за

Тест: Kia XCeed 1.4 T-GDI

тест kia xceed
тест kia xceed

Kia XCeed поставува дефиниција за кросовер. Тоа што досега беше ниту класичен компакт ниту СУВ, отсега станува автомобил што има смисла и намена, а ќе има и обожуватели. Колку и да упатува стилот на заклучок дека станува збор за скап модел, на крај се покажува спротивното.

Тоа не се случува често. Додека Kia XCeed ја возиме ненападно во средната лента на автопат, одлево влетува престижен и светнат теренец од Audi, па подзапира и некое време вози паралелно, за спонтаната публика подобро да го погледне автомобилот. Голема чест е тоа, дури и кога Audi само неколку секунди подоцна одвај се забележува во далечината.

Во автомобилов постои некоја чудна моќ. Тоа се покажа уште при македонската премиера на XCeed, кога беше организирана пригодна свеченост во главниот салон на Kia, и необично, по долго време можеше повторно на сцената да се забележи како публиката навистина се интересира за колата што се претставува. Неколкуте стотини гости го сликаа кросоверот, се сликаа покрај, седнуваа, ја мазнеа каросеријата, ги подместуваа седиштата, го меркаа просторот под задниот капак.

Ако напред стои логото на Kia, тоа денес носи многу изненадувања. Кај XCeed не се работи само за стил, туку многу повеќе за вредно возачко искуство

Бидејќи ние имаме навика да им посветуваме различен третман на автомобилите што заслужуваат да им се посвети различен третман, бидна пак така. XCeed важи како убава кола. Тоа не се мери, туку се чувствува. Затоа го смисливме следниов предизвик. Најновиот модел на Kia ќе го возиме секаде наоколу и кога ќе здогледаме некоја впечатлива заднина, ќе го сликаме пред неа, секогаш од истиот ракурс.

И уште ова: Ќе сликаме со мобилен телефон, строго по една слика на секое запирање, без можност за повторување или подместување. Како што е, буквално. Затоа на некои кадри се забележуваат и сенки од фотографот, или рефлексии што паметот на паметниот телефон не успеал да ги обработи. Од сите тие неколку дузини фотографии, без менување на редоследот, на крај ќе изработиме филм, слајдшоу.

А тоа изгледа вака:

Впечатокот од ова оригинално документирање на Kia XCeed кажува дека е невозможно автомобилов меѓу Ceed и Sportage да се погоди во лошо светло, да изгледа различно од тоа што го гледале дизајнерите. Без разлика каква е заднината, XCeed секогаш изгледа дотерано, умесно, господски. Можно ли е еден автомобил да поседува харизма, небаре е човечки карактер?

По оваа Kia, дечињата повеќе нема да ги цртаат автомобилите како лимузини, туку како XCeed

Има многу историски примери во стратегијата што ја кројат во седиштето на Kia, којашто почна убаво да се разоткрива по претставувањето на ProCeed, за многумина вистинскиот и единствен гран-туризмо во компакт класата во денешницата. Еден таков историски пример е Lancia. Италијанската марка, некогашната гордост на „Римјаните“ уште поголема од Ferrari & Co., денес не постои надвор од домашниот пазар. Марката на Винченцо Ланча, во 1980-те години ја имаше прочуената Delta, херој од рели-патеките, непобедлива машина.

Пет сантиметри повеќе растојание од подлогата од Ceed, седење дванаесет сантиметри повисоко, куси каросериски превиси за повремени излети по терен и проширена трага за уште подобра странична динамика

Целиот автомобилски свет сакаше Delta, но Delta HF Integrale, како на Јуха Канкунен. Меѓутоа, таа беше суперскапа и тешка да се оправда дома. Основните изведби со обичен мотор, пак, никој не ги сакаше. Никој не се интересираше да се вози во Lancia што е светлосни години далеку од Integrale. Тоа што им недостигаше на Италијанците беше модел сосем независен од Delta, подостапен и поразумен, но пак со имиџ блиску до неа. Модел што луѓето ќе го купуваат и ќе се гордеат што тој е од истата марка со Integrale. Место тоа, Lancia го понуди недостапниот и неразумен – Y10. Од Autobianchi. Марката имаше имиџ, меѓутоа немаше модел што ќе постигне барем малку помасовна продажба.

