за

Патуваме со Peugeot низ Мариово: Филмска прашина, скриени богатства, ликови од романи

Повторно сме во Мариово. Овојпат возиме по прилепскиот дел од овој крај што секогаш остава уште многу за откривање. Peugeot ни е главниот придружник на патувањата.

peugeot 208 - Витолиште, Мариово

Кога луѓето денес избираат одредиште за убаво да си починат од бетонот и од градската машинерија, тоа обично е едно и конкретно место. Водопад, езеро, град, панорама, места што веќе се посетени. Со време, тоа станува здодевна рутина. Во оваа наша прекрасна Македонија, тоа е исто како човек во трговски центар секогаш да купува во првата продавница до влезот, без да посака да види што има во другите продавници. Во однос на сите тие места, кои секако се убави и самите се вредни за посета, Мариово е како трговски центар наспроти продавничка на пазар. Во втората тура во овој божествен крај, возиме во прилепскиот дел, целта ни е Витолиште, оддалечено педесетина километри источно од Прилеп. Автомобилот што ни ја направи турата уште поубава е Peugeot 208. Има и причина зошто е избран овој модел.

А, кој пат вози за Мариово? Каде би помислиле дека треба да скршете, ако знаете дека прво треба да се упатите кон Прилеп? Оттаму водат патишта во сите правци низ Македонија. Право на запад е Крушево, друг правец води кон северозапад, кон Поречјето, Македонски Брод и езерото Козјак, а патот право е совршено јасно дека води до Битола, Ресен, Преспа, Охрид, Галичица.

Нас тука нé донесе патот од североисток, од Градско. Еден крак оттаму води за Кавадарци. Таму бевме претходно, таму ја почнавме првата мариовска тура, до Мајден, Рожден и Алшар. Има и петти пат што води дотука, преку Бабуна, тоа е стариот пат од Велес, но тој е прооден само со добра упорност. Вкупно пет правци за возење – и ниту еден од нив не води кон Мариово. Таму каде што има пет патишта, мора да има и шести пат.

Многумина намерници се прашувале кој е тој патот што води за Мариово. Како и многу работи, нашиот народ и тоа го има опеано и испеано.

По пат одам, за пат прашам

По пат одам леле
за пат прашам
кој пат води леле за Мариово.

Кој пат оди леле за Мариово,
за Мариово, село Дуњи.

Таму седи леле чучук Митра,
чучук Митра бојаџивката,
да ми вапца леле два бајрака,
еден зелен, другиот црвен.

Зелениот леле, за на свадба,
а црвениот, за на војна.

По Прилеп продолжуваме уште шест седум километри по патот за Битола и го бараме скршнувањето во десно, на коешто пишува Ново Лагово и Витолиште. За чудо, тоа е обележано убаво и по пропис, со големи табли, но само ако човек однапред знае дека Витолиште е тоа што треба да го прочита на таблите. Никаде не пишува Мариово. На луѓево што тука си живеат и работат не им треба некој да им кажува каде е Мариово. Но, табла на којашто ќе го пишува ова големо име мора да има, огромна.

Скршнувањето е во десно, но патот потоа води веднаш лево, преку надвозникот, во правец на југоисток. Асфалтот е беспорекорен, патот е широк и прав. Не минува долго време додека го воочиме првото место што ни се чини згодно за фотографија. Peugeot 208 го местиме на еден земјен пат, во „херојска“ поза со завртени тркала, личи како да ќе сврти на главниот пат и ќе продолжи колку што го држи силата. По кусо време се слушаат куси „свирки“, некој сака да нé поздрави. „Шефе, колава е топ… да ти кажам дека топ е пежово“, нé охрабрува весел човек во авто-школа, пред кого што некој мештанин полага за мотоцикл. Како поубаво би почнал еден ден? Имаме Peugeot 208 што им се допаѓа на луѓето, кадри излегуваат на секоја страна, човек дури да не забележи дека времето е облачно и сиво.

