за

Suzuki S-Cross во ново издание како знаменосец на марката

S-Cross е големо име во понудата на Suzuki, еден од првите компактни кросовери, со шампионска противвредност. Новиот S-Cross покажува повеќе СУВ-карактер.

Suzuki SX4 S-Cross досега беше повеќе избор за познавачи. Неговите теренски способности не се огледуваа толку во дизајнот, колку што тоа им успева на конкурентите што се далеку помалку вешти по теренот. Тоа е коригирано со новата генерација, што отсега настапува чисто како S-Cross, без SX4.

Тие што првпат влегуваат во салон на Suzuki, сигурно имаат слушнато за Swift, Ignis, Vitara, меѓутоа кога ќе застанат покрај SX4 S-Cross, моделот веројатно им изгледа по малку „туѓо“. Наспроти тоа, познавачите се сигурни и знаат дека тоа е модел што го наследи SX4, рана легенда на кросовер-сцената. Уште пред да почне СУВ-бранот, SX4 возеше со зголемен клиренс, секако дека беше достапен и во верзии со погон на сите тркала, возеше динамично со способно подвозје и моќни мотори, имаше одлична опрема – и упорно одбиваше да си замине, иако наследникот SX4 S-Cross веќе беше пристигнат во салоните.

Пазарот едноставно продолжуваше да бара примерок повеќе. На Suzuki му беше релативно едноставно да го услужи европскиот пазар, затоа што моделот пристигаше од фабриката во Ештергом. Потоа пристигна Vitara, којашто брзо се лансираше во еден од бестселерите во сегментот на достапните СУВ-модели.

Сега доаѓа нов модел, со повеќе нагласен СУВ-стил на каросеријата, со висока функционалност, со благ хибриден погон, со погон на сите тркала, со унапредена безбедност во чекор со времето и со свежа технологија за онлајн-поврзување.

New item by Automedia MK / Google Photos

Впечатлива е маската во стилот на Swift, секако многу подоминантна и помасивна, но и финиширана во црн лак со висок сјај. Масивниот знак е поставен на дебела хромирана лајсна долж маската. Предните и задните светла користат диодна техника. Исто се нагласени и арките на крилата. Се забележува и заштитата на подвозјето во сребрена боја. Така е многу појасно дека ова е СУВ модел.

Димензиите на каросеријата се останати непроменети, Suzuki S-Cross останува мошне компактен со своите 4,3 метри

Кабината е просторна, назад стои на располагање багажник со зафатнина од 430 литри, исто како досега. Во највисоките нивоа на опрема може да се нарачува и изведба со голем стаклен покрив, долг точно 1 метар.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во погонот немаше потреба од многу интервенција, затоа што уште претходникот возеше со 1,4-литарски турбо-бензинец со интеркулер и директно впрскување, во комбинација со 48-волтен стартер-генератор, заради штедење, како мала, но делотворна помош при поаѓање и забрзување. Достапноста на изведби со погон на сите тркала и натаму е обележје на S-Cross. Може да се комбинира со мануелен менувач или со класичен автоматски менувач со шест степени.

За каросеријата стојат на располагање осум бои, вклучувајќи три металик бои со бисерен ефект: Титан темносива, космички црна и кањон кафена. Бисерни бои се бела, црвена и сина, палетата ја комплетираат сребрена металик и чиста бела боја.

New item by Automedia MK / Google Photos

Внатрешноста е во спротивност со цврстата надворешност, со комфорно сместување, големи и прегледни инструменти, со голем средишен дисплеј од 9 инчи. Suzuki S-Cross сега безжично се поврзува со телефон, а овозможува и говорни команди. Долу во средишната конзола е вртливиот бирач за погонот на сите тркала Allgrip Select, со избор Auto, Sport, Snow и Lock. Потпирачот на задната клупа се мести по агол.

New item by Automedia MK / Google Photos

Suzuki мошне рано повлече со системите за асистенција и арсеналот од овие корисни уреди со напредна технологија е само дополнет во новиот S-Cross. Во автомобилот стандардно се вградува систем од камера и ласерски сензор, што препознава опасност од судир и препознава пешак на патот, за во краен случај да вклучи самостојно запирање на возилото.

Suzuki и досега се издвојуваше со комплетниот арсенал од системи за асистенција, кои помагаат и за безбедност и за комоција

Во повисоките нивоа ќе се вградува и радарски темпомат, со можност за целосно запирање и автоматско поаѓање. Вкупно четири камери создаваат слика од 360 степени околу возилото. Меѓу останатите системи за асистенција се задржување во лента со зафат во управувањето, препознавање замор, камера за знаци, предупредување при возило во мртов агол и запирање кога при возење наназад наидува возило од попречен правец.

New item by Automedia MK / Google Photos

Производството веќе стартува во фабриката во Ештергом, во Magyar Suzuki Corporation. Првите примероци на европскиот пазар ќе почнат да се испорачуваат веќе во текот на годинава. В година следи и изведба со целосно хибриден погон од партнерот Toyota.

За цените и пристигнувањето на Suzuki S-Cross во Македонија уште немаме информации, македонскиот увозник веќе го најавува моделот на своите профили на друштвените мрежи.

Техничките податоци за Suzuki S-Cross се достапни на нашиот онлајн автокаталог АВТОСАЛОН.МК

Suzuki S-Cross 1.4 Hybrid 2WD

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Изострен дизајн и иновативни технологии за знаменосецот на Audi: Врвниот A8

Дизајнирана во Германија: Новата Opel Astra разгорува емoции