Последниот примерок од елегантниот модел што се произведуваше речиси две децении, од синоќа првпат е изложен пред јавноста, на салонот за олдтајмери во Бремен. Куса историја и неколку интересни факти за овој уникатен спој од италијански стил и неуништлива германска техника од „бубата“.
Новата сезона на олдтајмери се отвори синоќа, со почетокот на традиционалниот Класик Моторшоу во Бремен, Германија. Volkswagen на манифестацијата што се одржува до 2-ри февруари одбележува важен јубилеј, 65 годишнина на Karmann Ghia Type 14. Овој единствен спој на италијански стил со неуништливата техника на „бубата“ ќе биде прославен со последниот произведен примерок од моделот под кодна ознака Type 14 Coupe.
Во почетокот на 1950 години, Вилхелм Карман, шеф на автомобилската мануфактура во Оснабрик, сонува за спајдер врз основа на Volkswagen Beetle. Во летото 1953, тој го ангажира пријателот Луиџи Сегре, сопственик на Carrozzeria Ghia во Торино, да дизајнира спортски автомобил без покрив.
Веќе во октомври, Карман е поканет во една гаражна работилница во Париз, да го погледне резултатот. Тој е одушевен, иако автомобилот е купе, место спајдер. Елегантниот прототип го одушевува и шефот на маркетингот во Volkswagen, Хајнрих Нордхоф. Веднаш се дава налог за развој на моделот за сериско производство. Автомобилот е купе, со конфигурација на седиштата 2+2.
Публиката првпат го гледа елегантното купе во септември 1955 на салонот ИАА во Франкфурт
Напред во кабината има повеќе простор за седење отколку во бубата, вградени се убави тркалезни инструменти, а во тоа време е сосем пристојна и крајната брзина од 116 km/h. Готовото купе доживува премиера пред медиумите на 14-ти јули 1955 година во Казино Хотел во Георгсмариенхите, гратче во близина на Оснабрик. Елегантниот Karmann Ghia Coupé (Type 14), е базиран врз Volkswagen Type 1. Новинарите се одушевени, исто како и публиката при премиерата на моделот на ИАА во септември 1955. Автомобилот постигнува огромен успех, во светски рамки.
По две години, во ноември 1957 започна и производството на Volkswagen Karmann Ghia Type 14 Cabriolet. Варијантата без покрив беше посебно ценета поради изработката, изборот на материјали и ниската бучава.
По 19 успешни години и продукција од 362.601 купе и 80.881 кабриолет изведби од Karmann Ghia Type 14, убавиот автомобил од Оснабрик замина во пензија во 1974 година. Volkwagen веќе имаше достоен наследник: Scirocco.
Последниот примерок од Volkswagen Karmann Ghia е произведен на 31-јули 1974, со 1,6-литарски мотор со 50 КС и со феникс-црвена боја на каросеријата. Автомобилот што моментно е изложен на салонот во Бремен досега беше дел од фабричкиот музеј на Volkswagen во Оснабрик. Ова е првпат автомобилот да се појави во јавноста.