за

Патуваме со Peugeot низ Мариово: Тиквеш, рудници, мистерии, глетки за паметење

Новата тура патувања низ Македонија ја посветуваме на Мариово. Крајот со којшто се поврзуваат бројни приказни, историски поглавја, традиции, ќе го посетиме трипати. Почнуваме со Тиквеш, возиме Peugeot.

Многумина во овие времиња на ограничувања и претпазливост научија повторно да уживаат во тоа што го имаме во најголемо изобилство во Македонија. Во единствените предели, во убавата природа, во исконската енергија којашто нé исполнува по посетата на местата што нé опкружуваат и што прави да им се вратиме во првата следна пригода. Тоа најверно го отсликуваат друштвените мрежи. Одвај се случува при отворање на профилот да не се појави објава во којашто македон-тротерите прикажуваат слики од некое место што сите го познаваме и можеби сме го посетиле, но сега го гледаме во некое светло што ни е ново и уште е поубаво. Тие со авантуристичко срце и љубов кон природата, пандемијата најмалку ги спречи да продолжат со истражување на светот. Единствено треба да внимаваме на некои нови правила и истите да ги почитуваме. Патувањето може да продолжи.

Вашата Аутомедиа пролетва започнува нова серија репортажи. За новите тури ќе имаме автомобили од марка што досега на големо ги имаат извозено сите патишта низ Македонија, па и често ќе се разминуваме со нив, имајќи го предвид уделот што француската марка го ужива во нашиот возен парк – Peugeot. Тоа што на маската стои лав, дава само уште посилен поттик за новите истражувачки мисии.

По нашите историски тури низ цела Македонија, прво со хибридно, а потоа и со електрично возило, по качувањето на трите највисоки планини, по посетата на традиционалните улични пазари во земјоделските региони, по возењето на најубавите есенски тури, новото одредиште ни е Мариово. Сите се сеќаваат кога биле последен пат во Охрид или во Маврово, во Дојран или во Берово, но кој се сеќава за Мариово? Регионот со исклучително богато минато, со природни богатства, со приказни и митови, многумина не го познаваат воопшто. И луѓето одамна си заминале оттаму, меѓутоа Мариово уште си е таму, тоа никаде не заминало. Веројатно, во некоја блиска иднина ќе следи уште посилен бран на повратници, откако по асфалтирањето на патот до Градешница, во битолскиот дел, дваесетина семејства веќе се вратиле во крајот. Значи, сосем е актуелна оваа наша тура.

Во првиов дел ќе го посетиме тиквешкиот дел од Мариово. Останатите два делови му припаѓаат на прилепскиот и на битолскиот крај. Многу изненадувања и глетки од коишто се полни срцето ни приреди уште почетниот дел од серијалот. Иако е најмал по површина, тиквешкиот дел не е најмалку значаен. Во неговиот краен јужен дел, сепак се наоѓа Алшар, рудникот со големи тајни, кој може да доведе до нова технолошка ера, глобално. Ние овојпат ќе се приближиме на само два километри до Алшар, меѓутоа имаме уште бројни звучни места да ги посетиме попат, кои не припаѓаат под Мариово, а водат натаму: Конопиште и неговите камени столбови, кои мештаните ги познаваат како цуцки, висорамнината Витачево, револуционерската Ваташа – секој метар од оваа наша убава Македонија има историја.

Peugeot 3008 е како голема мачка, изгледа грациозно и можеби по малку туѓо за експедиции надвор од автопатишта и градски булевари, меѓутоа нé однесе секаде каде што посакавме

Еуроимпекс убаво нé стокми за патувањето со Peugeot 3008, кој е мошне погоден модел за вакви патувања во непознато. Компактниот СУВ во класата на VW Tiguan и Opel Grandland X располага со екстра резерви во секој поглед. Во бела боја со бисерен ефект, тој можеби личи благородно и угледно, речиси булеварски, меѓутоа со растојанието од подлогата од 219 милиметри и со аглите на пристап и излез од 20, односно 29 степени, францускиот СУВ не остава простор за сомневање во неговите способности за истражување, кога повремено ќе се напушти асфалтот.

