 kWh х 2,99 денари = 23,92 денари. Точно толку, 23 денари и 92 дени. По скапа тарифа, би биле 47,6 денари.
На правецот до Битола, електромобилов како да се движи по едра, потрошувачката е на минимум. Секако, најмногу енергија се троши за забрзување. Разлика, дали се вози со темпо 80 или 100, во моментната потрошувачка одвај дека постои, на правци како овој. Затоа, правилото за добар енергетски биланс е: Бавно и внимателно забрзување и одржување постојана брзина, без откажување од темпото. Повеќе од 100 km/h, тука сепак не се вози. Неколку читатели ни се пожалија и за (не)квалитетот на патот. Вистина, оваа важна делница досега не помниме дека била во полоша состојба. Тука станува збор за делница што ги спојува Скопје, Велес, Прилеп, Битола, Охрид, властите секако дека не смееја воопшто да го запоставуваат овој пат.
Бројни ситауции во возењето електричен автомобил се доживуваат ново и различно, тоа прави возењето секогаш да биде забавно
Малку помош од техологијата. За Битола ѝ поставуваме одредиште на навигацијата да нé донесе до станицата за полнење електрични возила. Таа е на паркиралиштето пред Градскиот стадион и Паркот, веднаш отспротива почнува „Широк сокак“, Епинал исто е на два чекори. Двете места резервирани за електрични автомобили се слободни, времето е малку по 11 часот. Патувањето траеше нешто повеќе од три часови, но вклучувајќи бројни запирања заради фотографирање и запишување на вредностите.
А, вредностите во Битола се следните: Наполнетост на батеријата 47%, досег за 136 километри пат со претходната динамика, четири од осум батериски модули полни, 3 часа и 45 минути времетраење на полнењето до 100%, брзина на полнење 42 километри на час (за еден час ќе се наполни енергија доволна за 42 километри пат). Доколку се остави Peugeot e-208 да „отстои“ близу четири часови на полнач, тогаш ќе имаме повеќе од доволно енергија и за патот до Градешница и назад до Битола, и за враќање до Скопје. Но, како искусни електромобилисти, знаеме за еден детаљ околу полнењето: Батеријата се полни релативно брзо до 80% и потоа забавува до 100%, заради заштита на батеријата и општо на техниката. Затоа, Peugeot ќе остане на полнач само еден час, колку додека добиеме „двојка“ како почетна бројка на досегот.
Еден час во друг град минува брзо. Во Битола уште побрзо. Еден час за пиење кафе е малку време, но еден час за чекање на полнач е многу?
По малку повеќе од еден час, клучното патешествие на целата оваа мариовска трилогија може да почне. Не постои неизвесност дали e-208 ќе вози со оваа батерија до селото на Итар Пејо, село со девет цркви и три манастири. Неизвесност има само околу тоа, дали ќе се сетиме навреме да појдеме назад за Битола. Убаво е ова наше Мариово, без разлика од каде ќе се појде и во кој дел ќе се заврши.
Бидејќи патот нé води со бавно темпо низ битолските села во тој крај, патниот компјутер веднаш ја зголеми прогнозата за досегот, на 210 километри, кусо пред Новаци. Следи интересна „средба“, со РЕК Битола. Енергијата за електричните автомобили во голем дел доаѓа оттука. Преоѓањето на одржливи извори на енергија, во светот е започнато веќе одамна, во голем дел некаде е дури и завршено, а нашите државници повеќе беа посветени на други работи. Реално, бројот на електрични автомобили по македонските патишта би требало да се зголемува со динамика од десетици илјади нови автомобили на струја секоја година, за домашниот енергетски микс да стане релевантен. Во меѓувреме се најавуваат нови енергетски комплекси, имаме сонце, имаме планини и реки, имаме ветришта, единствено што е суштински неопходно е малку поголема „интелигенција на државата“.
Денес се размислува многу потрезвено, од гледиште на зачувувањето на животната средина и подобрување на квалитетот на живот, меѓу другото токму благодарение на животната средина. На момент запираме над Суводол, да ја погледнеме „еко-катастрофата“ – барем, таква ни изгледа сега. Цели планини со јаглен се „симнати“ и согорени да се произведе електрична енергија. Тоа станува многу видливо од денешно гледиште.