Братско помагање: Kia XCeed е добар избор затоа што и Ceed е добар автомобил, а од друга страна Ceed добива уште толку на вредност, затоа што XCeed е дел од семејството

Kia го прави тоа многу умешно, вешто. Во моделското семејство на Ceed, одделните изведби си помагаат едно со друго, се надоврзуваат. XCeed и ProCeed пренесуваат дел од својот имиџ врз матичниот Ceed, тие практично ги потврдуваат неговите вредности, ги евалуираат. Ceed им се допаѓа на купувачите и моделот се продава одлично, затоа што припаѓа во истото семејство со XCeed и ProCeed.

Кросовер или автомобили за се’ и за секаде. Вакви фини детали, како сребрената рамка околу прозорците, плус со сатенски финиш, сепак би изгледале неумесно на СУВ

Во исто време, постои спрега и во спротивна насока. Добриот, солиден и безгрешен Ceed им обезбедува педигре на кросоверот и на купе-комбито. Кусо: Никој не би купувал XCeed или ProCeed само заради различниот изглед, па и заради апсолутно различното чувство, ако основата од Ceed не чини. Основата се моторите, подвозјето, инженерингот, мајсторството што ги носи во себе Ceed, а со тоа и секој модел врз негова основа.

Ceed, ProCeed и XCeed се разликуваат едно од друго исто како купе од класична лимузина во 1970-те, како Fiat 128 од 128 Coupe или Kadett B од Kadett B Coupe; Кросоверите од новата генерација се всушност тоа, замена за некогашните купеа

Од друга страна, Ceed, XCeed и ProCeed не можело да се разликуваат повеќе – задржувајќи го идентитетот на марката, секако. Kia прави многу работи, а тоа што не го прави е дека не калкулира. Познавачите на сцената ќе се присетат дека браншата пред СУВ-потопот нудеше најразлични каросериски изведби. Постоеја и купе-изведби, со механика од класичниот семеен модел, но со засебен стил на каросеријата. Повторно пример од Италија: Fiat 128 и Fiat 128 Coupe. Или од Германија: Opel Kadett B и Opel Kadett B Coupe. Два различни света.

Кросоверите се новите купеа во компакт класата, различни од главната струја, елегантни, стилски. Кога се чинеше дека тие ќе исчезнат, нивното време штотуку доаѓа. Kia, автомобилската сцена ти должи за ова

А, колку денес се разликуваат семејните транспортери од купе-убавиците? Николку, затоа што купе во компакт класата повеќе не постои. Речиси. XCeed е новото „купе“ во класата на Golf & Co. Како што заклучивме по есенската фото-сеанса со Lexus UX 250h по најубавите рути низ Македонија, кросоверите се новите купеа. Тие се елегантни, отмени, различни, тоа се сите аргументи што некогаш беа причина за возачите да избираат купе.

Колку и да е јасно дека кросоверите не го напуштаат асфалтот, возилото мора да поседува барем основен теренски талент; Тоа е случај кај Xceed, кога оваа благородно средена каросерија ќе згази по земјен пат

XCeed е кросовер, што значи дека поседува и извесни таленти на СУВ, по малку е теренец. Дали овој светнат автомобил со лесен чекор ќе се посрамоти откако ќе го изгуби асфалтот под тркалата? Тешко. Возењето со ваков автомобил по терен, обично трае до точката кога е веќе јасно дека понатаму не може, односно не треба. Точно во тие моменти се покажува теренецот во кросоверот, кога ќе треба на тесниот пат да се сврти за наназад.

Подвозјето остава мошне примерен впечаток, со добро придушената, а сепак мека и тивка реакција на амортизацијата. Тоа е воедно и суштинската предност на концептот на кросовер, СУВ-моделите прават многу поголем компромис меѓу мека амортизација за комфор и тврда амортизација за добра стабилност

Kia со своите педантно лакирани браници, хромирани лајсни по праговите и двобојни бандажи, свртува меѓу гребените по страниците од земјениот пат без да допре земја или камен. Тоа треба да му се признае на шефот што раководел со развојот на XCeed – неговото име сигурно е напишано во стотината страници материјал за медиуми, но со сета почит кон човекот, овојпат тие информации не ни се потребни.