Во прилепско Мариово возиме Peugeot 208, за да се увериме дека тој го наследува генот на Peugeot 206, еден од најпродаваните модели воопшто во Македонија, кој ги има поминато сите патишта и се наоѓал во секаква улога, од градски автомобил, до семејна „лимузина“ и авантуристички придружник

Зошто ја возиме турата со Peugeot 208? Најмногу заради Peugeot 206. Тој е најпродаваниот модел на Peugeot на сите времиња, со околу 10 милиони примероци. Светот толку го обожуваше автомобилот, што Французите го оставија во понуда како Peugeot 206+, иако во меѓувреме беше пристигнат неговиот наследник 207. Во Македонија, тој своевремено беше најпродаван модел. Повеќе би било верно да се каже најобожуван модел. Увозникот Еуроимпекс во 2006 година одбележа вкупно 10.000 продадени возила од марката Peugeot, од почетокот на работата на компанијата. Со таа мисла, дека Peugeot 206 како најпродаван, а со тоа и еден од најчесто застапените автомобили по патиштата, ги минал и уште ги минува сите патишта низ Македонија, во најразлични улоги и во секакви мисии, сега доаѓаме за и неговиот современик да го запознае Мариово.

Титулата на најдобар нов модел во Европа лани не го попречува Peugeot 208, кој е личен со светкавата маска што вешто е ишарана со сребрест финиш, со двобојните и лакирани алу-тркала и со задните диодни светла со тридимензионален ефект, да биде во свој елемент и во оваа „дивина“. Сето тоа е стандард што Peugeot го нуди во средното ниво на опрема Allure Pack, единствено е доплата белата металик боја со бисерен ефект. Некој можеби ќе го гледа „208“ како градски автомобил, ние го гледаме како светски автомобил. Како што за Golf важи дека е бескласен, така и овој Peugeot 208 исто не ги дели купувачите на млади и стари, како и на тие што ова ќе им биде прв автомобил во животот и на тие што имаат или имале автомобили што ги платиле десетпати повеќе. Ова е историја на тркала, во неа се вмешува и духот на Peugeot 205.

Со турбо-бензинец со 100 КС напред, францускиот модел лесно и релаксирано ита во правец на Мариово. Имаме уште неколку километри додека пред нас се покаже панорамата што недвојбено кажува дека сме пристигнале во крајот. Како што патот почнува да се качува и пределот да преоѓа од бујното и обработувано Прилепско Поле, дел од Пелагонија секако, во огранокот од Селечка Планина што се води како Корија, претстои одушевувачка глетка.

Првото одредиште ни е место во коешто провејува „филмска прашина“

На околу седум километри по скршнувањето кај Ново Лагово е првото место што го посетуваме. Додека погледот уште е волшебно заробен во вулканските карпи што се виснати над долот и создаваат една од највпечатливите природни глетки во целиот овој крај, останува незабележано името на таблата. Штавица е селото во коешто режисерот Милчо Манчевски снимаше кадри за филмовите Прашина, Пред дождот и Врба. Своевремено беше поставен знак на којшто пишуваше Мал Холивуд. Малкуте мештани нема да бидат изненадени од вашиот интерес да го посетите и доживеете местото. За снимањето во 2001 година беше изградена црква во селото. Некој ќе ги препознае кадрите, филмовите тука може да се одвиваат директно пред очи.

Патот продолжува, живописниот крајолик околу Штавица е одличен вовед за тоа што следи. По околу пет километри, се доаѓа до превојот Слива, висок 1.140 метри. Восхитувачката панорама оттаму прикажува само малку од Мариово. Долу е Бонче, а рамницата што се гледа е дел од Прилепско Поле. Од другата страна на превојот веќе се чувствува различна клима и се забележува промена во вегетацијата. Промената, меѓу другото значи дека ќе се види како вода течен од камен и како дрво исто така расте од камен. Ова тука е изобилие, божествен дар, осветено место. На едно место, кусо по превојот, препознатливо по кафено-црвеникавата боја, се забележува карпата по којашто се слева вода. Насекаде течат поточиња, кои некаде се собираат и создаваат рекички. Сé е толку природно, благословено.