Пра-предокот Peugeot 106 Electrique беше изработен во мала серија уште пред 25 години, главно за големи компании со возни паркови
Исто е со електромобилноста. Преоѓањето на електричен погон требаше да се одвива многу побрзо. Toyota, патем, подолго од две децении го нуди хибридниот погон. Peugeot 106 Electrique пред 25 години беше изработен во ограничена серија и многумина веруваа дека почнува „новата ера“.
Природата е најмоќна од се. Кусо по РЕК и по Суводолското Езеро што е создадено заради заштита во случај на дефект, повторно се слуша веселото пеење на птиците, природата живее. Патот е широк и подлогата е квалитетна. До Градешница може да извози секој автомобил. За разлика од прилепскиот дел, кој се одликува со долини, и тиквешкиот дел, што содржи висорамнини, кањони, шуми, планини, битолско Мариово е целото во ридови. Патот оди постојано горе долу, но расположението останува високо.
Овојпат ќе го прескокнеме репортажниот дел. Трите „хајлајти“ на битолскиот дел од Мариово се Старавина и висорамнината од којашто патот води кон селото на Калеш Анѓа, потоа глетката пред спуштањето од Рапеш низ Скочивирската Клисура до Црна Река и преминувањето преку Рапешки Мост, и секако, Градешница. Зовиќ исто така е одредиште што не смее да се пропушти при посета на овој крај, меѓу другото и поради прочуениот Зовиќки мост, филмскиот мост.
Кога озгора ќе се погледне кон Црна Река долу во клисурата, по малку се јавува сомневање, дали искачувањето од спротивната страна на реката ќе му одземе многу енергија на електричниот Peugeot
Пред спуштањето по клисурата, се јавува по малку сомневање, колку енергија ќе му биде потребна на Peugeot e-208 за повторно да се искачи од другиот крај. Но, и тоа се покажува непотребно, затоа што електромобилов секогаш се однесува домаќински со енергијата. Неверојатно е тоа што погонската спрега го постигнува со повратокот на енергијата при сопирање и при движење под залет.
По сите спуштања и повторни искачувања, батеријата во Градешница уште покажува дека е наполнета до половина и располага со досег од преку 200 километри. Според тоа што го пресметал патниот компјутер, излегува дека на овие близу 60 километри, Peugeot одвај потрошил енергија. Ситуацијата сепак не е толку идеална, меѓутоа за груба ориентација може да се следи правилото: При спуштање по одредена делница, електромоторот може да врати околу 60% од енергијата што ја потрошил за искачување по истата делница и со истата брзина.
Дека пресметката на патниот компјутер е далеку од бесмислена се покажува по враќањето во Битола. Вредноста на преостанатиот досег: 128 километри. Повторно следи еден час полнење, односно Peugeot e-208 ќе остане на полнач точно додека се добие досег од околу 170 километри, колку што ни останува пат на враќање за Скопје. Со 182 километри досег и просечна потрошувачка од 8,0 киловатчасови на 100 километри, по еден час на полнач следи враќањето. Калкулираме дека во случај енергијата да биде недоволна до Скопје, можеме да полниме во Велес.
Назад за Скопје првпат ќе возиме штедливо. Досегот во Битола ни вели дека имаме енергија за уште 182 километри, тоа е само малку повеќе од 171 километри колку што има до Скопје
Првпат на турата ќе возиме побавно од дозволената брзина, место точно со пропишаното темпо. Патот за Прилеп вечерта е празен, оставаме темпоматот да одржува темпо 80. Ефектот се покажува за кусо време. По десетина километри со бавното темпо, прогнозата за досегот повторно е иста како при поаѓањето. Но, рано е за радување. Следи повторно искачување на Плетвар. Без застрашувачки вредности по превојот, со нетрпение очекуваме електромоторот да почне да произведува струја по надолнината. Така и се случува, единствено што досега никој не забележал колку долго всушност трае надолнината. Веројатно десетина минути, електромоторот дејствува како генератор и полни. Досегот повторно покажува 250, 260, близу 300 километри.
Полнење во Велес сепак нема да биде потребно. Лавовскиов автомобил е мошне благодарен кога се вози внимателно во поглед на енергијата. Искачувањето на Ветерско минува без проблем, надолу пак следи уште едно долго генерирање енергија. Во Скопје доаѓаме со изминати 460 километри, со просечна потрошувачка од 8,1 киловатчасови на сто километри, со просечна брзина од 38 километри на час (со безброј запирања заради фотографирање итн.) – и најважното, со прогноза дека со енергијата во батеријата ќе можеме да извозиме уште 80 километри! Батеријата е полна 22 проценти. Peugeot e-208 ќе оди на заслужен одмор, дури и воопшто нема да се приклучува на полнач, туку директно во приклучна кутија во гаража. Секој има „полнач“ за овие автомобили на струја.
