за

Четири изведби на Kia Ceed, која е најдобриот избор?

Од еден Ceed, станаа четири модели. Семето се фати добро, актуелната генерација на компактот на Kia создава моделска четворка што одлично се надоврзува едно со друго. На практичното комби следи спортско комби, на семејната комбилимузина следи кросовер со одлична противвредност. Направивме кус преглед на главните разлики меѓу одделните изведби.

kia ceed 4 modeli xceed proceed sportswagon

Прашањето дали е подобар избор кросовер изведбата XCeed или спортското комби ProCeed е исто како љубител на слатко да прашате дали повеќе сака баклава или еклер. Изборот ќе беше донекаде полесен, доколку Kia настапуваше само со тие две моделски изведби во компакт класата, во самото јадро на автомобилскиот пазар. Секако дека и комбилимузината Ceed е во трка, таа сепак ја дава основата на целата гама. Има уште една изведба, комби. Има и GT. Има и хибрид. Па има и спој на миниван-кросовер што се вика Niro и специјалност му се електричен и хибриден погон.

Кој уште не чул за квартетот Kia Ceed? Кога моделскава четворка на Kia би била рок бенд, XCeed би свирел гитара, SportWagon бас, а ProCeed тапани. Ceed, секако, би бил вокал, плус гитара. Има минато веќе година и половина откако се појави основоположникот – патем и името одговара, Ceed (семе) – а гамата изгледа свежо, како премиерите да се случиле синоќа. По три месеци од комбилимузината Ceed следеше комбито Sportswagon, потоа имаше четири месеци пауза, па дебитираше спортското комби ProCeed, за четворката да се заокружи маестрално, со стилскиот кросовер XCeed лани во септември. Приближно во ист чекор се случуваа и премиерите на Киа Моторс Македонија.

Платформата е иста за сите четири модели, со вешто изведени зафати во механиката, во надворешниот стил и внатрешната „архитектура“, што внесуваат различен карактер за секој модел посебно. Постои и разлика во спецификацијата. XCeed и особено ProCeed, имаат повеќе опрема и повеќе внимание во одредени детали, соодветно на тоа што целат на т.н. ниш-сегменти, односно потсегменти. Покрај тоа, за овие два „топ-модели“ во гамата на Ceed се достапни и посилни мотори, како и уште побогати нивоа на сериска опременост.

Kia Ceed 1.4 mpi advance test

Тест: Kia Ceed 1.0 T-GDi Vision

Ceed во компакт класата ужива статус на Golf или Corolla. Како што оценивме при првото тест-возење, посебноста на семејниот компакт се покажува при подинамично возење, кога буквално се открива вистинската душа на автомобилот. Во уличното секојдневие во т.н. работен сообраќај, тој е комфорен, прегледен, добро изработен автомобил. Но, кога ќе се излезе од градското сивило и ќе се појави кривулест пат, тогаш следи уживање за возачот. За патниците, исто така, затоа што компактната Kia е безбедна и комотна.

Разликата во должината меѓу Kia Ceed и Proceed изнесува дури 30 сантиметри

Во поглед на димензиите на каросеријата, најдолг е ProCeed со 460,5 cm или за 29,5 сантиметри повеќе од Ceed. Кросоверот XCeed иако изгледа масивно, не претерува со должината и додава само 9,5 сантиметри на должината на комбилимузината. Затоа, пак, тој е за близу 3 сантиметри поширок од останатите (182,6 cm), главно поради крилата, односно поради проширената трага на тркалата.

Разликите во висина исто се впечатливи: Ceed стартува со 1.447 mm, следи Sportswagon со 1.465 mm, па Xceed додава до 1.495 mm. Спортското комби е најниското во четворката, со 1.422 mm, односно точно 25 милиметри под Ceed. Меѓуоскиното растојание е идентично (2,65 метри), а унифицирана е и тежината на приколка – 1.200 килограми со и 600 килограми без сопирачки.

Тест на Аутомедиа: Kia ProCeed 1.6 GT

И нормално, багажникот. Ceed веќе е примерен во класата со своите 395 литри, но XCeed оди на 426 литри, потоа качува ProCeed на 594 литри, за врвот да му припадне на комбито со „СУВ-овски“ 625 литри. Освен во зафатнината, разлика постои и во формата на самиот багажник. Секако дека во XCeed може да собере повисоки предмети, но затоа за најдолг товар, на пример велосипед, најмногу место има во комби-изведбите, во ProCeed и Sportswagon.

Тоа добро го покажува податокот за максималната зафатнина, со соборена задна клупа: Ceed 1.291 литри, XCeed 1.378 литри, ProCeed 1.545 литри и товарниот шампион Sportswagon 1.694 литри.

Повеќе од половина тон носивост во комбито Ceed Sportswagon и багажник од преку 600 литри

Во тежината нема големи отстапувања. За оваа споредба, поточно советување за избор, го избравме моторот што е достапен за сите четири модели, 1.0 T-GDi со 120 КС. Како и обично, почнува Ceed со своите 1.297 килограми, потоа е XCeed со 1.332 kg, па доаѓа SW со два килограми плус и на крајот е суперопремениот ProCeed со своите 1.360 килограми. Во поглед на носивоста, спортското комби заостанува со 40 kg зад Ceed SW (506 kg), што се должи на посебното дотерување на подвозјето, со цел да се постигне врвна динамика.

