за

Тест: Kia XCeed 1.5 T-GDi

Kia XCeed доби нов мотор од 1,5 литар со 160 КС, кој поседува мошне вредна технологија, способна да заштеди многу гориво. Со новиов мотор станува уште повеќе очигледно: XCeed всушност цели кон кросоверите од премиум сегментот.

Со кросоверите на Kia е исто како со врвните ресторани. Да се бара различно и попрефинето доживување, а да се прескокнат кросоверите на маркава, исто е како човек да седне во ресторан прочуен по врвната кујна и да нарача пласкавица и помфрит. Секако дека и тие ќе бидат подготвени врвно и ќе бидат повкусни од обично, но тоа пак се плескавица и помфрит што може да се купат и на улица. Специјалитетите постојат со причина.

Кросоверите на Kia исто така. Претходно од Kia, од оваа сорта ни беше на тест Stonic. Човек површно би рекол дека станува збор за убаво стокмена каросерија, со долговечна техника од Rio, за солиден автомобил за секој ден до работа и назад, плус доволно моќен и комотен за повремено да се отпатува со него. Реално, Stonic е многу повеќе од тоа. Тој е пред сé чесно осмислен и понуден автомобил, типична Kia. Со цврста каросериска структура што не дозволува свивање, со стегнато подвозје, со одлични возни својства, и што е најважно, солидно моторизиран уште во базната верзија со 84 КС, Stonic е спортски возлива машина, што може да мине и по терен, а притоа комотна, штедлива, достапна.

Кросоверот XCeed во однос на комбилимузинскиот Ceed е истото што Stonic е во однос на Rio. Но, колку што е исто, толку сé е различно. XCeed ни пристигна повторно на тест во Аутомедиа по серија возења на модели од градската класа. Првото што беше почувствувано по седнувањето зад воланот на големиот кросовер е неговата класа. Таа сé уште се води како компакт класа, меѓутоа тука импресионира зрелоста што кросоверот од Ceed ја покажува како автомобил. Повеќе пати сме дошле до таков заклучок: Компакт класата денес одвај дека остава простор за човек да посака нешто повеќе, и воопшто да има потреба од нешто повеќе. Сé што е над XCeed, веќе е луксуз, далеку е над потребното и доволното. Ете го за пример Sportage. Новата Kia Sorento, пак, таа дури и мириса на луксуз.

XCeed е комфорен, со големи и цврсти седишта, просторен е, тивок и генерално е култивиран во возењето. Разликата во висината со Ceed е околу пет сантиметри, што освен убав преглед над сообраќајот поради повисокото седење – и зголемениот клиренс, секако – прави и седнувањето да биде полесно и поприродно. Само овие две-три работи се доволни за возачкото секојдневие да го направат различно. Кросоверот е воедно и за 8,5 сантиметри подолг од Ceed, за околу три сантиметри е поширок, а има и за 31 литри поголем багажник, односно нуди максимално 1.378 литри, наспроти 1.291 кај Ceed. Сиот овој „луксуз“ чини само 40 килограми повеќе: Толку XCeed е потежок од комбилимузината.

Новиот мотор во XCeed беше најавен како големо освежување во понудата на Kia на македонскиот пазар уште во март

Тоа што менаџерите на Киа Моторс Македонија го најавуваа како голема новина во понудата на XCeed, се случи. Под хаубата на кросоверот работи 1,5-литарски турбо-бензинец со директно впрскување, базиран врз претходникот со зафатнина од 1,4 литар. Соодветно и кодот на моторот се смени од G4LD во G4LH. Но, промената секако дека не е само буквите. Клучната технологија кај 1.5 T-GDi, кој патем услужува со 160 КС, место со 140 КС кај претходникот, претставува системот што се води како CVVD. Тоа е технологија што веќе извесно време функционира во моторите на Kia, меѓутоа прави нејзината делотворност да биде мошне убедлива кај новиот 1,5-литарец.

Моторот стартува мазно, работи тивко и култивирано. Во време кога повеќето од автомобилите доаѓаат на тест со автоматски менувач со двојна спојка, се јавува некоја мала доза на негодување поради тоа што кросоверов со препознатливата златна боја има мануелен менувач. Kia за кусо време нé увери дека мануелните менувачи уште се добар избор. Голема заслуга во позитивните впечатоци од погонската спрега, буквално уште од првиот метар, има и моторот. Покрај тоа што инженерите извлекле повисока работна зафатнина и ја зголемиле и моќноста над „стандардните“ 150 КС, секако дека тие не пропуштиле да направат возливоста исто така да биде импресивна. Моторот со натпис Smartstream на својата пластична капсула не се колеба да го задвижи автомобилот тежок близу 1,4 тон дури и без притиснат педал за гас. Тоа се должи на солидната основа од њутнметри што 1.5 T-GDi ја сервира уште при најниски вртежи.

