Објавите на македонската Киа на друштвените мрежи одбројуваат уште само неколку денови до претставувањето на новото годиште на моделското семејство Ceed, составено од комбилимузината со 5 врати, комбито SW и купе-комбито ProCeed. Стилскиот предводник во гамата, XCeed, веќе е подготвен. Кај него нема промени во изгледот, освен најважната – логото.
Kia XCeed го донесе новото лого на марката во Македонија. Поточно, со новиот изглед на логото, што е соодветно придружено со новото мото „Movement that Inspires“, во салонот во Скопје се претставува и Rio. Дури и тоа е вешто промислено. Еднаш логото е на црна каросерија, на XCeed, еднаш на сребрена каросерија, во случајот на Rio. Изборот на овие две каросериски бои секако не е случајност.
Од марката на којашто сцената одамна ѝ ја признава вештината да изведе добар и убав дизајн, секако дека не можеше да се очекува дека новото лого ќе го смени впечатокот. Стилизираниот испис на Kia, што нам ни добива дополнителен штос, затоа што на кирилица изгледа како да пишува КИ, има впечатлива и препознатлива појава, видливо уште од далеку.
Идејата со менувањето на логото беше преку поедноставувањето на изгледот да се пренесе пораката до возачките и возачите, дека Kia уште повеќе се приближува до потребите и барањата на своите клиенти. За релативно кусо време во салоните на Kia ќе бидат достапни дополнителни услуги, со коишто корејската марка од класичен произведувач на автомобили прераснува во комплетен понудувач на услуги за мобилност. Секако дека производството и продажбата на возила остануваат клучна дејност, но на истите ќе им се придружат уште голем број нови услуги. Затоа и мотото порачува „Movement that Inspires“, движење што инспирира.
https://photos.app.goo.gl/kcPACafv3CUtWZ9y8
Kia XCeed во салонот е од моделското годиште 2022, што е воедно и одговор на познавачите, дали и благородниот кросовер ќе претрпи измени во изгледот, по пример на Ceed-моделите. Промените во изгледот се однесуваат на предните и задните светла, со иста форма како претходно, но со сменета содржина и графика, што внесува свежина во појавата.
Нова графика на дигиталните инструменти и комплетно нова генерација инфо-забавни системи
Дел од материјалите во кабината се нови, кокпитот оддава впечаток дека користи висока технологија, со дигиталните инструменти од 12,3 инчи со избор од неколку различни стилови на прикажување, заедно со големиот средишен дисплеј од 10,25 инчи. Главната новина е во инфо-забавниот систем, што во голем дел го следи примерот од новиот Sorento, а тоа значи многу подобрена графика и брзина на реакција. Тука сепак станува збор за дисплеј од 26 сантиметри и брзината произлегува од веројатно многу помоќните процесори што се користат во новиот инфо-забавен систем.
Повеќе детали за целото моделско семејство на Ceed и за останатите новини во кросоверот XCeed ќе дознаеме наскоро, при премиерата на новото годиште на комплетното моделско семејство. Патем, ова е уште една премиера на Kia на македонскиот пазар што се одвива во чекор со премиерите на најголемите пазари во Европа.
https://photos.app.goo.gl/7y3zhrYZcCcBNUQ2A
https://photos.app.goo.gl/aMqcwd8FFwXdmjjM6
https://photos.app.goo.gl/88gzmJrqRqyKh1217
https://photos.app.goo.gl/EGisGAhGEESfttkW9
