тест kia xceed

Тест: Kia XCeed 1.4 T-GDI

Кај димензиите на тркалата и на гумите повторно се покажуваат разлики меѓу одделните изведби, што укажува колку техничарите на Kia внимавале на секоја варијанта да ѝ дадат посебна душа. Ceed во основото ниво Vision доаѓа стандардно со челични тркала од 16 инчи со гуми 205/55. Македонската Kia имаше неколку акции во кои го вградуваше „Black Pack“ како гратис во Ceed, вклучувајќи и алу-тркала. Истата димензија служи и во комбито SW. Кросоверот XCeed, пак, како модел со повисока спецификација, стандардно доаѓа со алу-тркала од 16 инчи и со гуми 205/60. Мајсторот во возната динамика и возачкото уживање, ProCeed како топ-варијанта, почнува со нивото GT Line, каде што тркала од 17 инчи се подразбираат, исто како и Michelin Sport со димензија 225/45.

Со турбо-еднолитарецот со 120 КС и 172 Nm при 1.500 вртежи, сите постигнуваат крајна брзина 190 km/h, освен XCeed, кој поради поголемиот профил „подзапира“ на 186 km/h. Во спринтот важат 11,1 секунди за Ceed и ProCeed, односно две десетинки повеќе за останатите две изведби. Повисокиот профил на кросоверот се покажува и во потрошувачката: Додека фабриката за останатите моделски изведби пријавува просек од 5,2 литри на сто километри, кај XCeed се два децилитри повеќе. Резевоарот е ист, секогаш е 50 литри.

Kia XCeed и ProCeed располагаат дополнително со неколку системи за асистенција

Во безбедносната опрема никогаш немало штедење во Kia, па така и сега: 6 воздушни перници, држачи за детско седиште, ABS, BAS, TCR, ESP, трепкачки стоп-светла при нагло запирање. Кросоверот и спортското комби одат уште еден чекор подалеку, со самостојно запирање при опасност од судир (ProCeed има и предупредување за возило од попреку при излегување наназад, плус препопзнавање пешаци). Кај останатите две изведби, некои од овие системи следат во повисокото ниво на опрема. Уште една голема посебност на хај-спек верзиите XCeed и ProCeed се диодните предни светла, што следат уште во основното ниво. Истото важи и за системот за задржување во лента.

Според претходново, околу разликата во цените меѓу одделните моделски изведби, не се суди според димензиите на каросеријата или багажникот, туку има и значајни разлики во опременоста – поточно, суперопременост кај X/Pro-Ceed. Цената за Kia Ceed со 1.0 T-GDi со 120 КС и 6-степен мануелен менувач (постои и верзија 1.4 со 100 КС, за 13.990 евра), со основното ниво на опрема изнесува 15.990 евра. За Kia XCeed, со истиот мотор и со основното ниво на опрема Vision, но со сите ставки што дополнително ги поседува кросоверот во ова ниво, цената е 18.550 евра или 2.560 евра повеќе од Ceed. Оваа разлика се намалува кога ќе се земат предвид екстра-ставките во XCeed, како двозонска автоматска клима, диодни предни и задни светла или алу-тркала.

ProCeed е гран-туризмо специјалист што е поблиску до Kia Stinger отколку до Ceed

ProCeed е веќе друг свет, затоа што нивоата на опременост кај него почнуваат дури од GT-Line. Поточно, тоа е единственото ниво за брзото стилско комби, затоа што уште повисокото ниво GT е достапно ексклузивно со 1,6-литарецот со 204 КС и 7-степен DCT. Комбито во вистински дух на гран-туризмо модел, во опремата оди дури до навигација и седишта што делумно се обложени со кожа. Затоа и цената за верзијата со 1.0 T-GDI изнесува 24.990 евра. Сепак станува збор за имиџ модел и воопшто за знаменосец во гамата на компактниот модел. Според впечатокот што го имавме при тестот, „професионалниот“ Ceed допира и до Stinger, во поглед на доследноста во создавањето на посебниот карактер на моделот. Не станува збор „само“ за различна каросерија, туку целото подвозје е дотерано различно, вклучувајќи ја геометријата, и особено вклучувајќи го управувањето.

Kia го има единственото компактно комби со плагин-хибрид
Kia го има единственото компактно комби со плагин-хибрид

Во поглед на противвредноста, XCeed дури го надминува нивото на Ceed. Самостојно запирање при опасност од судир, предупредување при напуштање лента, автоматска двозонска клима и автоматско одмаглување ветробран, сензор за дожд, USB полнач, предни и задни диоодни светла, алу-тркала – сите овие ставки се стандард кај кросоверот. Секако дека постојат уште „милион“ варијанти за избор. За цената на Kia XCeed може да се избере Ceed со посилен мотор или со повисокото ниво на опрема. Во тој случај, со мотор 1.4 T-GDi со 140 КС и опрема Advance, класичниот компакт ќе чини 18.990 евра или околу 500 евра повеќе од XCeed. Во игра може секогаш да се вклучи и комбито Sportswagon, за коешто ценовникот не е објавен.

Комбито е дури и сокриен адут на Kia. За него е достапна варијанта со приклучен хибриден погон, во комбинација со 1,6 GDi и со досег од 60 километри на струја, исто како и дизел со благ хибриден погон. Ceed е продуктивен квартет на Kia. Досега слушавме добра музика од него, а има и уште многу за слушање во иднина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mini Cooper SE електричен автомобил тест

Електрично Mini пишува автомобилска историја во Македонија (1. дел)

баерн минхен audi e-tron

Баерн Минхен прв фудбалски тим со возен парк на струја