за

Тест · Opel Corsa 1.2 DI Turbo GS Line

Во градската класа постојат неколку карактерни играчи. Opel Corsa е таков малечок автомобил со голем карактер, кој денес е дел од друг концерн, но се покажува дека повторно има силна врска со првата генерација.

Одвреме навреме се случува автомобилите што пристигаат на тест да ни приредат големо изненадување. Opel Corsa, точно во оваа изведба GS Line, вози повпечатливо од сé од градската класа што во последно време било на тест во Аутомедиа. Точно е дека техниката сега пристига од друго место, но оваа Corsa повторно е Opel.

Пред шестата генерација на Opel Corsa да ја доживее својата премиера на салонот во Франкфурт пред неполни две години, експерти од одделението за историски возила на германската марка имаа важна експедиција. Нивната задача: Да пронајдат примерок од првата Corsa, во исклучително ретката спортска изведба GT. По многу неизвесна претрага, сочуван примерок од Corsa GT беше пронајден во топлата Португалија, оставен од неговиот прв сопственик на пристаништето во Порто. Спортската изведба на најмалечкиот Opel, во своето време сосем способна со 1,3-литарец со карбураторски 70 КС, без проблем извозе 2.700 километри до Риселсхајм. Следеше темелна реставрација, каква што само фабрика може да направи, сé со цел за историскиот автомобил да биде дел од премиерата на шестата генерација на Corsa на штандот на Opel на салонот ИАА, што тогаш последен пат се одржуваше во Франкфурт. Многу труд, но за што?

Corsa на тест во Аутомедиа, лакирана одважно во портокалова боја со металик ефект, многу верно го доловува духот на малечките спортски автомобили од времето кога навидум малите разлики на Corsa GT значеа многу за уживањето во возењето и за местото на тие автомобили на сцената. Секоја форма и секоја функција што се насетува однадвор, говори дека ова е автомобил развиен и произведен денес, меѓутоа постојано се пројавува по некоја нишка што порачува дека автомобил сличен на овој постоел уште пред многу години. Нормално, затоа беше сиот труд на Opel, да ја донесе старата Corsa GT на штандот на големиот германски салон на автомобили и да ја воспостави временската врска, да покаже дека оваа Corsa уште е добриот и стар Opel. Имаше уште една „мала“ причина за сиот тој труд.

По близу девет децении под покривот на американскиот General Motors, германската марка од 2017 година е дел од концернот PSA, а сега и дел од уште поголемиот концерн Stellantis. Како што е редно во големите концерни, Corsa ја дели платформата со модел од носечката марка во целиот концерн, со Peugeot 208. Нема ништо лошо во тоа некој автомобил да ја користи техниката на францускиот бестселер, меѓутоа традиционалистите и фановите на марката го сфатија тоа како Opel преку ноќ да ги отпуштил сите инженери, техничари и експерти од секаков профил, и оваа денешна Corsa не е друго освен „преоблечен“ Peugeot 208. Секако дека тоа не е случај и секако дека се чувствува „опелот“ во Corsa. Дури и не треба да помине долго време зад воланот, додека се открие печатот на Opel.

По само две три крстосници низ динамичниот скопски сообраќај, се покажува дека подвозјето во оваа „оринџ физ“ Corsa работи и подобро од тоа што се очекува од него. По посилно притискање врз сопирачката, носот не потонува ниту милиметар – или можеби потонува максимално толку, милиметар. Нормално дека отсуствува и најмала повратна реакција на пружините. Corsa едноставно запира и толку. За впечатокот дека подвозјето е дотерано мајсторски да биде уште поубедлив, дозирањето на сопирачките исто е беспрекорно – линеарно, со одмерена сила, со „природна“ кинематика на педалскиот механизам. Тоа е дел од причините, зошто на луѓето ќе им се допадне овој автомобил откако ќе си го направат своето пробно возење. Peugeot 208 исто е беспрекорен во овој поглед, но е беспрекорен на свој „француски“ начин.

Opel Corsa да се цени како преоблечен Peugeot 208, исто е како Seat Ibiza или Skoda Fabia да се ценат дека се „само“ VW Polo со сменет знак – нека се обиде некој храбар да им го каже тоа на инженерите на марките

Понатаму се покажува и дека подвозјето успешно се справува со нерамнини и споеви на патот. Ако се зборува за мајсторски погоден склоп од пружини, амортизери, зглобови, лежишта, тогаш подвозјето на Corsa е вистинскиот пример за таков склоп. Пријатно изненадување, тоа е неоспорно. Секако дека овие својства во едно од клучните подрачја кај секој автомобил, во подвозјето, доаѓаат како резултат од работата и искуството на техничарите на Opel, од кои стотици во минатите години биле ангажирани веројатно во некој OPC-проект или слично. Тоа е доказот што Риселсхајм сакаше да го изнесе пред светот и да докаже дека Opel уште е Opel и во време на PeugeotOpel.

