за

Електрично Mini пишува автомобилска историја во Македонија (1. дел)

Електричното Mini во ова пионерско тест-возење во Аутомедиа ни ги открива вистинските причини за глобалниот подем на новиот погон. Возењето на струја не зависи толку од постоењето широка мрежа од полначи или од масивни даночни повластици, колку што зависи од фасцинацијата во самото возење. Кој ќе го проба електричниот погон, ќе го обожува. Во Mini Cooper SE сепак работи електричен погон на BMW. Овој електричен автомобил ја имаше честа првпат да се појави во средини и да гази по патишта по кои ниту еден електричен автомобил не возел претходно во Македонија. Остануваат уште многу патишта и многу ситуации, електричниот погон дефинитивно е реалност, тука и сега.

Mini Cooper SE електричен автомобил тест16

Едно несекојдневно Mini нé чека паркирано пред салонот на М Кар. Толку е несекојдневно, што повеќе одговара да се нарече дека е историско Mini. Марката и моделот дури воопшто не се важни сега, затоа што овој автомобил суштински се разликува од останатите. Тој многу работи ќе ги направи првпат на овие простори, за сите автомобили од неговиот вид што ќе следат понатаму. Mini Cooper SE вози единствено на струја.

Само неколку надворешни знаци укажуваат дека станува збор за електричната изведба на Mini. Исто како најмоќната изведба во стандардната понуда со бензински мотор, оваа ја носи ознаката Mini Cooper S, но со додаток E, заради електричниот погон. Значи, Mini Cooper SE. Нема спектакли однадвор, електричниот погон одамна е прифатен како реалност на просторите од коишто ни доаѓа овој автомобил. До автомобилот во чијшто задни светла гордо се прикажува британското знаме, се наоѓа полнач за струја. Ваква сцена може да се доживее во Лондон, Берлин или Стокхолм, но ова е во Скопје, тука и сега. Зарем електричниот погон може да биде пореален од ова?

Покрај тоа што маската е целосно затворена, затоа што нема потреба да се доведува воздух за ладење, на видот на погонот укажуваат уште жолтите симболи за приклучок за струја во традиционалните „Side Scuttles“ во предните крила. Уште еден таков симбол, но малку поголем, поставен е на задниот поклопец. Тие што ќе насетат дека ова Mini е различно од останатите, веднаш ќе забележат и дека назад отсуствува издувна цевка, поточно две цевки во средина, како кај Cooper S.

Батеријата од 32,6 киловатчасови е поставена во подот, просторноста на кабината и багажникот се исти како во изведбите со бензински мотор

Една разлика ќе може да се воочи единствено кога електричниот Cooper SE и бензинскиот Cooper S ќе се најдат едно до друго. Електричното Mini е повисоко за 18 милиметри, додека најиздадената точка на подот му е 15 милиметри пониско во споредба со бензинскиот модел. Тоа е поради батеријата, која вешто е сместена во средишниот тунел и во самата подна конструкција. Поради тоа, нема промени ниту во зафатнината на багажникот, ниту во просторноста на кабината. Електричното Mini беше предвидено уште при развојот на оваа генерација што се води како F56.

Mini Cooper SE електричен автомобил тест

Големата сензација кај ова Mini, што отсега е дел од редовната понуда на македонскиот увозник, секако дека е во возењето. Жолтиот преклопник во средишната конзола го става Cooper SE под напон. Сето тоа, во посебниот дух на маркава, проследено е со импресивен звучен ефект, кој дури и премногу верно укажува дека погонот е несекојдневен. На овалниот дисплеј зад воланот пишува дека во батеријата има енергија за 168 километри. Тоа е различно од фабрички декларираните 235 до 270 километри досег, но разликата меѓу ветувањата на производителите и реалноста одамна не е новина во автомобилскиот свет. Тоа е исто како да се очекува Mini Cooper S со својот турбо-дволитарец со 192 КС, да троши просечно 5,3 литри бензин на сто километри, колку што декларира фабриката.

Причината зошто патниот компјутер на Mini Electric ја прикажува оваа вредност, сепак е од друга природа. Секако дека вредноста е резултат од претходните возења, а љубопитноста на луѓето е таква што сакаат веднаш да ги испробаат крајните можности кога пристига некоја нова технологија, во случајов електричниот погон. Со други зборови, сите што седнале да го испробаат Cooper SE, го „притиснале“ до крај. Има и зошто, електричното Mini никој не го стасува на старт. Но, за тоа подоцна.

Mini на струја возевме уште лани, но тогаш имавме на располагање само триесетина километри – Cooper S E Countryman All4 имаше плагин-хибриден погон; Ова Mini во најдобар случај ќе извози 270 km со полна батерија

Нас повеќе нé интересираат својствата на долги патеки. Не е првпат да возиме автомобил на струја, а исто и Mini на струја. Пред приближно една година, на струја го возевме Cooper S E Countryman All4, но тогаш имавме на располагање само триесетина километри на батерија, пред бензинецот да се придружи во погонот на кросоверот. Countryman имаше плагин-хибриден погон, додека Mini SE нема на располагање таков „луксуз“, мора сé да извози само на струја.

