за

Maybach во салонот на Мак Аутостар има 141 ставка опрема

Од хромирани прстени на светлечките брави за безбедносните ремени, до навигација што подзабавува пред свијок, Mercedes-Maybach што ни е дојден во Македонија е мошне солиден претставник на својата сорта.

Mercedes-Maybach е автомобил за когошто важат посебни стандарди. Тоа се однесува на конструирањето и на изработката, но подеднакво се однесува и на опременоста и на можноста за секој детал да се изведе различно. Ја разгледавме целосната листа на дополнителна опрема што ја добивме од Мак Аутостар за овој историски автомобил во салонот во Скопје.

Mercedes порано нагласуваше често дека секој автомобил што го произведува е различен и единствен, во смисла на „нема два исти мерцедеси“. Тоа важеше уште во времето кога се доплаќаше за десен ретровизор или за потпирачи за глава назад. Автомобилите оттогаш се сменети многу, но правилото дека нема два исти автомобили со знакот на Mercedes важи повеќе од кога било досега. Тоа, особено кога на масивно хромираната маска, веднаш под сребрената ѕвезда е напишано јасно Maybach. Во претходната објава го доловивме чувството при запознавањето со оваа единствена лимузина, вклучувајќи и мало историско поглавје за значењето на марката.

Од листата на опрема за автомобилот што ја добивме денес, станува уште појасно дека овој примерок во салонот на Мак Аутостар во Скопје е ништо помалку од своевидно божество на целата автомобилска сцена. Апсолутен врв, како во поглед на тоа што секој Maybach е замислено да го поседува на излез од мануфактурата, така и во поглед на ставките што се вградени и посебните спецификации за изведувањето на бројните детали.

Без многу одолговлечување, спецификацијата за овој Mercedes-Maybach S 580 4Matic со „бау-мустра“ 223.976.1, со црна боја на каросеријата и со ексклузивен Maybach-ентериер изведен со мека телешка напа-кожа во сиена кафена и црна боја, содржи 141 редови во коишто одделно се наведуваат ставките од опремата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За почеток, т.н. шоферски пакет, кој главно располага со совозачко седиште што може да се помести далеку нанапред и да се ослободи максимален простор за нозе назад. Тоа секако се изведува со копче од задното седиште. Во пакетот што е стандард за Maybach, влегува и преклопување на потпирачот за глава на совозачкото седиште, како и Pre-Safe Impuls со сите можни функции на безбедносните ремени, но и со исклучително нежно прилегнување на ременот врз телото. Уште една ставка во тој стил е масирањето на листовите на нозете.

Mercedes-Maybach преку читач на отпечаток на прст препознава кој возач или возачка во моментот е зад воланот

Меморискиот пакет исто така е стандард во S-Class и во Maybach. Покрај познатите функции, посебноста на овој пакет е во тоа што со помош на читач на отпечаток на прст препознава кој вози во моментот.

Врв во пакетите опрема што се вградени во македонскиот Maybach е High-End-пакетот за ентериер, што навистина чини колку еден CLA (во Германија пакетот чини 31.457,65 евра). Што сé вклучува овој пакет: Задните врати се отвораат со помош на електромотор и го ослободуваат пристапот до задните седишта од прва класа, звукот доаѓа од 4D-Surround систем од езотеричната марка Burmester, амбиенталното осветлување се менува според условите и по желба, седиштата се климатизирани, има преклопливи масички, безбедносните ремени се донесуваат поблиску на дофат, MBUX дисплеите вклучуваат унапредена реалност, има и 3D возачки дисплеј, просторот меѓу двете седишта е обложен со скапоцено и врвно бработено дрво во изведба designo. Куса пауза, па понатаму пакетот опфаќа Air-Balance (јонизација и парфимирање на воздухот), греење не само на седиштата, туку и на облогите во вратите и на потпирачот за рака во средината, како и на воланот, потоа воздушна перница вградена во безбедносните ремени и екстра приклучоци USB.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На сиот овој незамислив луксуз, следи уште „Ексклузивен пакет“. Во состав на овој пакет: Седиштата што веќе се обложени со мека напа кожа, тука добиваат уште каро мустра, перфорација и украсен штеп, а со напа се обложуваат уште арматурната табла, заедно со касетата пред совозачот, средишните конзоли, облогите на вратите, држачите за рака, додека самиот таван и штитниците за сонце се обложени со микрофибер. Има и осветлени лајсни со натпис Maybach на праговите, товарен праг на багажникот што е обложен со плоча од облагороден челик и хромирана рачка во подот на багажникот, плус патосници во контрастна боја. Цената на пакетот во Германија: 6.842,50 евра.

Екслузивниот пакет за помош при паркирање е стандард, со камера што при проаѓање препознава кога има слободно место за паркирање што е доволно големо, за потоа Maybach да понуди можност за самостојно паркирање.

При висока концентрација на PM, климатизацијата самостојно го прекинува дотокот на воздух, штити од бактерии и некои вируси, се чисти, јонизира и парфимира

Меѓу останатите пакети се вбројуваат и автоматско затворање на дотокот на воздух однадвор, доколку има висока концентрација на PM-честички, вклучувајќи антибактериски филтер, што е делотворен и против одредени вируси, потоа напреден алармен систем со надгледување на кабината, како и навигација од хард диск.

Има уште два импресивни пакети, што се именувани како „енергизирачки“. Еден пакет функционира напред и содржи климатизација на седиштата, масажа со различни програми, заедно со претходно спомнатите функции за јонизација, парфимирање и греење. Вториот пакет е наменет за задните седишта, исто со функции за масажа и климатизација, а дополнително и со грејачи во подрачјето на вратот и рамењата. Пакетот напред чини 3.808,00 евра, назад 3.528,35 евра во Германија. Maybach во Скопје располага и со електрични завеси за задните стакла.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Од останатите ставки:
(цените во евра важат за Германија и се преземени од нас од германскиот ценовник)

  • Управувана задна оска (10⁰) · 1.547,00
  • Странични воздушни перници назад · 452,20
  • Ладилник назад со зафатнина од 10 литри · 1.368,50
  • Дигитални светла со проекција на симболи и насоки за возење врз патот · 2.249,10
  • Посебна конзола за телефон назад · 702,10
  • MBUX асистент за ентериер (на пр. кога ќе се посегне кон внатрешната рачка на вратата, камери проверуваат дали наидува друго возило, велосипед итн, исто и за осветлувањето во кабината) · 642,60
  • MBUX асистент за ентериер, за назад · 523,60
  • ТВ-приемник · 1.285,20
  • Украсни црни панели со висок сјај, во изведба designo со пруги · 1.547,00
  • Волан со дрво и кожа · 737,80
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Maybach чека претседател во салонот на Мак Аутостар

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Место музејска посета: Историјата на Audi комплетно онлајн

Батерии од BMW i3 даваат струја за светската турнеја на Колдплеј