Мариово има мирис и има звук. Тоа што народот од регионов масивно се иселувал со децении наназад, и во некогаш големите и богати села, денес одвај има по неколку постојани жители, од горе не се забележува, додека благо се спуштаме по патот до првото село. Се гледа само највредното, а тоа е дареното од природата и од Бога. Народот можеби си заминал, но водата продолжува да тече, дрвјата раснат, сонцето грее, а воздухот милува. На секое запирање за фотографирање, се слушаат птиците, кои добиваат интонација од звукот на фокусирањето на камерата. Ова е навистина волшебно.

Контрастот меѓу напредната технологија што во себе ја носи Peugeot 208 и непроменливите вредности на природниот свет и божјата сила не може да биде посилен отколку што е тука во Мариово

Да се вратиме на Peugeot. Колку што срединава прикажува исконски вредности, толку францускиов автомобил личи тука како вонземјанин. Иако станува збор за средно ниво на опрема и за автомобил што по некои станарди се води како градски автомобил, марката со лавот не штедела на технологија. Тука, всушност, во оваа средина во којашто главниот „мотор“ се водата, воздухот и сонцето, се покажува колку технологија имаме во автомобилите денес. Покрај контрола на стабилност, комплет воздушни перници, сензори за притисок во гумите, кои одамна се европски стандард, исто како и комфорните ставки од типот на централна брава или електрика на прозорци, во Peugeot 208 солидно се чита годината на производство 2021. Моторот стартува на копче, паркирната сопирачка исто работи на копче, бришачите се вклучуваат на сензор, место инструменти работи дисплеј што дел од податоците ги прикажува просторно, камера ги чита сообраќајните знаци, алгоритми препознаваат кога возачот е заморен, сопирачките се активираат сами при опасност од судир. Тука веќе не станува збор дали автомобилот има 70 или 100 КС и дали забрзува до темпо сто за помалку од десет секунди или повеќе.

Убавава кола нé носи до првото мариовско село од оваа страна, до Кален, на висина од 640 метри. Одвај има еден километар пат до селото, асфалтиран и беспрекорно чист. Се гледа по некоја нова градба и по некој обновен покрив. Атарот опфаќа пасишта, околу 500 хектари се полиња. Секое од селава има долга историја, бројни ископини откриваат постоење на населби од античкото време. Природата направила секој рид тука да има сопствено обележје. Во Кален се мошне интересни вулканските карпи кои личат како да се расфрлени покрај патот. Нормално, и тука дрво расте од карпа. Земјата е богата.

На заминување од Кален јасно се гледа соседното село, Дуње. Четири километри ги делат селата по воздушна линија. Сместено во подножјето на планината Дрен, селото се верува дека го добило името по тоа што тоа што во него постојано дува, поради местоположбата. Сите рекички се собираат во близина на селото и понатаму се влеваат во Црна Река. Етно-туризмот е мошне активен во селото, таму е познатата етно-куќа Благибог. Неколку семејства во селото се занимаваат со пчеларство. Во записите се среќава дека во околината постојат богати наоѓалишта на ураниум и титан. Таблата кај скршнувањето за Дуње упатува дека по тој правец се пристига и до селата Пештани и Вепрчани. Не се наведува Лигураса, но тоа име порано им значело многу на Мариовци. Тоа е планинскиот превој на висина од 1.152 метри, преку којшто порано се доаѓало од Прилеп до Мариово, преку Плетвар и Беловодица. Денес има асфалтен пат само од двоењето од регионалниот R1107 до Дуње, понатаму продолжува земјен пат. Интересни се наводите според коишто целиот овој регионален пат, на потегот до Витолиште е изграден во 1977 година (поверојатен е податокот дека изградбата траела во периодот од 1976 до 1979 година) – во рамките на младинска работна акција, со младинци од цела тогашна Југославија. (https://www.oldprilep.com/ora-mariovo-76/).