Кусите кароериски превиси напред и назад, прават XCeed достојно да ја врши својата функција и кога ќе се најде надвор од асфалтот. Тука не станува збор за шминка, туку за суштина. Кросоверот е проектиран безгрешно, очигледно е дека при развојот некој точно поставил колкави да бидат аглите на пристап, на рампа и на излегување. Клиренсот е сосем доволен и подот е заштитен за металот да не се оштетува од гребење од суви гранки. Уште еден подеднакво важен детал: Вратите ги покриваат праговите, со што е мала шансата за валкање на ногавиците (или чорапите) кога на каросеријата остануваат траги од природата.

Тоа е воедно и пресудниот момент кај колава. Сета убавина не ќе вредеше, ако оваа Kia беше неспособна да направи неколку теренски вежби. Сцената ќе се подбиваше

XCeed е еден од тие автомобили, за коишто на возачките и возачите им е важно како ги паркираат. Кога автомобилот му причинува задоволство на човек, тој обично се паркира да се гледа со носот. Една куса прошетка покрај голем паркинг ќе ја потврди оваа забелешка. Кросоверов, човек повеќе сака да го паркира да се гледа опашот. Тоа е чоколадната страна на дизајнот, што секако не значи дека и спротивната страна изгледа лошо.

Kia го продава XCeed без „доплата“ за дизајнот. А, тоа и би можело да помине…

Мајсторијата на дизајнерите е во тоа што секој детал од изгледот на XCeed се разликува од матичната комбилимузина, а притоа пак се препознава дека е во сродство со неа. Буквално секој детал е облагороден, со дополнителна естетска вредност: Разграната контура на светлата, водењето на трепкачите во нив и превојот отстрана, маската што е развлечена надолу и има саќеста структура, хромираната лајсна долу во браникот, црната заштита на арките и на праговите што е во контраст со сребрените рамки со сатенски финиш околу прозорците.

Kia XCeed е автомобил што се паркира да се гледа опашот, не носот; Иако и тој е личен

Посебно поглавје заслужува опашот, со тенките задни столбови што уште толку го нагласуваат масивниот опаш, со малечкиот спојлер под стаклото, со долните светла што некако потсеќаат на јаготки потопени во течна чоколада – сето тоа е обемна дизајнерска работа, но во исто време и тежок инженерски предизвик, затоа што изработката на овие форми исто така чини. Сé е тотално различно од ProCeed.

Завршна изработка „a la Kia“. Тука нема ниту еден кабел или спојница, ниту еден вар да биде видлив

Следното што се забележува е изработката. Kia XCeed има исклучително тесни зјаеви меѓу вратите, хаубата, задниот капак. Просторот за мотор што е среден најпедантно и што изгледа како нагледно средство за студенти на мотори, веќе го имаме спомнато и темелно фотографирано при првиот тест на Ceed. Но, пак се покажува нешто ново да одушеви кај маркава. Во просторот под подот на багажникот, во шпајзот на XCeed, не може да се забележи ниту еден вар, кабел или спојница, што безгрижно се оставени да минуваат долу, заради штедење. Инженерска перверзија. Кој сака да се увери на лице место, во салон на Kia нека го погледне допирањето меѓу пластичната облога во капакот на багажникот и ламарината.

Моторот ја ослободува силата рамномерно, релаксирачки, додека менувачот апсолутно не се чувствува кога ги менува степените

Во возење, впечаток прво остава моторот. Првпат е на тест 1,4-литарскиот турбо со 140 КС. Тоа што посебно го одликува овој мотор е мазното ослободување на моќноста при поаѓање, при престигнување во град, кусо забрзување, општо во возачкото секојдневие. Моторот работи култивирано, тивко, какви било неартикулирани манири му се непознати. Со префрлување во спортски режим се добива подиректна реакција на педалата за гас, но тоа не е нешто спектакуларно, по коешто возачот ќе сака да посегне при секое седнување.

Тоа ќе биде ексклузивност на специјалната серија Launch Edition: Жолта рамка околу дисплејот и отворите за воздух, жолти штепови на седиштата и на вратите. Материјалот на седиштата како на скап италијански мебел е „стандард“ во повисокото ниво на опрема

Во спортскиот режим, во исто време се смалува и сервоподдршката и се постигнува подиректно чувство веднаш при поместувањето на воланот од неутралната положба. Со притискањето на копчето за спортски режим, менувачот веднаш префрлува степен подолу и подолго ги задржува степените пред да префрли во следниот степен. Работата на седумстепениот менувач со двојна спојка е како што треба да биде, незабележлива.