Годи колку тивко работи моторот. Потврдата за тоа доаѓа подоцна, кога ќе се погледне спецификацијата. Според норма, 1.5 T-GDi создава 66 децибели во возење, додека вредноста кај 1.4 T-GDi изнесува 72 децибели. За потсетување, бучавата се мери во логаритамска скала, што значи дека бучава повисока за еден децибел е двојно повисока бучава – не е дека на 1.4 T-GDi некој забележал дека е бучен, напротив и тој е мошне тивок. Но, ова е веќе импресивно.

За разлика од моторите што имаат само променлива фаза на брегастите вратила и претставуваат компромис меѓу перформанси и штедливост, новиот 1.5 T-GDi со технологијата CVVD постигнува распон каков што е достапен само кај скапите и силни мотори на премиум марките

Моторот нема да дојде до своите максимални 160 КС бурно и со многу драма, затоа што индустријата одамна не произведува мотори за „тинејџ-тестери“ што поаѓаат со педал до земја и сопираат исто така. Овој е култивиран, штедлив и чист мотор, каков што бара еколошки свесната ЕУ. Во поглед на ослободувањето на моќноста, постои работно подрачје во коешто моторот навистина повлекува поубедлуво и не остава простор за „сомнеж“ во неговите 160 КС. Тоа работно подрачје, тој „прозорец на моќност“ повеќе е оставен за реални ситуации во возење, кога треба на пример нагло да се забрза и да се престигне возило. Кусо, 1.5 T-GDi повлекува поубедливо при 3.000 вртежи и за релативно кусо време качува до 4.500 вртежи, меѓутоа потоа продолжува да влече линеарно. Тоа се ситуации во коишто искусен и разумен возач едноставно ќе префрли во повисок степен. Во секој случај, со 160 КС и со 253 њутнметри се ужива во изобилство од моќност. Овој XCeed е подготвен за секакво сценарио.

Технологијата CVVD е трето усовршување на приказната со варијабилните брегасти вратила во Kia. „Поместувањето“ на отворањето и затворањето на вентилите е работа на CVVT. Оваа технологија е стандард кај денешните бензинци. Нејзиниот недостаток е тоа што времетраењето на отворањето на вшмукувачките или издувните вентили останува исто. Со CVVT единствено се менува дали вентилите ќе отвораат подоцна или порано, зависно од условите на возење и оптоварувањето на моторот.

Постои понапредна технологија што општо се води како CVVL и таа дозволува да варира и одот на вентилите, меѓутоа станува збор за скапа и сложена технологија што исто така не е семоќна. Kia 1.5 T-GDi користи технологија CVVD, односно Continuously Variable Valve Duration. Тука се менува сé, од времетрањето на отворањето на вентилите, до одот на вентилите – без потреба да се користи брегасто вратило со два или повеќе различни брегови. Станува збор за интелигентно решение, коешто овозможува преку користење на софистициран систем од лостови да се „забави“ вртењето на брегастото вратило, точно кога тоа е потребно и точно колку што е потребно. Така се добива ефект ист како брегастото вратило да има не две или три, туку безброј брегови.

Без многу грижа околу потрошувачката, вредноста ќе поседува шестка пред запирката: За оваа моќност, за тежината на XCeed, тоа е одлична вест

Технологијата дејствува, и тоа е осетно. Прво, моторот е моќен и реагира соодветно во секоја ситуација, второ е култивиран и тивок, а трето – и сигурно најважно – потрошувачката е пониска дури и од градски автомобил со основен мотор. Под шест литри на отворено и шестка пред запирката при секојдневно возење во град, тоа се реалните вредности на потрошувачката што ќе се добиваат со овој автомобил. Профитира, секако, и животната средина, затоа што според норма (NEDC), овој мотор испушта 129 грами СО2 на километар, додека претходникот има 137 грами на километар.