По цело Мариово се среќаваат траги од населби од античкото време

Вепрчани исто така е вредно да се посети посебно, но пред нас има уште многу пат, мораме да продолжиме. Од тоа што може да се слушне, од млеко од овците што се чуваат во целото се произведува прочуеното мариовско биено сирење. Застапено е и пчеларството, медот оттука го продава компанијата Зора Лек. Во близина се наоѓа и ископ на бел мермер, кварц, глина. Има и логичка врска, по името на селото, зошто ловците исто така доаѓаат тука. Тука бил и Милчо Манчевски, во „лов“ по кадри за своите филмови.

Многу порано, пред Кален, патот двои во десно, кон селата Крушевица и Чаниште. На еден километар оддалеченост од Крушевица, веднаш под врвот Висока (1.471 метри) на Селечка Планина, постојат остатоци од античкиот македонски град Пелагонија, престолнина на Пелагонците. Истражувањето на локалитетот пред неколку години е прогласено за проект од национален интерес. Во самото село има повеќе домаќинства што произведуваат биено сирење и разни млечки преработки. Крушевица има најмногу обработливо земјиште во Мариово. Како што патот продолжува за Чаниште, се доаѓа до ископот од каде што потекнува најпознатиот гранит на овие простори, Мариово Крин.

Со селото Чаниште се поврзува грабнувањето на Калеш Анѓа од Турците, којашто присуствувала на соборот во манастирот Света Петка, во родното село на нејзината мајка. Уште многу историски имиња се поврзуваат со Чаниште. Ѓорче Петров на 2-ри октомври 1903 година, ја предводи познатата Битка кај Маргара. Денес мештаните се занимават со сточарство. На влезот во селото веднаш пречекува големата училишна зграда, во којашто своевремено учеле до 200 деца.

Peugeot 208 е комотен, пријатен за возење, природен во својата функција. Тоа што посебно се чувствува на оваа тура што бара цел ден да се мине зад воланот, се големите и правилно контурирани седишта. Заедно со бројните стилски детали, овој автомобил покажува дека не е правен да биде евтин

Назад на регионалниот пат R1107. Самото возење низ овој единствен крајолик е доживување. На секои стотина метри, од минута во минута, од еден до друг свијок, глетката се менува, се одвива авантурa. Peugeot делува пред сé зрело. Амортизацијата е комотна и тивка, но е во исто време и доволно цврста за брзо да се изманеврира, доколку по некој свијок на непознатиов пат се крие изненадување или некоја пречка. Балансот е погоден и 208 вози лесно, темппераментно, весело. Седиштата се димензионирани повеќе од пристојно за класата и правилно се профилирани. Кога треба цел ден да се мине зад воланот, брзо ќе се покаже ако има проблем со седиштата. Тука сé е беспрекорно, дури и на задната клупа се седнува лесно и се добива пријатно просторно чувство. Peugeot 208 сепак е носител на титулата автомобил на годината.

Многу временски периоди оставиле траги по оваа мариовска земја. Таков еден период се поврзува со „мостот“ пред нас. Местото каде што патот минува преку Црна Река, односно се поздравува со Скочивирската Клисура, најдолгата клисура кај нас, се нарекува Расимбегов Мост. Реката одамна го има однесено стариот мост, денес се минува преку нов мост, широк колку да мине една кола. Приказната за ова место го спомнува периодот на пропаѓањето на Турската Империја, кога Османлиите тргнале од банката во Битола да пренесат 1,2 тон злато за Цариград. Првиот обид, транспортот по течението на Црн Дрим да продолжи преку Лерин, пропаднал. Златото тогаш било сокриено околу мостот. Во вториот обид, карванот придружуван од војска, бил нападнат во режија на самиот организатор. Војската и маските биле убиени, товарот морало да се закопа во близина на мостот. Пред дваесетина години, државата на свој трошок и со силна механизација, вршела истражувања, со цел да го открие сокриеното злато. Но, единствено било пронајдено буре закопано при изградбата на новиот мост.

