Во салонот на Мак Аутостар од неделава има уште една ѕвезда од интергалактички профил. На едниот крај на салонот е Mercedes-Maybach S-Class, на спротивниот е уште еден Mercedes-Maybach, но тој е S-Class меѓу G-моделите, значи е GLS.
Колку високо е нивото на луксуз што го нуди Mercedes-Maybach над веќе супервисокото ниво на Mercedes-Benz, обично се осознава кога ќе се отвори врата. GLS под марката што во автомобилскиот свет „тежи“ исто колку поимите ото-мотор, дизел или ванкел, прикажува ниво на луксуз што какво што досега малку е познато. Кога ќе се отворат вратите, од страничните прагови самостојно почнува да се извлекува скалило, за полесно да се пристапи во кабината. Сето тоа се одвива толку тивко и незабележливо, што е спектакуларно.
Дури и кога човек нема да забележи дека „мајбахот“ буквално му подал скалило, тешко дека некој ќе се сопне на пат да се качи во кабината. Тоа е уште една мајсторија на оваа хипер-ексклузивна марка, којашто е сосем извесно дека била предмет на долги студии и тестирања, проектирања, усовршувања и дотерувања. А, тоа е само едно „скалило“, што морало да биде подвижно, затоа што за разлика од останатите автомобили наменети за кал и невреме, на Mercedes-Maybach GLS не би му прилегал стапалник што кај тие автомобили е речиси задолжителен, исто како булбар, кука или рогови.
Тоа што Maybach GLS може да вози низ кал и по карпи многу повешто од кој било теренец, секако не значи и дека ќе вози. Тоа е исто како суперспортски автомобил секаде и секогаш да се вози со 330 километри на час. Таков е светот на луксузот, да имаш повеќе од сé и да имаш сé од тоа што некогаш може да притреба.
Овој Maybach што се декларира како 600-ка и познавачите и уживателите на Mercedes ги асоцира на Mercedes 600 Pullman, незначително е поскап од Maybach S 580 за кого што објавивме пред половина месец. Незначително во светот на Maybach значи 8.000 евра. Во ценовникот на Мак Аутостар, Mercedes-Maybach GLS 600 чини 219.990 евра. Тоа би важело во случај кога автомобилот би излегол од фабрика без сопственикот да нарача барем една опција. Таков автомобил веројатно не постои во историјата на Maybach.
Maybach остава на облеката мирис на врвно изработена кожа, исто како парфем на дамата што се сака
За нивото на посебните ставки што се нарачани за овој примерок на Maybach GLS, добра ориентација дава миризбата на кожа со најпрефинета изработка, што се шири низ кабината и на неколку метри околу. Ова е префинет автомобил чијашто миризба со часови по излегувањето од возилото ќе се чувствува на облеката, исто како парфем на дама.
За светот на луксузот се знае многу, но и многу не се знае. При посетата на салонот на Mercedes-Benz добивме многу вредно објаснување од човекот кому му е работа да го познава светот на луксузот. Владица Кокаловиќ, директор на маркетинг во Мак Аутостар и директор за продажба на Mitsubishi, открива: „Причината зошто директорите на големите компании седат на задните седишта и ангажираат шофер е да не бидат изложени на одговорност во случај на незгода.“ Тоа е ништо помалку од „отрезнувачко“ изнесување факти од страна на менаџерот што подолго од дваесет години работи во автомобилската бранша и вистински ги познава релациите и последичните врски на сцената.
Тоа секако не значи дека директорите на големите компании им наредуваат на своите шофери да возат најбрзо што може, затоа што тие нема да одговараат, туку многу повеќе може да биде спротивниот случај. Но, сета таа организација на шоферирано возење е само предострожност. Во спротивно, во случај на незгода, компанијата би претрпела силен удар, доколку директорот повеќе не може да ја извршува својата функција.
А, бидејќи фотографиите се вредни илјадници зборови:
Технички податоци
Mercedes-Maybach GLS 600 4MATIC
Мотор
Број на цилиндри, положба | V8, 90°, 4 вентили | |
Зафатнина | cm³ | 3.982 |
Пречник x óд | mm | 83,0 x 92,0 |
Моќност | kW/КС | 410/558 при 6.000-6.500/min |
Вртежен момент | Nm | 730 при 2.500-5.000/min |
EQ Boost | kW/PS (Nm) | 16/22 (250) |
Компресија | 10,5: 1 | |
Подготовка на смеша | Впрскување под висок притисок |
Пренос на сила
Погон | Постојан на сите тркала | |
Пренос | 9-степен автоматик 9G-TRONIC | |
Преносни односи | Диференцијал
1. степен 2. степен 3. степен 4. степен 5. степен 6. степен 7. степен 8. степен 9. степен назад |
3,27
5,35 3,24 2,25 1,64 1,21 1,00 0,86 0,72 0,60 4,80 |
Подвозје
Предна оска | Двојни попречни водилки, пневматика, едноцевни гасни амортизери, стабилизатор |
Задна оска | Суспензија со повеќе водилки, пневматика, двоцевни гасни амортизери, стабилизатор |
Сопирачки | Вентилирани дискови на сите тркала, електрична паркирна сопирачка, ABS, BAS, ESP |
Управување | Запчеста летва со електрична сервоподдршка |
Тркала | напред: 9,5Jx22H2. назад: 11,5Jx22H2 |
Гуми | напред: 285/45 R 22. назад: 325/40 R 22 |
Димензии и тежини
Меѓуоскино растојание | mm | 3.135 |
Ширина трага напред / назад | mm | 1.699/1.723 |
Должина | mm | 5.205 |
Ширина | mm | 2.030 |
Висина | mm | 1.838 |
Круг на вртење | m | 12,52 |
Багажник, VDA | l | 520 |
Тежина, EU | kg | 2.785 |
Носивост | kg | 465 (до 575) |
Дозволена тежина | kg | 3.250 (до 3.360) |
Резервоар / резерва | l | 90/9,0 |
Перформанси и потрошувачка на гориво
0-100 km/h | s | 4,9 |
Крајна брзина | km/h | 250 |
Потрошувачка, комбинирана | l/100 km | 12,0-11,7 |
CO2-емисија, комбинирана | g/km | 273-266 |