за

Креаторите на Peugeot 308 во видео со сите детали за автомобилот

Peugeot има нова шефица, ново лого, нов 308. Тоа очигледно е почеток на нова ера за француската марка.

Одржувањето на големите салони за автомобили некогаш беше важен датум за љубителите на автомобилизмот и општо за светот. Сега кога светот е под маски и недостига дружењето без ограничувања, сфаќаме што всушност ни претставуваа тие салони. На тие важни настани, светот се запознаваше со луѓето кои стојат зад автомобилските марки. Peugeot не го сочинуваат „само“ автомобилите, туку подеднакво и луѓето кои стојат зад нив. Peugeot има нов 308, нема салон, но затоа има видео со шармантна француска водителка, којашто разговара со шефицата на марката, со дизајнерот и со дамата што е главна да каже „да“ за новите модели.

Линда Џексон внесува нов тон во француската марка. Тој нов тон се забележува во истиот момент кога Ен Лор Боне, водителка во видеото што го претставува новиот модел и спортска новинарка позната од француските тв-канали, го предава зборот на госпоѓа Џексон. Извршната директорка на Peugeot зборува на јасен и препознатлив англиски јазик, имајќи го предизвикот да го претстави клучниот модел за марката, по само два месеци од преземањето на една од највисоките и најценети функции во целата бранша. Линда Џексон сепак најмалку е „нова“ во бизнисот. Таа доаѓа во Peugeot откако претходно воведе револуција во Citroen.

Ен Лор разговара со ЦЕО-то на Peugeot во објектот што се води под Automotive Design Network и претставува срце на дизајнот на марката. За госпоѓа Џексон, во „генот на Peugeot е способноста за целосно обновување, за повторување на работите, за изнаоѓање нови решенија.“ Посебно е убедлив делот кога Британката зборува за дизајнот: „Автомобилот е многу привлечен кога ќе се види првпат, има впечатлив дизајн, многу е елегантен, но е во исто време и мошне тркачки, внесувајќи извесна спортска нота. Вистинскиот амбиент на Peugeot сепак се чувствува откако ќе се седне во автомбоилот.“

Хостесата во видеото се упатува кон новиот Peugeot 308, којшто е под вел во куполата во објектот, во просторијата во којашто дизајнерите ги претставуваат новите креации пред највисокиот менаџмент на Peugeot, зад врата за којашто шифрата ја имаат само неколкумина во компанијата. Шармантната Ен Лор таму се среќава со Пјер Пол Матеи, главен проект дизајнер. „На овој автомобил сакавме да му дадеме повеќе пропорции на висока класа. Затоа целата кабина е поместена наназад, ветробранот е повлечен 10 сантимери поназад. Продолжена е визуелната должина на хаубата, со користење на мек нос. Во исто време се внимаваше и поправката да биде едноставна, заради хаубата што е изработена од алуминиум“.

Peugeot 308 е првиот модел што го носи новото лого на француската марка

Новиот Peugeot 308 е посебно важен за марката, меѓу другото и поради тоа што кај него светот првпат го гледа новото лого поставено на маска на вистински автомобил. „Нашата главна задача беше дизајнот да се приспособи според новото лого. Затоа креиравме голема маска што го покрива браникот, прави тој да исчезне, а регистерската таблица е поставена многу ниско.“ Пјер Пол направил да исчезне и радарот за системите за асистенција чиешто постоење се забележува кај бројни автомобили. Радарот е сместен зад самото лого. Тоа е француската педантност во дизајнот. Уште еден детал на којшто посочува господин Матеи се светлата „кои во GT-изведбата со матрични диодни светла се високи само 7 милиметри“.

За предизвиците околу создавањето на духот на автомобилот зборува Ањес Тесон Фаже, проект менаџерка на Peugeot. „Нашите клиенти имаат високи барања и тие се експерти, тие знаат сé за автомобилите, за нивните перформанси. Тоа што тие го очекуваат од нас се ефикасност и технологија, а секако дека и квалитетот се подразбира.“ Француската менаџерка ја опишува новата платформа EMP2, којашто е полесна, побезбедна и нуди целосна електрификација – тоа е воедно и најава за e-308, целосно електрична изведба на моделот. Ањес зрачи со среќа кога зборува за „тоглсите“ и за едноставното користење и лесното привикнување на возилото. „Секој ‘itoggle’ служи за брз пристап до одредена функција на средишниот дисплеј од 10 инчи.“

Сето тоа, и многу повеќе, прикажано е во видеото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овие држави најмногу се загреани за електромобилноста

Рекордна продажба на електричниот Audi e-tron во САД