за

Maybach чека претседател во салонот на Мак Аутостар

Претседатели има од најразличен профил. Претседатели на куќен совет, синдикат, клас, управен одбор, држава. Само некои од нив ќе имаат свој Maybach.

Mercedes-Maybach S-Class, како што кажува и името, би требало да биде видоизменета изведба од S-Class, со големото име за (наскоро) Mercedes-Benz Group Cars и за целата автомобилска историја. Што може да се направи повеќе од S-Class?

Maybach за Mercedes е истото што Rolls-Royce е за BMW. Повлекувањето ваква паралела пред менаџер во едниот или другиот концерн, со сигурност би поттикнало кај нив сомнежи околу способноста за расудување на тој што ќе се произнесе со таква идеја. Но, од каде воопшто Maybach? Тоа име во автомобилската историја има иста важност, колку што имаат имињата на Николаус Ото, Рудолф Дизел, Феликс Ванкел, па и Карл Бенц или Готлиб Дајмлер.

Значи, Вилхелм Мајбах, како инженер во компанијата на Готлиб Дајмлер, во втората половина од 19-от век развива мотор со внатрешно согорување, што во 1885 година ќе биде вграден прво во „Daimler-Reitwagen“, што преведено буквално е возило на Daimler за јавање, а една година подоцна се вградува и во Daimler-Motorwagen, во моторизираната кочија што се цени како прв автомобил во светот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моторот со внатрешно согорување на Вилхелм Мајбах во историјата е познат како „часовник со клатно“, затоа што поради долгата клипница што ги поврзува коленастото вратило и клипот. изгледа слично како високите часовници во тогашните богати домаќинства. Тоа е прв мотор што постигнува високи вртежи и со тоа одговара за вградување во автомобил. Затоа, кога на возилото напред пишува Maybach, тоа има исто толкава тежина како да пишува „Бензин“ или „Дизел“ или вооошто „Автомобил“. Име од џиновско значење за автомобилизмот, во секој случај.

Чест е за еден увозник на Mercedes-Benz да изложи примерок од Maybach во салон

Таков автомобил неделава пристигна во салонот на Мак Аутостар во Скопје. Умешност и чест е еден увозник на автомобилска марка, не само во нашиот поширок регион, да добие автомобил Maybach за да го изложи во салон. Може да се направи шега, иако во редакцијата сме цврсто „убедени“ во тоа, дека заслугата за пристигнувањето на новата генерација Maybach во Мак Аутостар е кај Славче Таневски (линкот води до интервјуто). Македонскиот дизајнер, за својата десетогодишнина во Mercedes, ја имаше честа да го дизајнира концептот за првиот автомобил со чисто електричен погон на Maybach, за Concept Mercedes-Maybach EQS. Моделот со дизајнот на маестро Таневски ќе доживее сериско производство, прво како модел под знакот на електричната марка Mercedes-EQ, односно тоа ќе биде новиот EQS, а потоа и под знакот на Maybach, oдносно тоа ќе биде Mercedes-Maybach EQS.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Mercedes-Maybach S-Class, првото што ќе го поттикне при средбата со автомобилот, е впечатокот колку чисто изгледаат површините на каросеријата. Нема рабови, лајсни, отвори, канали, жлебови. Сé е како монолит, како гранитна карпа, како да е излеано во едно парче. На впечатокот се надоврзуваат и тркалата, кои изгледаат масивни како да тежат еден тон, иако тие веројатно содржат солидна количина магнезиум што ги прави суперлесни. Посебниот површински изглед произлегува од тоа што тркалата се полирани со користење керамички гранули.

Секој дел во овој автомобил има сопствена приказна, да се знае секој негов детал, тоа е речиси наука

Колку што каросеријата плени со својата едноставност и самоувереност, толку чувството се менува од корен, откако ќе се отворат вратите. Тоа е како отворање сандак со богатство, пронајден во некој сокриен тунел во храм во филмовите со Индијана Џонс. Сите чувства биднуваат маѓепсани, и поглед, и мирис, и допир, па сето тоа изобилство од совршенство е толку богато што веројатно може и да се вкуси.

Многу од работите во изложениот примерок се опција, но тоа е воедно и поентата кај овој автомобил. Во германскиот ценовник за Maybach, правилно Mercedes-Maybach, со своите 97 страници, наведена е ставка дека само тркалата на салонскиов примерок чинат околу 5.000 евра доплата. Сите дисплеи, топ-климатизацијата, озвучувањето Burmester, електриката за седиштата, сите ставки од таков ранг се стандард.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кој сака перфектно бела кожа, заедно со сите ставки што Штутгарт цени дека треба да бидат дел од пакетот, мора да смета на доплата вредна 16.000 евра. Таванот исто може да биде обложен со кожа, што би чинело околу 8.300 евра. Уште посериозно е со пакетите, кои се водат како High-End-Paket, и вклучуваат функции како електрично затворање и отворање на вратите или 4D-озвучување и посебни фотелји, со масички и дисплеи, чини колку еден Mercedes-Benc CLA. Колку што можевме да забележиме, салонскиот примерок располага со таков пакет.

Можностите за индивидуализација се речиси безгранични

Препознатливост на Mercedes-Maybach е двобојната каросерија. Кој сака на пример „телото“ на каросеријата да биде лакирано во црвена боја, а покривот во беж боја, за тоа би требало да издвои околу 15.000 евра. Но, за тој случај, дизајнерите во Штутгарт процениле дека комбинацијата нема да одговара со овој фантастичен ентериер во сиена-кафена боја. Црната каросерија на овој S580 е со добра причина црна. Тоа се ставките што ценовникот ги наведува до 44-та страница. Што следи понатаму, до последната страница од ценовникот, може да се замисли само со добра фантазија.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Изложената лимузина е во моделската изведба S 580, што значи дека го користи фамозниот 4.0 V8 со битурбо натполнење и со 469 КС. Цената без опциите изнесува 211.990 евра. Колку точно се цени автомобилот во Мак Аутостар, не дознавме, но мошне е веројатно дека станува збор за шестцифрена вредност што почнува со тројка. Погонот на сите тркала 4Matic е стандард, исто како и во верзијата со V12 и ознака S 650, што со својот луксуз моќен 630 КС, чини 274.990 во старт.

Секој милиметар во овој нереален автомобил крие нова импресија

Секако дека е исклучително ретка оваа можност во македонскиот салон на Mercedes-Benz да се погледне Mercedes-Maybach темелно внатре и надвор. За ориентација: Меѓуоскиното растојание е продолжено за 18 сантиметри во споредба со S-Class и тоа оди во корист исклучиво на просторот за нозе назад. Тој простор според стандардното мерење е долг 991 милиметар, а седечката површина е длабока 591 милиметар. Секој милиметар во овој нереален автомобил поттикнува различна импресија. И тоа е вистинската мајсторија.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Видеата што ги направивме од Mercedes-Maybach во салонот на Мак Аутостар можете да ги погледнете на нашиот профил на инстаграм 

https://www.instagram.com/automedia.mk/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota гризе сé поголем дел од европскиот колач

General Motors ќе добие милијарди отштета од LG поради пожарите