Кусо по минувањето преку мостот доаѓаме до висорамнина, на којашто постои етно-ресторан, нормално, со име Мариово. По овој дел од патот се пружаат спектакуларни панорами во секој правец. Самото место е вредно да се доживее. Малку подолу патот двои во десно и се спушта, кон уште едно важно место на нашата тура низ прилепско Мариово. Патот води до селото Манастир. Бидејќи друг начин на означување на опстојал горе на висорамнината, првото што укажува на близината до Манастир е огромна коцка мермер, на којашто името на селото е напишано покрај името на манастирот Свети Никола.

Во село Манастир, прво бил манастирот, па потоа селото – обично манастирите се нарекуваат според блискиот град или село, тука е поинаку; Во Градок има остатоци од раноантичкиот период

По четири километри по асфалтираниот пат се доаѓа до селото Манастир. Во селото се наоѓа еден од најстарите средновековни манастири во Македонија, со манастирска црква изградена на крајот на XI век. Мештаните одгледуваат пчелни семејства на традиционални начини и произведуваат големи количини мед. Природата и тука е дарежлива. Има и големи трла и бачила околу. Секако дека ископ на мермер, каолин, варовник и дијатомејска земја и тука не смее да недостига. Една патека води до Зовиќ, до прочуениот мост во битолскиот крај од Мариово.

Поглавјето за село Манастир продолжува. На пет километри од селото се наоѓа Градок, познат и како Маркови Кули. Населбата на утоката на Лесничка во Црна Река потекнува уште од раната антика. Постојат остатоци од бедем широк два метри, како и од трикорабна базилика долга 15 метри. Во близина се наоѓа и мала црквичка. Македонските археолози неодамна дојдоа до нови значајни откритија за локалитетот и најавија подетални истражувања.

Следното место исто така е посебно значајно. Во селото Мелница е роден писателот Стале Попов, автор на Крпен Живот, Калеш Анѓа, Итар Пејо и други важни дела. Селото било уништено во напади во почетокот на минатиот век, единствено е обновена родната куќа на писателот. Секако, овој локалитет му припаѓа на манастирот Св. Илија. Изградбата на манастирската црква Св. Илија завршила во 1872 година, фрескоживописот го изработил зографот Аврам Дичов, син на познатиот мајстор Дичо Зограф.

Атракциите што мариовскиов жив крај ги приредува постојано на нашиот пат до Витолиште, прават човек да посака да има уште многу за патување дотаму

Природата уште не ги исцрпила своите креативни моќи дотука, па во преостанатиот дел од патот до нашето одредиште, Витолиште, следат уште неколку природни сценографии кои се наградата за возењето дотука. Вистина, патот по целата делница е во изненадувачки добра состојба. Тоа секако не значи дека треба да се искористи слабиот сообраќај и да се изведуваат рели-егзибиции.

Мошне е впечатлив пределот на почетокот на атарот на Витолиште, по течението на реката Бутурица, на висина од преку 800 метри. Селото е големо, најголемо во прилепскиот дел, и има важна историја. Сместено е во подножјето на Козјак, тоа е самото срце на Мариово. Доколку се продолжи по земјениот пат се доаѓа до Алшар и Мајден, на тиквешката страна, преку превојот Трибор на висина од 1.442 метри. Стале Попов во своите романи го спомнува Витолиште.

