за

Cupra Born е спортска и престижна изведба на ID.3

Спортската марка на Seat го претстави својот прв електричен автомобил. Cupra Born личи многу со техничкиот близнак Volkswagen ID.3, меѓутоа има додадено неколку впечатливи детали и нуди чувство на премиум автомобил во кабината.

CUPRA BORN

Продажбата на електричната Cupra Born на европскиот пазар стартува веќе во септември. Цените уште не се објавени, меѓутоа може да се претпостави дека моделот на струја од спортската подмарка на Seat ќе има за десетина проценти повисока цена во споредба со Volkswagen ID.3, од кого што потекнува платформата.

Електричната стратегија на концернот Volkswagen веќе врви во полно темпо. Volkswagen ID.3 на германскиот пазар веќе постигнува бројки во продажбата колку Polo, Skoda Enyaq iV штотуку стартуваше, Audi ги претстави Q4 e-tron и Q4 e-tron Sportback како свои производи врз база на платформата MEB. Шпанскиот електромобил Cupra Born се разликува од нив, не во техниката, туку во спецификацијата. Тоа главно се однесува на начинот на којшто е изведена завршната изработка, како и на стилот. Во тој поглед, електромобилот на спортската марка на Seat е повеќе во друштво со Audi e-tron GT или Porsche Taycan. Оваа комбилимузина едноставно изгледа престижно.

Дури на прв поглед и не се забележува дека формата на каросеријата е иста со Volkswagen ID.3. Измените се однесуваат на формата на хаубата, којашто тука е повеќе профилирана, на светлата со поагресивен изглед и на големиот отвор за воздух долу. Покривот е два прста пониско во споредба со ID.3, а за тркалата може да се избере и варијанта од 20 инчи. Не недостигаат ниту светлечка лента по целата ширина на опашот, но и необично широки гуми.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Секако, верно на името, бројни детали на Cupra се изведени во бакарен финиш. Тоа е пријатно сознание и доказ дека сите електрични модели што се базираат врз платформата MEB не мора да изгледаат и да се чувствуваат исто.

Во внатрешноста се користи голем обем на материјали од обновливи извори, кои со изгледот и со квалитетот не отстапуваат од традиционалните материјали во автомобилите. Тоа посебно се однесува на облогите на седиштата. Проекциски дисплеј со унапредена реалност се вбројува меѓу главните обележја во кокпитот. Место со прекинувачи се ракува со лизгачи и сензорски полиња. Интересни се двете копчиња на воланот: Со левото се менува режимот за возење, додека со десното копче се вклучува E-Boost.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Гамата се состои од изведба со електромотор со 110 kW (150 КС) на задната оска и батерија од 45 kWh, за досег до 340 km, потоа изведба со 150 kW (204 КС) и батерија од 58 kWh (420 km), додека врвот во понудата го претставува изведба со „краткотрајни“ 170 kW (231 КС). Топ-моделот дополнително е достапен и во верзија со батерија од 77 kWh, за досег до 540 km. Забелешката „краткотрајни“ се однесува на функцијата E-Boost, којашто овозможува краткотрајно зголемување на максималната моќност, сличко како кај Формула Е.

Со вклучување на ова функција, спринтот се скусува од 7,3 на 6,6 секунди. Додека основната изведба е лимитирана на 160 km/h, останатите варијанти на Cupra Born смеат да возат уште 20 km/h побрзо.

Техниката во возилото дозволува користење полначи со моќност до 125 kW, на коишто енергија за 100 километри пат се полни за само 7 минути. Соодветно на тоа, наполнетост од 80 % ќе се постигнува за само 35 минути. Во меѓувреме пристигаат убави вести и од Порше Македонија, кои очигледно (и веќе) имаат големи планови со електромобилноста во државата – и со електричните автомобили од странство што ќе крстосуваат низ неа. Во кругот на Порше Македонија се поставени полначи со моќност до 150 киловати. Повеќе за оваа не толку мала сензација ќе објавиме наскоро.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bugatti во трка со борбен авион

Кабриолетот од BMW M4 само со 510 КС и погон на сите тркала