Дека тука не станува збор за нежна каросерија качена на големи тркала, докажува тежината од 1.504 килограми, а тоа уште повеќе го докажува вредноста за дозволената носивост до 476 килограми. Тука има резерва и за велосипеди да се „качат“ на покривот (до 80 kg) и за багажникот од 520 литри да се натовари до врв. Исто е убедлива и можноста да се влече приколка тешка до 1,5 тон. Затоа велиме дека Peugeot 3008 има резерва во секој поглед.

Погон на сите тркала немаме на располагање во оваа моделска изведба, но Peugeot 3008 може и тоа да го понуди. Французите не само што имаат и погон на сите тркала во своето 3008-портфолио, туку тоа е поврзано и со натписот што стои на крилата #powerofchoice или моќ на избор – под моќ, секако се подразбира моторот.

Французите го нудат својот „дабл-оу-специјалист“ со избор од три видови на погон: Бензин, дизел, приклучен хибрид. Бисерно белиов Peugeot 3008 вози со 1,5-литарски дизел со 130 КС и мануелен менувач

Овој Peugeot 3008 е различен од осумстотините илјади примероци пред него – само од оваа генерација – затоа што има комплетно сменет нос. Марката со лавот изврши моделско освежување на компактниот СУВ, коешто зафати и во внатрешноста, а се комплетираше и арсеналот од системи за асистенција. Нормално, Французите не пропуштија да применат и нов дезен и нов вид на материјалите во кабината.

Нема потреба од посебни подготовки и планирања за патувањето до Мајден и Рожден, кои ќе бидат нашите крајни одредишта во тиквешко Мариово. Патувањето дотаму е долго вкупно 150 километри, главно по изненадувачки квалитетен и нов пат, почнувајќи уште на излегувањето од Кавадарци, па сé до Мрежичко. Побавно и крајно внимателно возење е неопходно единствено во последните дваесетина километри, иако и тие се возат по асфалт.

Патувањето од Скопје до Градско минува некако неосетно брзо, што секако треба да му се припише како доблест на Peugeot 3008. Кој сака да ги избегне патарините, може тоа да го изведе едноставно со исклучување од автопатот кај Кадино, по што се продолжува по стариот пат до Катланово, од каде што повторно се вклучува на автопатот за Велес. На Сопот следи вообичаената наплата од 80 денари. Кој сака да ја избегне и патарината на Градско: По лесното минување низ Велес, се продолжува по стариот пат за Градско. Веднаш по заминувањето од Градско следи исклучување во полудесно, на патот што продолжува за Прилеп и Охрид. По околу четири километри, треба да се внимава да се скршне во лево и да се продолжи за Кавадарци, по регионалниот пат R1107. Тој е патот што нé води точно до Мариово.

Патувањата низ Македонија се совршениот начин да се надомести за ограничувањата што актуелните состојби ни ги носат во секојдневието; Не мора да се чекаат подобри времиња, па да се „удри“ по свет, оваа наша убава земја секогаш има да понуди нешто ново да се доживее или открие

Тука, сепак, има еден екстра-момент. Доколку се продолжи уште малку право, место да се скршне за Кавадарци, по одвај половина километар се доаѓа директно до пазарот во Росоман. Мало освежување секако нема да биде на одмет, иако во моментов е премногу рано за прочуените росомански праски или какви било овошки. Но, за градинарски плодови е точно навреме.

До Кавадарци има десетина километри, кои се минуваат брзо, меѓу другото низ места со чудни имиња, како Паликура и слично. Исто е убаво кога ќе се видат расцутените овошки покрај патот. На првиот кружен ток во Кавадарци, кој не може да се утне затоа што насреде е поставено големо буре со натпис Тиквеш, се продолжува во лево, што значи се скршнува на третиот излез. На следната крстосница, по двестотини метри, се продолжува право, за потоа да се дојде до вториот кружен тек, каде што се скршнува во десно, односно на првото исклучување.

