за

Кабриолетот од BMW M4 само со 510 КС и погон на сите тркала

BMW ја претстави изведбата на M4 без покрив. За разлика од купето, отворената каросериска изведба ќе биде достапна само во топ-варијантата Competition.

Како што наближува летото, така BMW го симна покривот од M4. По купето и лимузината M3, кабриолетот е трета варијанта од M GmbH што ќе се произведува во фабриката во Динголфинг.

За кабриолет изведбата на M4, Баварците се решија за комплетен пакет, затоа што ќе ја нудат истата само во верзија Competition со 510 КС, со погон на сите тркала и осумстепен автоматик. За отворената каросериска изведба ќе мора да се издвојат најмногу пари, точно 100.000 евра. Производството стартува во јули.

Покривот повторно е платнен. За отворање и затворање се потребни 18 секунди, а тоа може да се врши и во возење, до брзина од 50 km/h. Тежината е намалена за 40% во споредба со претходникот што имаше преклоплив метален покрив. Звучната и топлинската изолација сепак не заостануваат. Покривот, вратите, прозорците, светлата, сето тоа е идентично со стандардните кабриолети од серијата 4, додека сите останати делови од каросеријата се посебни за M и во основа не се разликуваат од купето M4. Заради зголемување на крутоста, назад се вградени дополнителни шипки, а воедно и задната оска е дотерана различно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кај моторот сé е по „старо“. Трилитарецот со шест цилиндри во линија и битурбо натполнење, со код S58, испорачува 510 КС и 650 Nm. Оваа моќност овозможува кабриолетот од близу 2 тони да спринтува до темпо сто за само 3,7 секунди, односно за 13,1 секунди до темпо 200. Со доплата, лимитот се поместува на 280 km/h.

За звукот на моторот да биде присутен во кабината и при подигнат покрив, инженерите развија нов генератор на звук. Тој наскоро ќе биде достапен и во купето М4 и во лимузината М3.

Кожени седишта со грејачи се стандард, со доплата следуваат уште проветрување и фен за вратот. Спротивно од тоа е опцијата за школкасти седишта од карбон. Багажникот е смален на 300 литри (при спуштен покрив), односно 385 литри. Кому тоа му е малку, BMW нуди и лимузина М3.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Cupra Born е спортска и престижна изведба на ID.3

peugeot e-208 мариово градешница

Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово