за

Два важни новитети на Honda доаѓаат во 2022 година

Eвропскиот пазар неколку години остана подзапоставен во плановите на Honda, но Јапонците веќе в година повторно фаќаат чекор тука. Доаѓаат нови генерации на HR-V и Civic.

HONDA CIVIC e:HEV

Нови генерации на HR-V и Civic се наоѓаат на агендата на премиери на Honda за европскиот пазар во 2022 година. Тоа се две моделски серии што тука оставија најсилен печат на јапонската марка и модели што постигнуваа споредбено високи продажни бројки, во времињата пред масивниот увоз на стари луксузни возила.

Најавата за нова генерација на Honda Civic отсекогаш била голема вест на македонската автомобилска сцена. Повозрасните генерации возачи ќе се присетат на стотиците примероци од Civic од осмата генерација што Макпетрол ги пласираше на македонскиот пазар секоја година во втората половина на минатата деценија. Одличните продажби на Honda Civic и силното пазарно присуство на Макпетрол се веројатно едни од најдобрите сведоштва за тоа колку беше здрав македонскиот автомобилски пазар, пред да почне масивниот увоз на стари луксузни лимузини, главно од бугарските автоплацеви. Со околу 15.000 нови автомобили годишно, од кои веројатно 99% уште се во совршена состојба, Македонија тогаш се „бркаше“ со Хрватска, во поглед на продадените нови возила по број на жители.

Civic в година ќе почне да вози во новата, единаесетта генерација. Најголемите пазари ќе ги добијат првите примероци наесен, пристигањето на новиот Civic во Македонија не би требало да доцни премногу. Секако остануваат големи резервни во поглед на временското планирање, поради неизвесноста околу кризата од полупроводници во целата автомобилска бранша.

Новиот модел веќе им е достапен на возачите во САД, секако во лумузинската изведба, којашто е повеќе важна за тамошниот пазар. Наспроти тоа, Европа повеќе ја бара комбилимузината со пет врати. Таа ќе стартува со продажба во Европа дури во следната есен.

New item by Automedia MK / Google Photos

Дизајнерската шема е сменета осетно. Страничниот појас – тоа е делот од каросеријата под прозорците – кај новата Honda Civic е понизок. Каросеријата става визуелен нагласок на ширината. Во целина, каросериските линии повеќе не се толку разиграни како кај претходникот. Лимузината е долга 4,67 метри, широка е 1,8 метар и висока 1,41 метар. Верзијата со пет врати во габаритите се разликува само во должината, таа е долга 4,55 метри. Вообичаено, силуетата на оваа верзија завршува повеќе во стил на купе. Задните светла дводелни и имаат нов дизајн, со светлечки појас меѓу нив.

New item by Automedia MK / Google Photos

Јапонските инженери ја подобриле прегледноста, со повлекување на предните столбови наназад, а со истата цел и ретровизорите се вградени пониско. Со дополнителните 3,5 сантиметри во меѓуоскиното растојание (сега е 2,74 метри), ќе има и повеќе простор во кабината. Сите светла користат диодна техника.

New item by Automedia MK / Google Photos

Внатрешноста се разликува од сé што сцената има видено досега во компакт класата, па и надвор од неа. Кокпитот е едноставен, со мала нишка ретро стил, по пример на електричната Honda e. Дигиталните инструменти имаат пречник од 10,2 инчи, имаат широк колорит и може да се конфигурираат по желба. Средишниот дисплеј во основната изведба има 7 инчи, во повисоките нивоа девет инчи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во безбедноста се работело дури и во самите воздушни перници, кои се усовршени со цел да обезбедат подобра заштита на главата. Заедно со воздушните перници во задните седишта, во Civic штитат вкупно десет воздушни перници.

Од погонски единици, на американскиот пазар се нудат дволитарски атмосферски мотор и 1,5-литарски турбо мотор. Првиот располага со 158 КС и вртежен момент од 188 Nm, турбо-бензинецот доаѓа до 180 КС и 240 њутнметри. Менувачот е безстепен. Изведбата со пет врати во иднина ќе се нуди и со шестстепен мануелен менувач. Во Европа ќе биде сосем различна приказна. Honda тука ќе го нуди Civic само во изведба со хибриден погон. Тоа е веќе реалност во Jazz и во Jazz Crosstar – во новата генерација на H-RV, исто така.

New item by Automedia MK / Google Photos

Пристигањето на новиот компактен СУВ во Македонија се очекуваше за следната пролет, но стартот на важниот модел на Honda се одлага, исто како и за бројни други модели што се развивале со години, поради недостигот од полупроводници за автомобилската индустрија. Неколку месеци чекање не менуваат многу, автомобил сепак не се купува преку ноќ. Посебно за HR-V ќе објавиме откако ќе ги комплетираме потребните информации.

New item by Automedia MK / Google Photos

По десетина денови во Новата година ќе посведочиме и на премиерата на „класичниот“ модел во гамата на Civic, на екстремната спортска изведба Civic Type R. Моќност од преку 340 КС е сосем за очекување, исто како и „мајсторски“ зафати во подвозјето, коишто ќе поттикнат нова рунда уривања рекорди на Нирбургринг. Од проширените крила може да се насети дека станува збор за драстично проширување на трагата, а за форматот на тркалата нема да изненади вредност од 20 инчи. Brembo сопирачки исто се на дневен ред кај екстремниот компакт на Јапонците. Тоа што останува традиција: Трите издувни цевки. Type R се претпоставува дека ќе биде последниот нов модел на Honda што ќе стартува во продажба без електромотор во погонската спрега.

New item by Automedia MK / Google Photos

Македонскиот пазар веќе реагира на моделските принови на Honda. Макпетрол веќе го испорача првиот примерок од кросовер изведбата Jazz Crosstar, секако со хибриден погон. Убави вести доаѓаат и од мото-огранокот. Првпат во историјата на Honda на македонскиот пазар, прометот што е постигнат со продажбата на мотоцикли го надмина прометот од патничките автомобили. Тоа подразбира и нов рекорд.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Northvolt ја произведе првата европска батерија за електрични автомобили

Овие модели имаат важни јубилеи во 2022 година