за

Овие држави најмногу се загреани за електромобилноста

Едно истражување имаше за цел да открие колку често жителите на европските држави пребаруваат за електрични автомобили на интернет.

Водечките сили во електромобилноста се издвоија веќе одамна. Скандинавците не се двоумат околу чистиот погон и во веб-пребарувачите тие внесуваат поими поврзани со електромобилноста десетпати почесто отколку Бугарите. Електромобилноста уште е непознат поим во Македонија, барем според податоците од истражувањето.

Електромобилноста не ја одминува Македонија, барем што се однесува до новите модели што увозниците ги изложуваат во салоните. Но, увозниците засега се сами. Државата не е посебно заинтересирана за чистиот погон, кој воедно ослободува и од зависноста од увоз на нафта. Единствената повластица за купувачите на електрични автомобили е ослободувањето од плаќањето на данокот за возило, кој е произлезен од поранешната акциза за возило и во основа претставува данок на луксуз. Значи, не станува збор за вистинска субвенција и за мерка за поттикнување на користењето електрични возила, туку за еден вид добра волја на државата, да не наплаќа луксуз за поседувањето автомобил на струја. ЕВН веќе одамна нема додадено нови полначи, што е сосем разбирливо, има најави дека и бесплатното паркирање во општина Центар наскоро ќе биде укинато.

Додека кај нас електромобилноста моментно е производ на ентузијазам, во повеќето држави во Европа постои вистинска еуфорија. Според едно истражување, жителите на Норвешка најчесто пребаруваат поими поврзани со електричните автомобили на интернет. Од 38 европски држави во истражувањето, прва е Норвешка со 38,5 пребарувања за електромобилност на секои 1.000 жители. Последна е Белорусија со само едно пребарување на илјада жители.

Истражувањето го спроведе една компанија што со својот напреден софтвер утврдува колку често одредени поими се користат за пребарување на интернет. Според податоците на компанијата, нејзините алгоритми во секоја минута проверуваат пет милиони вебсајтови. Големо изненадување на второто место е Малта, со 31,2 пребарувања на 1.000 жители. Кој ја има посетено островската држава во Средоземното Море во последниве години, сигурно ги има забележано електричните такси возила што сообраќаат низ земјата. Секако има и голем број Македонци кои таму работат во такси служба.

Од третото до петтото место следат Исланд (26,6 пребарувања на 1.000 жители), Данска (25,3) и Ирска (24,8). Водечката десетка ја заокружуваат Шведска (20,8), Велика Британија (20,6), Холандија (19,5), Швајцарија (17,8) и Финска (16,5). Тука нема големи изненадувања, на тие што ја следи електромобилноста им е сосем позната оваа слика.

>>> Електрично Mini пишува автомобилска историја во Македонија (1. дел)

Неколку заклучоци сепак може да се изведат. Холанѓанките и Холанѓаните, на пример, не се толку повеќе заинтересирани за електричните автомбоили отколку жителите во останатите држави, но електромобилноста кај нив напредува мошне брзо – поради залагањата на државата и бројните повластици.

Во Амстердам веќе се изведени зони во коишто смеат да сообраќаат само возила со ниска емисија на штетни гасови, а од 2025 година по каналите ќе биде забрането да се движат чамци со погон на дизел или бензин. Пет години подоцна ќе им се придружат и автомобилите и мотоциклите. Дополнително, Холандија има голем удел на електрична енергија од обновливи извори. Во прилог на електромобилноста оди и фактот што земјата е рамна.

Спротивен е случајот со Австрија. Алпската држава со високи планини и многу снегови не покажува особено висок интерес за електричните автомобили. Таа е на 12-то место, со 14,9 пребарувања на 1.000 жители. Швајцарците се само три места понапред.

Јужна Европа е во просекот во поглед на интересот за електричниот погон. Португалија е на 15-то место (12,6), Италија заостанува далеку на 21-во место (7,9), но пак е подобра од Шпанија (23-та), каде што само 7,7 пребарувања по 1.000 жители се поврзани со електромобилноста. По малку разочарува Франција, чијшто електрични возила се меѓу најпродаваните во сегментот, но во земјата има само просечен интерес. Во споредба со останатите држави, Франција е 16-та со 11,0 пребарувања по 1.000 жители.

Источна Европа не ја засега електромобилноста. Од 29-то до 38-то место се рангирани Романија (5,4), Словачка (5.1), Бугарија (3,3), Албанија (3.2), Црна Гора (3,0), Босна и Херцеговина (2,4), Србија (2,2), Украина (1,6), Молдавија (1,4) како и Белорусија (1,0). Тоа што Македонија не фигурира на списокот треба малку повеќе да ги засегне тукашните политичари.

>>> Volkswagen ги испорача првите примероци од електричниот ID.4 во Германија

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW, Audi & Co. повторно имаат растечка продажба во САД

Креаторите на Peugeot 308 во видео со сите детали за автомобилот