за

Новата Opel Astra внесува „класа“ меѓу компактите

Појавувањето на новата генерација на Astra е од посебна важност и поради тоа што најточно досега се покажува каде е местото на Opel во концернот на Peugeot. Дизајнот очигледно е адут на „новиот“ Opel.

OPEL ASTRA

Првпат со приклучок за полнење, со најсовремени технологии и подинамична од кога било досега. Така Opel го најавува и го гледа новото издание на моделот што е од исклучителна важност за понатамошниот имиџ, но и за профитабилноста на марката. Opel Astra L пристига напролет.

Новата генерација на милионерскиот модел на Opel покажува јасна, но возбудлива форма, без претерување во украсите, со новото лице на германската марка, Opel Vizor. Меѓу главните обележја на новата Opel Astra се вбројува и најновата верзија на целосно дигиталниот кокпит Pure Panel. Од седиштето на марката порачуваат дека станува збор за прецизност „made in Rüsselsheim“. Новата Astra е дизајнирана и развиена во Риселсхајм, а наесен ќе почне и да се произведува таму.

СУВ-моделите Opel Mokka, Crossland и Grandland веќе го носат новиот лик, а тој сега се појавува и на новата Astra. Впечатливиот дизајн на предниот дел, што е заеднички за сите модели на германската марка, се води под името Opel Vizor. Новиот лик на марката е посебно доусовршен за Astra L, со јасен и храбар дизајн, што целосно се раководи според „визорот“ како централен елемент во изгледот.

Основата на дизајнот Opel Vizor е „компасот“. Така дизајнерите го нарекоа вкрстувањето на хоризонталата и вертикалата што се случува точно во знакот на Opel, во „блицот“. Вертикалната оска е нагласена со прецизниот и јасно воочлив набор по должината на хаубата. Хоризонталната оска е самиот „визор“, што се протега до графиката во дневните диодни светла што изгледаат како крило, и тоа го содава препознатливиот изглед на новите модели на Opel.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Оваа стилска шема прави Astra да изгледа пошироко. Vizor содржи и нови технологии, како што се исклучително тенките Intelli-Lux LED предни светла или предната камера на системот Intelli-Vision што го надгледува просторот во 360 степени. Динамичноста се забележува и во страничната силуета. Таму се главни широките задни кровни столбови, што силно се закосени нанапред и создаваат впечаток како Astra да се движи додека мирува во место.

Компасот на Opel се повторува и во задниот дел. Таму се главни диодните задни светла (сите светла на Astra користат LED-техника), вертикално поставеното трето стоп светло и „блицот“ на Opel во средината. Знакот на Opel воедно служи и како рачка за отворање на задниот поклопец. Тој е изработен од посебна пластика. Термопластичниот материјал носи две главни придобивки: Тој прави задниот поклопец да биде исклучително лесен и цврст, а од друга страна може полесно да се изведат посебно тенките задни светла.

Новата Astra е возбудливо продолжение на нашата дизајнерска филозофија. Со храбро дизајнираниот преден дел, со впечатливиот визор, со мускулесто проширените крила и со површините со модерна форма, Astra вози исто толку спортски, колку што вози самоуверено. Иднината станува реалност во внатрешноста: Целосно застаклениот кокпит Pure Panel, што е свртен кон возачот, ги води клиентите во сосем нов свет

Марк Адамс, главен дизајнер на Opel

Новата Astra е долга 4.374 mm и широка 1.860 mm – со овие димензии, таа недвојбено припаѓа во компакт класата. Должината е зголемена за само четири милиметри, а меѓуоскиното растојание се зголеми за 13 милиметри и сега изнесува 2.675 милиметри. Изгледот остава спортски впечаток – без притоа да се жртвува практичноста за секој ден. За покривот може да се избере контрастна боја, за на тој начин дополнително да се нагласи спортскиот карактер на „дизајнерското парче“ во компакт класата.

Целосно дигитален и под заедничко стакло: Нова генерација на Pure Panel

Истата прецизност од надворешноста се пренесува и во внатрешноста. Германците ветуваат скок во времето. Погледот веднаш го привлекува Pure Panel, што првпат го видовме во Opel Mokka. Широкиот и целосно дигитален кокпит во топ-изведбата се состои од два широкоаголни екрани со пречник од по 25 сантиметри, како и од впечатливи отвори за воздух. Екраните не создаваат одблесоци и поради тоа нема потреба од стреа над нив.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Конструкторите посебно внимаваа, возачот да ги добива сите неопходни информации, но без притоа да се оптоварува со непотребни податоци или функции. Бројот на копчињата, што имаат едноставна и тенки форма, сведен е на најмала мера. Благодарение на врамнотежениот спој од дигитална слика и најмал број копчиња – ги има единствено за директно ракување со климата – ракувањето со Pure Panel се учи многу лесно. Во отсуство на прекумерни украси и со лесен пристап до важните функции, возачот може да се сосредострочи на сообраќајот.

Од Риселсхајм порачуваат дека досега не постоел Opel што бил толку лесен и совршен за ракување како новата Astra. Доказ за тоа е поврзувањето со телефон, преку Apple CarPlay или Android Auto, при што нема потреба од поврзување преку кабел. Тоа е стандард во секоја Astra. Ценовникот во Германија почнува од 22.465 евра. Еуроимпекс како нов регионален увозник за Opel, преку дилерите Аутомакедонија и Опел Цем, секако ќе обезбеди цени што ќе бидат значително под германските.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест · Opel Corsa 1.2 DI Turbo GS Line

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автомобил во облаци за посетителите на автосалонот во Минхен

Škoda Enyaq iV и Superb Combi шестпати „Семеен автомобил на годината“