Нормално, по овој возбудлив ден, следи првото гледање вести и враќање во македонското секојдневие. Колку ли е тоа различно од „мариовската Македонија“. Тој историски крај, неверојатно богат крај, а пак пропатен крај, револуционерски крај, благословено православен крај, Македонија во најконцентрирана форма, има моќ да отрезни, заплаши и освести.
Репортажниот дел овојпат изостана, од почит кон оние малкумина кои ја имаат вештината, таа убавина, таа чудна и непресушна мариовска енергија, да ја преточат во збор. Многу животни вистини се дознаваат во тие предел. Да го посетуваме Мариово и да го чуваме, без разлика дали семејните корени потекнуваат оттаму или не.
Заклучок за електричниот погон и за Peugeot e-208? Македонија увезува енергија, троши стотици милиони евра секоја година за увоз на нафта. Нашава земја располага со најразновидни можности за производство на енергија, чисто и одржливо. Вложувањето во електромобилноста е вложување во ослободувањето од зависноста од увозот на нафтата што светот сé помалку ја сака. Електромобилноста треба да се гледа како еден вид економска гранка. Единствено народот треба да верува во тоа и да бара од македонските политичари да го реализираат тоа. Кој цени поинаку, прво нека го посети Мариово.

Технички податоци · Peugeot e-208
Должина (mm) |
4055 |
Ширина (mm) |
1745 |
Висина (mm) |
1430 |
Меѓуоскино растојание (mm) |
2540 |
Преден / заден препуст (mm) |
825 / 690 |
Преден / заден траг (mm) |
1500 / 1500 |
Круг на вртење (m) |
10,4 |
Број на места за седење |
5 |
Ширина на кабина кај лактите напред / назад (mm) |
1382 / 1350 |
Ширина на кабина кај рамена напред / назад (mm) |
1360 / 1319 |
Висина на простор за глава напред / назад (mm) |
877 / 812 |
Зафатнина на багажникот (L) |
265(VDA210) / 311 |
Max. зафатнина на багажникот (L) |
309 (VDA210) / 406 |
Најмала ширина во багажникот (mm) |
979 |
Најмала висина во багажникот (mm) |
488 |
Тежина на празно возило (kg) |
1483 |
Најголема дозволена маса (kg) |
1918 |
Автономија (km) WLTP |
до 340 |
Тип / капацитет на батерија (kWh) |
Литиум-јон, 50 |
OBC претворувач |
11 kW / можност за користење брз полнач до 100 kW |
Сила на моторот [kW (КС) / при вртежи во min.) |
100 (136) / 5500-10000 |
Најголем вртежен момент (Nm при врт. во min.) |
260 / 300 при 3700 |
Полнење на домашен приклучок (8A) |
29h |
Полнење при зајакнат домашен приклучок (14A) |
16h 30min |
Трофазен приклучок 11 kW (32A) |
5h 15min |
DC брз полнач до 100 kW |
30 min (до 80%) |
Максимална брзина (km/h) |
150 |
Забрзување 0 – 100 km/h (s) |
8.1 |
1.000 m од место (s) |
30,6 |
Потрошувачка на енергија ( kWh / 100 km ) WLTP |
до 16,3 kWh |
Менувач, Тип |
Автоматски |
Предни сопирачки |
Вентилирани дискови |
Задни сопирачки |
Дискови |
Предно потпирање |
Псевдо мекферсон |
Задно потпирање |
Со торзиска оска со надолжни водилки |
Гуми |
195/55R16 |
Цени на Peugeot e-208 во одделните нивоа на опременост
- Peugeot e-208 Active Pack · 35.090 евра
- Peugeot e-208 Allure · 35.430 евра
- Peugeot e-208 Allure Pack · 36.010 евра (тестираниот модел)
- Peugeot e-208 GT · 37.490 евра
- Peugeot e-208 GT Pack · 38.810 евра
Еден коментар
ОдговориOne Ping
Pingback:Британски трговци со мебел возат електрични Peugeot e-2008 - Automedia