 

Животот на овој простор датира од XV век, за што сведочат многубројните наоѓалишта на сите страни околу. Пред влезот во селото со неколку стотини куќи, веднаш се забележува црквата Св. Атанасија, голема и убаво сочувана, а во селото се наоѓа и постарата црква Св. Никола. Селото во почетокот на XX век било образовно средиште на Мариово, со училиште со интернат. Според записите, Витолиште на времето плаќало највисоки даноци во цело Мариово, што е знак за неговата тогашна стопанска развиеност.

Во Витолиште се препознава духот на големото село, по големината на црквите, по бројот на куќите, по улиците, по разговорот со мештаните

Денес во селото има само неколку постојани жители. Блиските густи шуми со квалитетно дрво ги експлоатираат неколку шумски стопанства. По пасиштата пред селото пасат стотина овци, тука и таму се забележуваат сандаци со пчелини семејства. Соговорникот Војо, повратник од Австралија, ни кажуваше колку мештаните жалат за тоа што куќите во селото се оставени да пропаѓаат. Тој нé пречека на влезот во селото, очекувајќи ги најавените гости, но ете излезе дека и други намерници дента ќе пристигнат во некогаш мошне живото село.

На заминување се разминавме со автомобилот со гостите на Војо. На враќање, човек сака што е можно побрзо да си замине. Прво, затоа што очите и душата се преполни со убавините на Мариово, со оваа единствена, моќна и благословена непресушна енергија. Второ, затоа што во време на напредна технологија во секојдневието, во живеење во масовно населени средини што невешто изигруваат големи градови, во време кога човек си мисли дека создава нешто вредно, ова Мариово ни ја сооошти вистината. Богатството е во природата, во таа што Бог ни ја дарил на овие простори. Луѓето си заминале оттука, некои во далечни земји, некои во блиските градови. Но, Мариово никаде не си заминало. Тука е, убаво какво што било отсекогаш. Кога ќе ѝ се вратиме на природата, повторно ќе бидеме богати. Во вистинската смисла.

Технички податоци · Peugeot 208 Puretech 100 Start&Stop

МОТОР

  • Тип Бензин, 3 цилиндри во линија, директно впрскување, турбонатполнење
  • Работна зафатнина 1199 cm3
  • Моќност 74 kW / 100 КС при 5500/min
  • Вртежен момент 205 Nm при 1750/min

ПОГОН И ПРЕНОС

  • Погон На предните тркала
  • Пренос Мануелен менувач со 6 степени

ПОДВОЗЈЕ

  • Водење на предни тркала Псеудо Мекферсон
  • Водење на задни тркала Торзиска оска
  • Сопирачки напред Диск вентилирани
  • Сопирачки назад Диск
  • Гуми, стандардно 195/55 R16H

ДИМЕНЗИИ

  • Должина 4055 mm
  • Ширина 1745 mm
  • Висина 1430 mm
  • Меѓуоскино растојание 2540 mm
  • Ширина на трага 1500 mm
  • Круг на вртење 10,4 m
  • Багажник 311 L

ТЕЖИНИ И КАПАЦИТЕТ

  • Празно возило 1090 kg
  • Дозволена тежина 1595 kg
  • Приколка со сопирачки 1200 kg
  • Резервоар за гориво 44 L

ПЕРФОРМАНСИ

  • Крајна брзина 188 km/h
  • Забрзување 0-100 km/h за 9,9 s
  • 0-1000 m за 31,4 s