Според фабрика и според старата норма NEDC, градската потрошувачка на Kia XCeed 1.5 T-GDi изнесува 7,1 литри (7,2 кај 1.4 T-GDi), потрошувачката на отворено е 4,9 L/100 km (5,3 кај 1.4 T-GDi), просекот е 5,7 L/100 km, наспроти точно шест литри кај 1.4 T-GDi. Разликата во реалност отстапува повеќе кај претходниот мотор. Секако мора да се има предвид и повисоката моќност за 20 КС, како и екстра 11-те њутнметри. Во поглед на перформансите, спринтот до темпо сто со новиот мотор се скуси за четири десетинки, на 9,0 секунди, додека крајната брзина порасна за 8 километри на час.

Македонскиот пазар му ја призна посебноста на XCeed и досега се испорачани околу три дузини од моделот, кој останува најмногу „во сенка“ на еден модел, и тоа модел со знак на Kia – секако, станува збор за Sportage. Тоа се два различни концепти на возила и два не толку различни кругови на купувачи, меѓутоа може да се смета на тоа дека токму Sportage му „одзел“ неколку купувачи на XCeed. Дали ќе се случи спротивната ситуација, кросоверот да преземе дел од купувачите на Sportage, кој наскоро треба да пристигне во новата генерација, тоа сигурно го знаат добро во македонската Kia.

Главната новина кај 1.5 T-GDi не е екстра моќноста од 160 КС, ниту пак е екстра штедливоста, туку е цената на моторот во споредба со основниот 1.0 T-GDI со 120 КС

Овој чекор со воведувањето на новиот 1,5-литарски турбо во XCeed и зафатите во нивоата на опрема за моделот, секако се дел од таа стратегија околу генерациската замена на Sportage. Каде што има убаво, има и поубаво. Тоа следи на крајот, кога продажните советници во салон треба да ја соопштат цената. А, тоа ќе изгледа вака: Доплатата за 1.5 T-GDi со 160 КС, наспроти основниот мотор 1.0 T-GDi со 120 КС, изнесува рамно 1.000 евра. Тоа е мистериозната новина што директорот Билбилов ни ја најави во март, кога можевме само да претпоставуваме за што точно станува збор.

XCeed, што може да се прочита и како „exceed“, односно нешто што надминува, нешто што е подобро од очекувањата – а не е далеку и „excite“, возбуда – со мотор 1.5 T-GDi, со сета негова CVVD-технологија, со 160 КС и со потрошувачка со шестка пред запирката, со ниво на опрема Reference 1, во македонскиот салон на Kia редовно чини 22.950 евра. Со промотивен попуст од 2.000 евра, крајната цена за купувачот, изнесува 20.950 евра. Илјада евра повеќе од 1.0 T-GDi со 120 КС. Уште еден фер чекор од Kia е тоа што моќната машина исто така стои на располагање со нивото на опрема Reference 1, место да биде врзано само со повисокото ниво на опрема Reference 2.

Со својот концепт, XCeed реално нема конкуренти во т.н. волуменски пазарен сегмент, освен секако Volkswagen T-Roc. Кросоверов на Kia повеќе цели на премиум конкурентите, кои се викаат Audi Q2, BMW X3, Mercedes GLA, па и Lexus UX или Cupra Formentor. Сé е погодено, за Kia XCeed – не толку непланирано и наивно – да им привлече внимание и на купувачи што прво бараат понуда во премиум сегментот.

Kia XCeed уште ги нема покажано сите свои потенцијали; новиот мотор 1.5 T-GDi воведува свежина, но претстојат и варијанти со благ хибриден погон, со приклучен хибриден погон, изненадувањата не се исклучени

Тоа што Kia го прави со своите кросовери, но и генерално со сите „нестандардни“ типови, вклучувајќи го и спортското-комби ProCeed или со „стингерот“, претставува исчекор во насока на премиум сегментот.

Во случај да постојат заблуди околу тоа, што точно е премиум. Тоа најмалку се материјалите, уште помалку е искористувањето на просторот што го обезбедува имиџот на марката, за цените да се поместат угоре, а воопшто не е дизајнот, изобилството опрема или силните мотори. Премиум е целиот инженеринг што е вграден во одреден модел, премиум е работата на проект менаџерот што е задолжен за одреден модел, премиум е идејата за некој автомобил да се направи различен од масата. Значи, дефиницијата за премиум сепак не е толку едноставна. Во секој случај, премиумот некогаш е повеќе апстрактен, отколку што е конкретен. Дали Kia XCeed е премиум-модел? Да, секогаш заедно со ProCeed.

До страницата за моделот на вебсајтот на Kia Motors Makedonija https://www.kia.mk/models/xceed/introduction

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На новиот Lexus NX не му се чекаше до премиерата

Opel Zafira е добра база за кампување