Јужнокорејските производители на батерии за електрични автомобили SK Innovation и LG Energy Solution се откажаа од правниот спор во САД, што можеше да доведе до големи последици врз производството на електрични автомобили.
Заврши двогодишниот спор што се водеше во САД меѓу двата големи производители на батерии за електрични автомобили од Јужна Кореја. Концернот-мајка на LG Energy Solution, LG Chem, во април 2019 година поднесе тужба во САД против SK Innovation (SKI), обвинувајќи за одвлекување вработени и за кражба на деловни тајни.
Со спорот се загрозуваше и исполнувањето на договорите за испорака на батерии што SKI ги има потпишано со Volkswagen и Ford. Германскиот концерн во ноември 2018 година го вклучи SKI како дополнителен добавувач на батерии за е-автомобили. Од Volkswagen го поздравија постигнувањето на договорот, а задоволство изрази и американскиот претседател Џо Бајден.
Двете јужнокорејски компании се откажуваат од сите правни постапки во Јужна Кореја и во останатите држави, поврзани со батериите за електрични автомобили. Во следните десет години, тие нема да поднесуваат тужби меѓусебно. SKI искажа подготвеност на LG да му исплати 1,5 милијарда евра во готовина, на име на лиценци за производство. Двете компании нема да си поднесуваат тужби ниту во поглед на патентите.
Volkswagen сега може да се посвети на подготовката за производство на електричниот ID.4 во САД
Министерството за трговија на Јужна Кореја ја поздрави спогодбата меѓу двете компании, којашто е постигната кусо пред стапувањето во сила на забраната за увоз на производи на SKI во САД. Од американскиот огранок на групацијата Volkswagen искажаа задоволство од спогодбата и најавуваат дека сега можат да се посветат на подготовката за производство на електричниот СУВ-модел ID.4 во САД, коешто ќе стартува в година.
Меѓународната трговска комисија во САД, во февруари донесе одлука во корист на LG. Со таа одлука требаше на SKI да му се забрани увозот на литиум-јон батерии во САД во период од десет години. Одлуката, сепак, дозволуваше SKI да увезува батерии и делови за производство на електрични автомобили на Ford во период од четири години, односно две години за Volkswagen.
SKI во минатата година ја изгради својата прва фабрика за батерии во САД, во сојузната американска држава Горџија, а испораките оттаму ќе започнат в година. Моментно се гради втора фабрика во истата држава. Компанијата се закани дека ќе ја откаже изградбата на фабриката вредна 2,27 милијарди евра, доколку се донесе забрана за увоз.
