Одредиште ќе ни биде Козјак. Досега не знаеме за пример дека електрично возило се појавило на висорамнината Рудина, од кадешто се прикажува една од најспектакуларните панорамски глетки во нашата убава Македонија. Овојпат ќе си придадеме пионерска улога и ќе направиме Mini Cooper SE да биде првиот електричен автомобил на Козјак.

По пат за Драчево се движиме со иста брзина со колоната возила и податокот за досегот расте постојано. Од почетните 168 километри, кај Охис веќе имаме „добиено“ десетина километри. Секако дека ништо не сме добиле, туку интелигенцијата на патниот компјутер едноставно го зема предвид нашето нормално возење и соодветно додава во досегот. Со темпомат вклучен на дозволеното темпо 80, некако за миг пристигаме до каменоломот во Говрлево. Впечатокот дека брзо сме стигнале значи дека сепак било интересно по пат.

Доживувањето е речиси исто како првпат да се вози автомобил

Сé е ново и сé е различно. Забрзувањето при престигнување, проверката како автомобилот се однесува во свијоци со тешката батерија во подот, обидот да се наслушне дали електромоторот испушта некаков звук, сето тоа прави возењето електричен автомобил да биде единствено уживање, ново уживање. Место силно да се притиска врз гасот колку е можно порано во свијокот и вешто да се ракува со менувачот, тука уживањето е сосем поразлично. Речиси е исто како првпат да се вози автомобил.

Досегот се намалува пропорционално, нема „губење“ ориентација како што се случува кај патните компјутери на некои автомобили со обичен погон. Тоа прави трошењето на батеријата да биде предвидливо. Колку се вози побрзо и се притиска посилно, толку повеќе се скусува досегот, тоа е исконската возачка логика, што е иста и за бензин и за струја.

Најдоброто е тоа што сé околу електричниот погон функционира некако природно, интуитивно. Нема пауза од притискањето врз „гасот“ до фактичното повлекување, затоа што електромоторот ги испорачува своите 270 њутнметри уште од 100 (!) вртежи во минута. Повлекувањето е рамномерно, многу моќно во секој случај и се дозира особено прецизно. Многумина возачи кога ќе седнат првпат во друг, посилен автомобил, обично притискаат пресилно врз гасот, па потоа отпуштаат, и тоа прави возењето да биде непријатно – покрај тоа што расте потрошувачката. Кај електричното Mini е исто како да се завртува потенциометар на аудио засилувач.

Стрмните нагорнини се лесна вежба за електричниот Mini Cooper SE – додека на модерните турбо-бензинци им се потребни 2.000 вртежи да го произведат полниот вртежен момент, „батериското“ Mini влече моќно уште од 100 вртежи на електромоторот

Големата неизвесност штотуку претстои. Прашањето е, како Mini SE ќе се искачи горе на околу 1.000 метри, и што е уште поважно, колку енергија во батеријата ќе ни остане за враќање назад? Не треба да се чека долго додека пристигне одговорот. На стрмната нагорнина над каменоломот на Усје, на дело се покажуваат 270-те њутнметри на електромоторот. Поточно, се покажува раскошниот вртежен момент кој се сервира уште при 100 вртежи. Малку игра: По отпуштањето на педалот, Mini позабавува, за при минимално допирање на „гасот“, електромобилот да забрза лесно и без какво било доцнење. Додека во автомобил со обичен мотор, особено со лошо турбо, по отпуштањето на гасот ќе биде потребно да се префрли во прв степен, па уште и спојката ќе подзамириса, Cooper SE ја завршува оваа вежба како детска игра.

Досегот паѓа, од околу 180 километри колку што имавме на клучката кај Драчево, вредноста по благата угорнина што води до Нова Брезница е смалена на околу 160 километри. Сосем е извесно дека Mini ќе се искачи до одредиштето, прашање е само дали за тоа ќе се потроши енергија многу повеќе од очекуваното. Но, колку што постојат драстични разлики меѓу погонот со мотор со внатрешно согорување и погонот со електромотор, толку постојат и сличности. Тоа значи дека нема причини електричниот погон да биде помалку ефикасен при подолго искачување на нагорнина.

На Рудина пристигаме со досег пресметан на 135 километри. Една функција се покажува мошне корисна кога човек има намера или потреба да заштеди. Станува збор за најобична функција на темпоматот. Додека повеќето темпомати не подржуваат темпо под 40, кај Mini при качување угоре по планината може да се намести темпо 30 и спокојно да се вози до одредиштето. Тоа е добро и за ефикасноста, затоа што брзината се одржува рамномерна, без забавување и без забрзување.