Основата за динамичното возење не лежи (само) во моќта на моторот, туку во балансот на подвозјето; XCeed го покажува спортскиот карактер при возење во свијоци, не при наивни спринтови на право

Пофалби заслужува и комфорот на амортизацијата. Балансот меѓу спортски цврста и комфорно мека амортизација е погоден точно. Кога во брз свијок се очекува носот да сака да продолжи право и каросеријата силно да се наведне настрана, единственото што се случува е добро контролирано следење на зададената линија, додека од друга страна, кога се очекува тврда и гласна реакција од грубо оштетување на подлогата, кросоверот пак минува меко и без непријатното одзвонување во кабината.

Дигиталните инструменти се во сериската опрема во повисокото ниво, згоден детал е бројчениот приказ на вртежите, заокружено на сто; Со префрлување во спортски режим, се менува приказот, заедно со темпераментот

Кросоверот ја покажува истата агилност во свијоци и при секаква промена на правец како комбилимузинскиот Ceed, од когошто е повисок околу пет сантиметри. Нормално дека тоа произлегува од соодветно пошироката трага на предната и задната оска. Токму одличните динамични својства на Ceed се тоа што го издвојува моделот од просекот во класата. Колку што матичниот модел во гамата е позитивно незабележлив во секојдневието, толку повеќе изненадува темпераментот што автомобилот го покажува при подинамично возење.

Седнувањето во XCeed и поаѓањето по завршување на обврските успева исто толку рутински како обувањето спортски обувки или облекувањето јакна

Кросоверот покажува талент и во класичните дисциплини. Бидејќи седиштата се две педи повисоко отколку во комбилимузината и покривот исто така е повисок за пет сантиметри, седнувањето и излегувањето се лесна вежба. Гледањето преку покривот на возилата напред е добра безбедносна резерва. Простор не недостига, дури и седењето назад е покомотно поради тоа што клупата е поставена повисоко и бутовите целосно се потпираат на седиштата. Единствено е висок долниот раб на отворот на багажникот, што би требало да претставува дополнителна тешкотија при ставање тешки куфери назад.

Сончевиот покрив е една од дополнителните ставки во тест возилото, покрај веќе суперопремениот модел од специјалната серија Launch Edition: Како што честопати се покажало досега, кога основата одговара, вреди да се инвестира во вакви ставки со коишто се внесува нова „димензија“ во возењето

За прашањето околу опремата, веќе е јасно дека ова е автомобил за чијшто карактер не решава опременоста. Понудата почнува со изведба со 1,0-литарски T-GDi со 120 КС и 172 њутнметри, по промотивна цена од 18.550 евра, што е точно 2.000 евра под редовната цена на моделот. Во нивото на опременост Vision, од најзначајните ставки, спаѓаат два системи за асистенција (самостојно запирање при опасност од судир и систем за следење на лентата), паркинг сензори назад и јамера, автоматски двозонски клима уред, кожа на волан и рачка на менувач, темпомат, радио со дисплеј од 8 инчи и команди на волан, грејачи во ретровизори, диодни предни и задни светла, алу-бандажи од 16 инчи.

Разликата во цената меѓу 1.0 T-GDi и за 20 КС посилниот мотор изнесува 1.400 евра; Тоа е мајсторски погодена вредност, што од една страна дозволува да се заштеди со избор на основниот, а пак доволно силен мотор, додека од друга страна дозволува лесно да се реши околу доплатата за посилниот мотор

За 1,4-литарскиот мотор со +20 КС и +70 Nm како во тестираниот модел, ценовната разлика со помалиот мотор изнесува 1.400 евра. Двата мотори стандардно доаѓаат со шестстепен мануелен менувач, со можност 1.4 T-GDi да се комбинира со 7-степен менувач со двојна спојка DCT, со доплата од 1.950 евра.

Второ ниво на опрема е Advance, коешто е достапно со двата бензински мотори, по цена од 3.000 евра над основното ниво. Во луксузната опрема во оваа изведба на XCeed спаѓаат дигитални инструменти од 12,3 инчи, навигација со дисплеј од 10,25 инчи, електрична паркирна сопирачка, собирање на ретровизори, бандажи од 18 инчи, дополнително затемнети стакла назад и уште цела низа стилски и комфорни ставки. Постои и дизел мотор во понудата, 1,6-литарски CRDi со 136 КС и цена од 21.950 евра во нивото Vision. Менувач DCT исто така е достапен со дизелот.