Ваташа е познато место од македонската историја и денес е споено со Кавадарци. Од десната страна може да е забележи спомен куќата во којашто е роден Страшо Пинџур. На заминување погледот нема да пропушти да му оддаде признание на уредениот и буен парк, покрај течението на Луда Мара. По неколку километри се наоѓа и споменикот во чест на 12-те младинци од Ваташа, во местото Моклиште.

Висорамнината Витачево е пространство што се протега до недоглед и ќе претставува огромно изненадување за сите што првпат ќе се соочат со таа глетка – поточно, со сите разновидни глетки

Во следните 30 километри се минува низ подрачје што е единствено и понатаму ќе му биде препознатливо на секој што еднаш ќе мине низ истото. По лесното искачување по убав пат што е речиси без сообраќај, се доаѓа до висорамнината Витачево. Платото долго 15 километри е на висина меѓу 800 и 1.200 метри. Глетката е единствена, затоа што целото пространство на висорамнината е на 500 метри над околните предели. На запад е Тиквешкото Езеро, но не се гледа директно. Геолозите објаснуват дека тоа што се гледа во тој правец се „туфови“ настанати од вулканскиот материјал, што во правремињата се таложел спуштајќи се по масивот на Кожуф.

Многумина ќе посакаат да се задржат или некој следен пат да се вратат посебно за Витачево. Две црквички се наоѓаат веднаш на почетокот на Висорамнината. Може да се види и стока, коњ што го чека стопанот, тоа се големи пасишта што се простираат до недоглед. Не треба да изненади кога на секое запирање попат ќе дотрча некое кутре да ви се израдува и да ве поздрави. Нам ни се случуваше тоа, по целиот пат до нашето одредиште во Мајден, на секое запирање да имаме такво друштво.

Во целиот овој регион има вода во изобилство, а соодветно има и бујна природа. Некогаш ќе сакате да запрете само за да ја почувствувате таа исконска енергија во растителниот свет. Голема слобода при истражувањето е тоа што може да се запре секаде покрај патот, секако со почитување на безбедноста. Воздухот мириса на чисто, дури и небото има боја што многумина од постарата генерација ќе ги потсети на детството, пред да се случи масивното загадување што денес си го произведуваме насекаде. Како ова да е некој друг свет, човек помислува дека времето запрело и само се слуша црцорот на птиците. Човек да посака да твори поезија.

Патувањето врви брзо и лесно, затоа што се вози по релативно нов и мошне квалитетен пат, без многу сообраќај; Посебната убавина при патувањето е тоа што може да се запира на многу места покрај патот и дополнително да се разгледа и истражи што има околу

Големо задоволство причинува тоа што патот е совршено квалитетен и убав за возење. Изграден е во 2013 година и таков продолжува уште долго, до Мрежичко. Како што патувањето продолжува по висорамнината, на неколку места покрај патот може да се забележат фарми и поседи кои нудат чиста, органска храна, а во некои други времиња, веројатно ќе има и можности за сместување. Неколку нови и богато изградени викендички се сведоштво дека тука ќе продолжи да се случува нешто убаво. Има и вештачко езеро, долго стотина метри, добро за излети.

Тука следи и првата средба со една чудна конструкција, со којашто понатаму ќе се среќаваме уште десетина пати во остатокот од патувањето. Тоа е транспортната лента што некогаш носела руда од Ржаново, Мајден и другите рудници во богатиот регион, до сега затворениот комплекс Фени во Кавадарци. Тоа е најдолга транспортна лента од ваков вид на Балканот, патем.

Додека човек вози по овој совршен пат и не помислува дека истиот може да заврши, еден интересен натпис покрај патот вели дека е време за малку да истражува подалеку од нашиот пат R1107. Да не го заборавиме и Peugeot 3008. Амортизацијата се потврдува дека е комфорна, тивка и добро балансирана, моторот располага со солидна моќност, менувачот е вистинско уживање кога ќе се пушти сопствената кинематика да го однесе до крајните положби – некој со уживање го конструирал и произвел овој автомобил, за потоа некој како нас исто така да ужива во автомобилот. И ова не смее да се пропушти: Седиштата се посебно комотни, дури и во ова ниво на опрема – Active Pack – што е еден чекор над основното. Франција испраќа поздрави. Нема „качување и симнување“, пристапот до седиштата е лесен и едноставен – природата на нашата работа ни дозволува лесно да ги препознаеме овие разлики, кога стотина пати мора да се излезе и влезе во возилото, додека истото се фотографира на различните локации.