ПОТРОШУВАЧКА НА ГОРИВО

  • Град / Пат / Просек 5,3 / 3,8 / 4,4 L/100 km
  • Емисија СО2 97 g/km

СЕРИСКА ОПРЕМА НА ТЕСТИРАНОТО ВОЗИЛО

> НИВО НА ОПРЕМЕНОСТ · ALLURE PACK

  • ABS+REF+AFU+ESP+ Hill assist
  • 6 Воздушни перничиња (предни / странични / завеси)
  • Еко LED предни светла со автоматско вклучување/исклучување
  • 16″ SOHO алуминиумски наплатки со дијамантски завршеток
  • Сензор за мерење на надворешна температура
  • Сет за поправка на пневматици
  • Систем за притисок во пневматици
  • Peugeot i-Cockpit® 3D со 3D дигитална инструментна табла
  • Компактен серво управувач со хромиран лав
  • Active Safety Brake
  • Пакет SAFETY: Препознавање на сообраќајни знаци (брзинско ограничување, стоп-знак и знак за забранет правец), активно предупредување за ненамерно преминување полна лента, индикатор за внимателност на возач, активен систем за можен судар
  • Радио со блутут, 7″ екран на допир во боја , 4 звучници, напред и 2 назад, 1 USB
  • Електрични предни и задни подигнувачи на стакла”One-touch”
  • Visio Park 1: Сензори и 180° задна камера за помош при паркирање
  • Електрични преклопливи ретровизори со осветлување
  • Централен 3,5″ екран во боја
  • Централно заклучување со далечинско управување
  • Механичко подесување на возачкото седиште по висина
  • Преклоплива задна клупа 2/3 со 1/3
  • 3 ISOFIX приклучока за детско седиште на задна клупа
  • Филтер за полен
  • Автоматски активирање на дневни светла
  • Предна решетка со украси од хром
  • Темпомат со лимитер за брзина
  • Mirror Screen функција
  • Капаци на ретровизори во боја на каросеријата
  • Црна лакирана лајсна на задната врата
  • Долен дел од заден браник во црна боја – сјаен ефект
  • Карбон-декорација на инструментната табла
  • Мултифункционален управувач обложен со кожа
  • Електрично подесување на ретровизори со грејачи
  • Седишта во комбинација ‘Isabella’ полу-кожа ефект, ‘COSY’ ткаенина
  • Наслони за глава на сите седишта
  • Дополнително затемнети задни стакла и заден ветробран
  • Автоматски клима уред
  • Стартување на возилото без клуч: Hands- free
  • Електрична сопирачка за паркирање
  • Копче за Driver Mode
  • Централна конзола со потпирач за рака
  • 3 дополнителни USB приклучоци (2 назад и 1 напред)
  • Автоматско активирање на предни бришачи
  • ДАБ Радио ( Дигитален Аудио Пренос)
  • 3D LED задни светла

Цена на тестираната моделска изведба · 16.840 евра

Дополнителна опрема во моделот на тест:

  • Индукциски полнач за мобилен телефон
  • Бисерно бела металик боја, Blanc Nacre

Цена на возилото на тест со дополнителната опрема · 18350 евра

Промотивен попуст за моделот · 920 евра

Цена со вклучен попуст · 17430 евра

> ОСТАНАТА ДОПОЛНИТЕЛНА ОПРЕМА ВО ПОНУДА ЗА НИВОТО ACTIVE PACK

(цени во евра)

  • Металик боја, Jaune Faro 0
  • Металик боја 360
  • Бела боја 210
  • Специјални бои 550
  • Предиспозиција за намалено резервно тркало 16 инчи 50
  • Безконтактно отклучување 400
  • Кука за влечење 700
  • Грејачи на предни седишта 240
  • Адаптивен темпомат 200
  • 3D навигација со дисплеј од 10 инчи 600
  • Индукциски полнач за мобилен телефон 150

Цена на изведба со 8-степен автоматски менувач 19.970 евра (без попустот)

Врска до страницата на моделот на PEUGEOT МАКЕДОНИЈА:

https://peugeot.com.mk/vozila/peugeot-208

>>> Патуваме со Peugeot низ Мариово: Тиквеш, рудници, мистерии, глетки за паметење

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Clio V најпродаван модел Франција

Кампања за Renault Clio со попуст до 20 проценти

rolls royce пчелари мед

Rolls-Royce ќе ги учи вработените за пчелари