Според правилата во браншата, секоја моделска изведба на Kia има сопствена боја за промоцијата: Ceed беше син, ProCeed е бел, XCeed е жолт

Тестираниот модел доаѓа од специјалната серија по повод пазарното воведување на моделот. Launch Edition се базира врз луксузното ниво на опрема Advance, но вообичаено за ваквите серии, нуди уште цела низа ставки од опрема, по цена пониска отколку при нивно одделно нарачување како пакети. Кусо, тоа е истата варијанта на моделот, вклучувајќи ја и квантно-жолтата боја на каросеријата, којашто маркетиншката централа на марката ја има избрано за промотивната кампања и преку којашто светот се запознава со моделот во сите реклами, билборди, брошури, по салоните.

Примероков поседува и дополнително на тоа: Капи на ретровизорите во сјајна црна боја, заедно со стаклен покрив и електричен заден капак, алу-педали, радарски темпомат со самостојно следење колона, греење на седиштата, пристап и старт без клуч, електрично местење на возачкото седиште, самостојно паркирање, безжично полнење паметен телефон.

Затоа, пак, впечатливата жолто-црна комбинација во внатрешноста е ексклузивна за Launch Edition и освен мустрата на седиштата и облогите на вратите, ги опфаќа и лакираните рамки околу отворите за воздух и средишниот дисплеј.

Богатата опременост сепак не е тоа што ја сочинува смислата на овој автомобил

Со заокружувањето на моделското семејство околу Ceed, Kia на сцената ѝ покажа дека луѓето што работат за маркава уживаат да прават автомобили. Секој член во моделското семејство поседува различен и прецизно изведен карактер. Ceed е пристојниот и честит семеен транспортер со душа, Ceed SportWagon е семејниот транспортер со душа и со екстра простор, ProCeed е благороден гран-туризмо за тие на коишто возењето им е хоби, додека XCeed ги соединува сите моделски изведби во една.

Kia XCeed е вредна инвестиција иод аспект на задржување на вредноста, кога по неколку години ќе биде понуден како користен автомобил. Во тој случај, стилот е релатиовен, внатрешнисте вредности на XCeed е тоа што се брои

Суштината кај кросоверов не е во стилот, во препознатливата појава или во богатата опрема, туку е во цената. Пријатно изненадување е тоа што понудата стартува од 18.550 евра. Премиум марките полесно се впуштаат во ресорот на кросоверите, ете ги Audi Q2, BMW X2, Mercedes GLA, Lexus UX, Mini Countryman. Тие имаат повеќе (ценовен) простор за компензирање. Наспроти нив, волуменските марки попрво одат директно на СУВ, кросоверот им е неисплатлив.

Единствено Kia и Suzuki стартуваат под 20.000 евра

Конкурентите на Kia XCeed се Volkswagen T-Roc, Toyota C-HR, Mazda CX-30, но принципиелно и Nissan Qashqai и Suzuki SX4 S-Cross. Мошне шаренолика понуда. Еднообразност постои кај цените. Со исклучок на Kia и Suzuki, сите останати модели стартуваат од над 20.000 евра. Притоа, XCeed е сé освен економи-модел. Но, затоа противвредноста прави овој модел да има еден од моментно најубедливите настапи во компакт класата.

Кросоверов е создаван со душа, место строго според финансиски план. Тоа би можело да биде и објаснувањето, зошто моделските изведби што се разликуваат од стандардна комбилимузина или стандарден СУВ, толку добро ѝ успеваат на Kia. Додека во браншата уште се среќаваат моделски изведби кои целно се обезличени за да не го загрозат основниот модел, според пазарниот резон од 1990-те, Kia прави моделските изведби врз база на Ceed да бидат подобри од него. Но, секако дека сето тоа не го загрозува Ceed, затоа што тој самиот е бескопромисен, отпорен.

Технички податоци и нивоа на опременост

Кон претставувањето на моделот на веб-страницата на Киа Моторс Македонија

тест kia xceed
тест kia xceed

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Karmann Ghia Type 14

„Италијанското“ купе на Volkswagen одбележува 65 години

Skoda Scala и Kamiq во фабричка изведба со погон на метан

Skoda Scala и Kamiq во фабричка изведба со погон на метан