Пресметувањето на досегот кај електричниот погон е исклучително прецизно, затоа што електрониката работи со за неа „природни“ податоци – возачот може апсолутно да верува во досегот што го предвидува овој Mini-BMW

Немa потреба од грижа околу досегот, затоа што во батеријата ни останува енергија за враќање до Скопје и назад до Козјак, па пак до Скопје. Од салонот на М Кар појдовме со 168 километри, на Сува Планина имаме досег од 135 километри. Тоа се точно 33 километри, исто колку што е растојанието меѓу двете точки.

Mini Cooper SE како самиот да нé наведе да извозиме до планинскиот масив јужно од Скопје, за да ни ја прикаже вистинската слика. Автомобилот со електричен погон не само што не е туѓ во оваа средина, туку е апсолутно во својата природна средина, тука меѓу овие карпести планини, меѓу коишто тече река, а Човекот од неа создал вештачко езеро и изградил хидроцентрали, да произведуваат електрична енергија. Поглавјето за нафтата тука никаде не се наѕира. Електричната енергија е тоа што ни го дала природата.

Назад ни претстои уште една проба. Патот води удолу, а тоа значи дека електромоторот ќе дејствува како генератор и ќе ја полни батеријата. Постои еден прекинувач во средишната конзола, што се покажа од голема корист во бројни ситуации. Возачот може да го бира степенот на „моторното сопирање“. Посилниот степен премногу ни го забавува Mini на спуштањето до Нова Брезница, надолу мора да се избере послабиот степен. Без потреба од притискање на сопирачката, електромобилот се спушта исто толку релаксирано колку при качувањето. Посебно е чувството кога возењето е продуктивно, кога самото возење по надолнина произведува енергија.

На надолнината пред Говрлево, Mini произвел енергија за 20 километри пат – кој друг погон може да произведе енергија при возењето?

До клучката што води за Света Петка, електричниот погон по благата надолнина произвел енергија за дваесетина километри. Тоа е повеќе од половина пат до Скопје. До тој момент, сме потрошиле 75% од капацитетот на батеријата. Така покажува дисплејот. Значи, имаме енергија за уште три вакви возења. Но, тоа значи и дека сиот овој пат сме можеле да го поминеме во „тркање“, секако симболично.

До Скопје возиме како напред да работи обичен мотор. Толку куса тура е доволна да се стекне доверба во електричниот погон. Mini и натаму поаѓа прв од семафор, луѓе го забележуваат, но не поради тоа што е гласен, туку напротив, поради тоа што се движи нечујно. Возењето со една педала, исто така ни стана рутинско за ова кусо време. Со претходно спомнатиот прекинувач за „моторно сопирање“ поставен на посилниот степен, Mini се вози без потреба од притискање на сопирачката. Колку повеќе се отпушта „гасот“, толку Mini сопира посилно. Овој нов принцип на возење е изненадувачки лесен за привикнување и всушност претставува карактеристика на електричниот погон, исто колку што е нечујното возење или моќното поаѓање.

И, клучниот момент: Приклучување на полнач. Паркирањето е бесплатно за електричните автомобили, исто како и користењето на полначите. Тоа несомнено е привилегија, што со пристигањето на Mini SE ќе заинтересира многу возачи за електричниот погон. На полначот во Градски Парк, батеријата покажува дека се испразнила само до 67 проценти од капацитетот. Според патниот компјутер, доколку сме продолжеле со истата динамика на возење, ќе сме имале енергија за уште 135 километри. Тоа е сензација. Појдовме со „прогноза“ за 168 километри, се враќаме во Скопје со досег за уште 135 километри, а сме извозеле стотина километри.

На полначот на ЕВН се покажува предноста на технологијата на електричниот погон од групацијата BMW – полнењето трае час и половина, тоа е колку една прошетка во парк

„Обновувањето“ на енергијата од 67% до стопроцентна наполнетост на батеријата, на полначот на ЕВН од 11 киловати трае околу час и половина. Тоа се покажува на дисплејот на Mini и предвиденото времетраење на полнењето се покажува мошне прецизно. По полнењето, на располагање ќе имаме досег од 210 километри – интелигенцијата на погонот го зеде предвид нашето штедливо возење. Следната тура ќе ја возиме во друга крајност.

Турата со Mini Cooper SE не завршува тука. Имаме уште многу искуства да споделиме, претстои динамичниот дел од возењето, кога ќе ги провериме перформансите и возните својства. Тоа ќе следи во вториот дел од објавата. Сепак, ова е автомобил што создава историја, македонска историја, тука и сега. Електричниот погон во Македонија никогаш досега не бил пореален. И попривлечен.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автобус на Mercedes прв во свет со батерија со цврст електролит

Автобус на Mercedes прв во свет со батерија со цврст електролит

kia ceed 4 modeli xceed proceed sportswagon1

Четири изведби на Kia Ceed, која е најдобриот избор?