Мештаните ја нарекуваат Долината на плодноста и со тоа име секако дека се поврзуваат бројни верувања и обичаи; Летувалиштето Михајлово исто е вредно да се посети, чисто поради уреденоста

Натписот на таблата што го привлекува вниманието кажува дека патот во лево продолжува за Конопиште. Името на селото звучи познато, но не само како изборно место, туку и како место што е вредно за посета од повеќе причини. Во близина на Конопиште се наоѓаат „цуцките“. Тоа се камени столбови, распространети на широка површина и исто толку импресивни колку оние во Куклица, меѓутоа се помалку познати, главно поради лошиот пат што во минатото ги обесхрабруваше намерниците да го посетат местото. Ние можеме да потврдиме: Патот е добар, треба само да се биде внимателен на можните одрони на помали камења врз патот.

На половина пат до селото, десно се двои друг пат што води кон познатото одморалиште Михајлово, оддалечено 5 километри оттука. Центарот е активен и секако дека е вреден да се посети, иако поради временското ограничување овојпат не бевме во можност да ја продолжиме турата дотаму. Ова е подножје на Кожуф, на висина од околу 650 метри, по горното течение на реката Бошава. Долж реката Лисач, покрај којашто минува патот до Конопиште, честопати се здогледуваат импресивни уметнички дела на природата, кои се чинат мистични и волшебни, небаре тука е сниман филм за Хари Потер. Тоа е награда за патувањето дотука, а понатаму ќе ги има на секој чекор.

Во Конопиште се наоѓаат и изворите и погонот за пакување на Горска Вода, интересен со тоа што целосно е покриен со фотоволтаици. Мештаните упатуваат кон црквите покрај селото, има и една новоизградена куќа во локален стил, којашто кусо време работела како ресторан и хотел, меѓутоа таа вредна инвестиција периодов мирува.

Од превојот на висина од 1.000 метри првпат се прикажува глетка над Мариово; Долу е Мрежичко, таму се пакува минерална вода и оттаму поаѓаат 40-тонските влекачи со коишто се разминувате по патот

По враќањето на R1107, по неколку километри покрај бујна шума, следи уште една панорама што предизвикува силни впечатоци. Месноста се вика Мушов Гроб, а од овој превој надолу, почнува Мариово. Спектакуларната глетка ја создаваат планински ограноци на Кожуф, Ниџе и Козјак, буквално сé е како на дланка. Некои ќе посакаат да се задржат тука подолго време и да погодуваат кои се планините и нивните ограноци што се гледаат со десетици километри далеку.

Сообраќајот е многу редок, главно минуваат тешки влекачи, натоварени со вода. Озгора се гледа каде точно се упатуваат тие. Долу е Мрежичко, првото место со коешто нé пречекува овој убав крај. По брзото спуштање по големата надолина доаѓаме до селото, коешто и самото е на 500 метри надморска висина. Уште една фабрика за вода е сместена тука, Кожуфчанка, со три погони колку што може да се забележи. Голема табла поставена на видно место сведочи за настан што се одржува тука. Тоа е Алшар – Допри го сонцето, спортски фестивал што вклучува и две велосипедски трки по Кожуф и Козјак. Паното покажува датум од пред две години. Секако дека и транспортната лента не пропушта да надвисне над осојниот завој.

Понатаму почнува вистинското тиквешко Мариово, моќно, со силни контрасти, на моменти застрашувачко додека се влегува во клисурата на реката Блаштица, а на моменти неодоливо и успокојувачко. Тоа е волшебството на крајоликов. Ако некој во овие моменти помисли дека човек тука нема што да бара, греши. Постојат бројни наоѓалишта што сведочат за населување и присуство на цивилизација во целиот овој регион, главно поврзано со рударството. Записите за Мајден, на пример, датираат уште од 15-от век, кога рудникот е значаен за целата територија на Европа.

