за

Историска пресвртница, Tesla Model 3 е најпродаван автомобил во Европа

Тоа е голема вест, но беше очекувано. Електричниот автомобил од средна класа Tesla Model 3 е најпродаван модел во Европа во септември.

Првпат електричен автомобил е на врвот на продажбата во Европа. Tesla Mоdel 3 во септември го престигна бестселерот Golf. Тоа сепак не значи и слабеење на пазарната моќ на Volkswagen, затоа што Германците во меѓувреме имаат и два мошне силни електрични модели во продажбата, ID.3 и ID.4.

Септември беше уште еден тежок месец за европската автомобилска индустрија, со 964.800 новорегистрирани автомобили, што претставува пад од 25 проценти. Фелипе Муњоз, главен аналитичар во консултантската компанија Jato, коментира: „Дилерите и натаму се соочуваат со потешкотии околу испораките на нови автомобили, поради недостигот од чипови. Како резултат од тоа, голем број купувачи не се подготвени да чекаат подолго од една година за нов автомобил и се ориентираа кон пазарот на користени автомобили.“

Вкупно во првите девет месеци од годината, продажбата на автомобили на 26-те најголеми пазари во Европа е зголемена во споредба со минатата година, но разликата се смалува. На крајот на првото полугодие, вкупниот број на новорегистрирани автомобили беше за 27 проценти повисок отколку во истиот период лани. До септември, оваа разлика се скуси на само 7 проценти.

Споредба на септемвриската продажба со 2020 и 2019 година

Муњоз објаснува: „Индустријата годинава реагираше добро на пандемијата, но сега се соочува со нови предизвици во синџирот од добавувачи. Охрабрува растечката популарност на електричните автомобили, но продажбата уште не е доволно силна за да надомести за големите падови во останатите сегменти.“

Продолжува подемот на електричните автомобили

Тековната криза помалку ги погодува производителите со широка понуда од модели со чисто електричен и приклучен хибриден погон, благодарение на тоа што европските купувачи ги искористуваат предностите од најразновидите повластици и субвенции што се достапни за тие возила. Наспроти тоа, недостигот од чипови и сериозноста на климатската криза, предизвика преполовување во продажбата на возила со дизел мотор. Во септември, возилата со ниска емисија постигнаа раст од 44 проценти, со вкупно 221.500 возила, додека бројот на новорегистрирани дизели се намали за 51%, на 167.000 возила.

Пред пандемијата, на секој нов автомобил со електричен или приклучен хибриден погон доаѓаа по 10,3 нови автомобили со дизел мотор

Како резултат од бумот во продажбата на електрични автомобили, Tesla Model 3 се искачи на првото место на најпродавани модели во Европа во септември, со вкупно 24.600 примероци. Тоа одговара на 2,6% проценти од вкупниот пазар. Не само што електричен автомобил првпат води во продажбата во Европа, туку почесното место првпат му припаѓа и на автомобил што не е произведен во Европа.

Уделот на електричните, бензинските и дизел автомобилите

Високата продажба на Model 3 во дел произлегува од силната продажна офанзива на Tesla на завршетокот на третиот квартал. Септември по традиција е силен месец за американскиот производител во Европа, со просечен удел од 68 проценти во вкупната продажба на Tesla во третиот квартал, за периодот од 2018 година. Во минатиот месец, септемвриската продажба учествувала со дури 74% во продажбата на Tesla во третото тромесечје. Одлично се покажува и Model Y, како втор најпродаван чисто електричен автомобил во Европа.

Број на регистрирани примероци од Tesla Model 3 по квартали

Благодарение на успехот на овие два модели, Tesla води на пазарот на електрични автомобили, со удел од 24 проценти, пред Volkswagen Group со 22%, Stellantis (Peugeot и Fiat) со 13% и концернот на Kia и Hyundai со близу 11 проценти. Tesla има продадено повеќе нови автомобили отколку што вкупно имаат продадено Fiat или Nissan.

СУВ-моделите држат близу 50 проценти од пазарот, Volkswagen водечки

Во минатиот месец, 46,5 проценти од новорегистрираните автомобили во Европа биле СУВ-модели. Тоа е највисок пазарен удел на овој сегмент возила досега. Нивната продажба расте и во условите на актуелната криза, затоа што постојано пристигаат нови електрични и хибридни модели, меѓу кои спаѓа и Tesla Model Y. Првото место во сегментот му припаѓа на концернот Volkswagen, потоа следат Stellantis и Kia-Hyundai.

Серијата 3 на BMW постигна раст од 24% и покрај директното соперништво со Tesla Model 3. Големо искачување постигна и Opel Mokka, на 22-то место со вкупно 9.700 возила. На 28-то место е Tesla Model Y, која што се продала во повеќе примероци од Fiat Panda, еден од најдостапните модели на пазарот.

Kia Ceed, серијата 4 на BMW, DS 7 Crossback, Mazda MX-30, Volkswagen Arteon и Porsche Taycan исто така постигнале солиден напредок. Меѓу новопристигнатите модели се издвојува Renault Arkana со близу 7.000 примероци, што му донесе место на трет најпродаван модел на француската марка. C4 сега е втор најпродаван модел на Citroen, а исто и електричниот Enyaq напредуваше на второто место кај чешката марка.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Kia Sportage најпродаван автомобил во Македонија во август

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Австриец извозе 500.000 km со Kia Sportage од 2009 година

XCeed го донесе новото лого на Kia во Македонија