Range Rover е многу значаен автомобил. Британската кралска фамилија по традиција го користи благородниот теренски модел во својот возен парк, но Range Rover бил и во служба на најпознатиот таен агент на светот, Џејмс Бонд. Формулата и по повеќе од 50 години останува иста. Долу беспрекорен теренски автомобил, горе кабина како во луксузна лимузина.
Прво се забележува колку е мазна каросериската форма. Маската со препознатливите стилски елементи има претрпено еколку промени, а се забележува и мошне едноставно, но благородно изведениот браник. Најголемата димензија на тркала што може да ја собере под крилата е 23 инчи. По пример на Velar, рачките се впуштени во вратите.
Дизајнерите посебно се горди на преодите меѓу каросеријата и прозорците. Преоди практично не постојат, металот како да се втопува во стаклото. Визуелна функција имаат и црните кровни столбови, што придонесуваат покривот да изгледа како да лебди.
Опашот е врвот на дизајнерската работа. На прв поглед се чини како Range да не поседува задни светла. Тие стануваат видливи само кога се вклучуваат, инаку се гледаат црни површини.
Внатрешноста оддава луксузен карактер и поставува нови стандарди. Воланот е сличен на оној во Defender. Режимот на работа на подвозјето се избира преку вртлив регулатор што изгледа елегантно. Место кожа, може да се избере вегански ентериер или материјал што се состои од волна и рециклирана пластика. Опција кај инфо-забавниот систем е дисплеј до пречник од 13,7 инчи.
Продолжената изведба на Range Rover првпат може да се нарача со седум седипшта
Просторноста не е тема на расправа кај Range Rover, дури и во изведбата со стандардно меѓуоскино растојание. Кој сака повеќе простор за нозе назад, секако дека ја има за избор верзијата со продолжено растојание меѓу оските.
Во зависност од конфигурацијата на седиштата, вториот ред може да биде изведен со две или три седишта. За долгата каросериска варијанта првпат може да се нарача трет ред седишта. Британската благородна марка ветува дека и патниците во третиот ред ќе уживаат во максимален комфор.
Иако Range Rover нуди високи стандарди уште во основната изведба, производителот нуди и можност да се избере верзијата SV. Во тој случај, возилото станува предмет на работа на специјалците од Special Vehicle Operations, а тоа значи дека врз возилото во бројни подрачја ќе бидат преземени рачни зафати.
Оваа моделска изведба се препознава по керамичкиот знак и по бројните детали што исто така се изработени од керамика. Уште една можност за надградба кај продолжената варијанта е Signature Suite. Во опремата на овој модел спаѓаат единечни седишта назад со местење во 24 правци, како и масичка со електрично местење.
Контразвуците од звучниците во потпирачите за глава ги потиснуваат несаканите звуци
Преку поврзување со Amazon Alexa, говорното ракување станува интелигентно. Звучници во потпирачите за глава се грижат за активно потиснување на звукот, што прави возењето да биде уште попријатно. За директно од возилото да се ужива во природата, може да се нарача заден поклопец што служи како клупа.
Одговара и теренската геометрија. Аголот на пристап изнесува 34,7 степени, аголот на излез е 29 степени, може да се влегува во вода длабока до 90 сантиметри, максималното растојание од подлогата изнесува 29,5 сантиметри.
Испораките за нашиот пазар се очекува да стартуваат во втората половина на 2022 година.
Стандарно се вградува управување на сите тркала, што е од голема помош при свртувањето на мал простор во град. Секој Range Rover располага и со активна блокада на задниот диференцијал. Софтвер го приспособува погонот на сите тркала, зависно од условите на патот и од начинот на возење.
Со исклучок на V8, сите останати погонски варијанти се изведени како благ хибрид. Дизелите се нудат со моќост од 250, 300 и 350 КС, додека стартот кај бензинците е од 400 КС. Врвот во гамата му припаѓа на моделот со V8, што во новиот модел има намалена моќност, 530 КС.
Се нудат две варијанти со приклучен хибриден погон, со системска моќност од 440 и 510 КС. Фабриката ветува досег до 100 километри, пред да се разбуди бензинецот со шест цилиндри. Од 2024 година, Range Rover ќе почне да вози и чисто на струја.