Реката Блаштица изградила клисура што на места личи како голем кањон; Се чувствува блага медитеранска нота, а влијанието на топлата клима се гледа и во растителниот свет; Тука сé е поголемо и поубаво, но и посурово

Клисурата на Блаштица, притока на Црна Река, на места се врежува длабоко меѓу масивите на Кожуф и Козјак. Реката во делот кај рудникот е позната како Мајденска Река, а своевремено се користела за миење на рудите. Во близина се наоѓа и рудникот Ржаново, од каде што почнува транспортната лента до Фени – тука се ископува фероникел, оттаму и името на комплексот што затвори во 2013 година.

Некои делови од клусирата во почетокот личат како кањон и нудат спектакуларна глетка – секако, крајно внимание и одговорност се основното правило при секој чекор тука. Но, вредеше целиот пат. Нашето одредиште завршува десетина километри по влегувањето во клисурата, кај крстосницата чијшто еден крак двои кон Рожден, а другиот продолжува по земјен пат за Мајден, па потоа и за Алшар.

А, Peugeot? Сето ова е лесна вежба за „3008“. Со новите светла и со високата и широка маска, заоблена и неодоливо потсетувајќи на старите модели на француската марка, компактниов СУВ тука личи како мачка, што човек не може да погоди дали во моментот ќе скокне по пленот или само сака да се гали. На вакви тури најдобро се покажува за што е способен автомобилот. Прво, Peugeot 3008 располага со кабина што нуди многу повеќе простор отколку што може да се претпостави. Впечаток остава и ширината, како напред, така и назад, впечаток остава и правилното седење на високо на задната клупа, вклучувајќи и изобилство од простор за колената. Во ниту еден момент не се чувствува стеснетост.

Peugeot 3008 е како прибежиште во оваа сурова средина, наспроти големите карпи што личат како да се сочинети од црвеникавиот мариовски мербер и како во секое време да ќе се отцепат; Колку што природава е сурова, толку 3008-кава е комотна и смирувачка

Понатаму, седиштата се високи, меко обложени, целиот амбиент мириса француски и личи француски. Вратите се обложени со фин штоф, има и една тенка лајсна заради ефект, над којашто почнува површина налик на карбон. Дури и на седиштата има штеп во некоја црвена боја на којашто дамите и името ѝ го знаат. Да нема заблуда, ова е второто ниво на опременост, Active Pack.

Шемата со мал зарамнет волан и инструменти поставени високо и подалеку напред, функционира беспрекорно. Инструментите се дигитални (31,2 cm) и сега може да се конфигурира приказот. Контрастот исто е подобрен. Меѓу новините со фејслифтот е копчето за вклучување на еко-програма за возење покрај рачката на менувачот. Во комбинација со автоматски менувач, дополнително следи и спортска програма. Поврзувањето со Андроид се одвива за миг, така се добива и навигацијата. Средишниот дисплеј, патем, сега е зголемен на 10 инчи.

Диодните светла се стандард, заедно со впечатливите дневни светла во вид на сабји, со хромиран завршеток. Секако, моделското освежување го донесе и натписот 3008 над маската, како кај сите модели на Peugeot. Уште повпечатливи се триделните задни светла, исто така со диодна техника, плус тридимензионален ефект.

Мештаните зборуваат за важноста на Рожден на патувањата на трговците до Солун; Границата со Грција и областа Меглен се само неколку километри подолу

Од турата низ тиквешко Мариово ни остануваат само уште неколку километри, до Рожден. Селото е на висина од околу 1.200 метри. Патот по стрмната угорнина е тесен, но добро асфалтиран. Запирање по пат, и тука нема да изостане, заради уживање во глетките. Во Рожден одвај да има неколку постојани жители, но историски тука се случувале важни настани. Местото има дадено и народни херои, подигнат е споменик на паднатите борци во НОБ. Во видеото што го најдовме, во продукција на Мариово Филм, најверодостојно се зборува за ова место, чијашто важност многумина ја превидуваат.

Од висините јасно се гледа и рудникот Ржаново и целиот обем на ископот. Качувањето горе вредеше најмногу за да се увериме во тоа што го нуди Мариово, а тоа е изобилство. Тука има сé, вода, шума, руда, релативно е блиску до голем град, особено поради новиот пат, чијшто придобивки одвај да се користат во моментов. Многу нови работи дознаваме и многу вистини осознаваме при овие наши репортажи. За некој предел да биде вреден за посета, не е потребно да постои „видлива“ цел, во вид на објект, природна реткост, езеро или врв.

Заслуга има и Peugeot 3008, кој направи целата оваа тура да биде релаксирана, безбедна, незаморна. Затоа и ги сакаме овие компактни СУВ-модели, кои се солидна, но и вредна „инвестиција“, што се враќа неколкукратно при откривање на секое следно место на картата на Македонија.

Одиме по следниот модел на Peugeot што го имаат подготвено во Еуроимпекс и во следната мариовска тура.

До официјалната страница за моделот >>>: https://peugeot.com.mk/vozila/peugeot-3008

Технички податоци · Peugeot 3008 Active Pack 1.5 BlueHDI 130 S&S BMV6

Димензии
Должина 4447 mm
Ширина 1841 mm
Висина 1620 mm
Меѓуоскино растојание 2620 mm
Ширина на трага напред / назад 1593 / 1601 mm
Круг на вртење 10,6 m
Багажник 520 / 1482 литри

Тежини и капацитет
Празно возило 1420 kg
Дозволена тежина 1980 kg
Резервоар за гориво 53 литри

Мотор и менувач
Дизел, 4 цилиндри, 1499 cm3
Моќност 96 kW (130 КС)
Вртежен момент 300 Nm при 1750/min
Норма Euro 6.2
Менувач 6-степен, мануелен

Перформанси
Крајна брзина 192 km/h
0-100 km/h за 10,8 s
0-1000 m за 31,3 s

Потрошувачка на гориво
Град / пат / просек 4,7 / 3,8 / 4,2 L/100 km
Потрошувачка на тестот 5,8 L/100 km
Емисија на СО2 105 g/km

ЦЕНА НА МОДЕЛОТ · Peugeot 3008 Active Pack 1.5 BlueHDI 130 S&S BMV6

Редовна цена со сите давачки 29.190 евра
Металик боја, бела 950 евра
Вкупна цена со дополнителна опрема 30.140 евра
Промотивен попуст за конкретниот модел 1.507 евра
Вкупна цена со попуст 28.633 евра

Гаранција, општа · 5 години или 100.000 km
Гаранција, лак · 3 години од испорака
Гаранција, корозина · 5 години од испорака
Гаранција на вградени оригинални резервни делови кај овластен сервисер на Peugeot · 1 година по вградување

Сериска опрема · Ниво Active Pack

Автоматски двозонски клима уред
Систем за автоматско кочење во случај на опасност (ABE)
Систем за рано предупредување на можен судар (FCW)
Предупредување за предолго возење
Систем со проширено препознавање на сообраќајни знаци
Систем за предупредување за ненамерно напуштање лента (LDW
Темпомат со ограничувач на брзинa
Пакет видливост: автоматско вклучување на средни светла и бришачи, монохроматски внатрешен ретровизор, “follow me home” функција
Стартување на возилото без клуч
Преден и заден сензор за помош при паркирање
Камера за помош при паркирање назад 180° поглед
Peugeot i-Cockpit®со дигитален 12,3″TFT возачки екран во боја
Електрична сопирачка за паркирање
Електрично преклопливи странични ретровизори со LED осветлување за лесен пристап кон возилото
Централен потпирач за рака на задните седишта со отвор за скии
Управувач преслечен во TEP кожа
Повеќенаменски екран на допор од 8″ со пијано копчиња
ECO LED предни светла со LED дневни светла
3D LED задни светла
17″ CHICAGO алуминиумски наплатки со пневматик 215/65R17
Mirror Link функција

>>> Креаторите на Peugeot 308 во видео со сите детали за автомобилот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вака се тјунира Volkswagen Tiguan во американски стил

Заврши спорот меѓу фабриките за батерии, VW и Ford можат да здивнат