Кај новиот увозник за Opel, Еуроимпекс, очигледно си ја обожуваат новата марка. Corsa на тестот, освен што е лакирана во портокалова боја – со нагласок на металик боја – вози во спортската изведба GS Line. Подвозјето што вистински нé одушеви, дел е од GS Line, заедно со спортските седишта, алу-тркалата од 16 инчи во црна боја и покривот во истата боја. Еден поглед во ценовникот покажува уште еден детаљ што ни се допаѓа. За ова ниво на опрема, или поточно за оваа моделска изведба на Corsa, не се потребни „астрономски“ суми, гледано во ценовната рамка за модел од градска класа. Со мотор 1.2 со 100 КС, Corsa GS Line чини сосем разумни 16.810 евра, односно разликата во цената со основното ниво изнесува 2.050 евра.

Кога веќе човек ќе се увери дека ова и натаму е Opel, следно е обожување на деталите. Нив ги има безброј. Предниот браник има комплетно различна форма од основните изведби на Corsa, па и од нивото Elegance, оддавајќи динамична нота, со вертикалните засеци кај магленките. Исто и назад, браникот завршува со дел со изглед на дифузор, па дури и широката издувна цевка е хромирана. Кај верзијата со 130 КС, назад има две издувни цевки.

Кога Corsa ќе се почувствува во возење, им се придава вистинското значење на тристоте илјади досега произведени примероци од моделот, на првото место во класата на германскиот пазар, па и на повременото лидерство како најпродаван автомобил во Велика Британија

Покривот во црна боја, средишните столбови што се лакирани во црна боја со висок сјај и црните тркала од 16 инчи со дизајн Hurrican, со четири двојни краци, заедно со масивниот, но совршено вклопен заден спојлер, сето тоа создава појава по којашто човек сака да се сврти кога ќе го заклучува автомобилот и ќе го остава паркиран.

За спортските аспирации да бидат веродостојни, стандардните спортски седишта за GS Line реално нудат изненадувачки солидна странична подрршка и му носат уште еден дебел плус на автомобилов, заедно со испакнувањата на спортскиот волан на коишто се потпираат палците. Сé е сериозно во оваа портокалова Corsa, нема шминка и нема залажување. Автомобилов во тој поглед ќе им го исполни срцето и на возачки и возачи што во животот можеби имале и посилни и поголеми спортски модели.

Однесувањето на подвозјето надвор од град, било да се работи за кривулест пат и возење за уживање, било да е правец на автопат, го заокружува спортскиот карактер на Opel Corsa 1.2 DI Turbo GS Line. Управувањето работи прецизно и пренесува верно за тоа што во моментот се случува меѓу гумите и асфалтот. За некаква крутост на подвозјето не може да стане збор. Тоа повеќе е спортски стегнато, со причина. Corsa е подготвена за секакво сценарио, па дури и подолги влабнувања додека се вози брзо по автопат не можат да ѝ го нарушат балансот.

Техничарите на Opel ги вршеа завршните дотерувања пред серискиот старт на Corsa во прочуениот тест-центар во Дуденхофен, Германија

Симпатично е кога во брз свијок ќе се притисне врз гасот и ќе се почувствува како носот послушно се „вовлекува“ во свијокот – за појава на рано подуправување или за подмолно пролизгување на опашот при нагло одземање гас и сопирање, Corsa едноставно е премногу добро избалансирана. Дел од завршните дотерувања на подвозјето, на системите за асистенција и за безбедност, на реакцијата на моторот, извршени се во прочуениот тест-центар во Дуденхофен, Германија. Со вклучување на програмата за спортско возење, малку попушта сервоподдршката на управувањето и моторот реагира подиректно. Сепак е премногу да се очекува дека притоа ќе се случуваат некакви драстични промени.

Колку подвозјето и да работи стегнато и да гази вешто, пак останува простор за доволно комфорно да се амортизираат нерамнините. Ако по сите овие параграфи не бевме јасни – подвозјето е една од работите што прават овој автомобил да биде уживање за возење. За патување, исто така. Во просторноста напред одамна нема забелешки во овие компактни машини што надраснаа и четири метри во должина. Ако гостите не се премногу размазени, ќе бидат сосем среќни и со просторноста на задната клупа. Солидниот простор назад исто е дел од платформата, тука се гледаат „трагите“ од Peugeot 208.

Зафатнината на багажникот од 309 литри е повеќе од задоволителна и вредност е во горните граници во сегментот. Формата исто е правилна, има уредно поставена и ефикасна светилка, соборувањето е едноставно. Забелешка единствено за тенкиот под на багажникот, кој во отсуство на резервно тркало долу (Corsa стандардно доаѓа со кит за поправка на гума) е чувствителен на потежок товар – потребно е само малку внимание за потешкиот багаж да се постави директно долу во коритото за резервно тркало, како „подлога“ за останатиот товар што ќе следи горе. Corsa е практична „Французинка“ во поглед на зафатнината на касетата пред совозачот, широките џебови во вратите и во дополнителната преграда под потпирачот за раце напред.

Corsa е меѓу најаеродинамичните модели во класата, со коефициент 0,29; Како и секој друг нов модел на марката, за резултатот е заслужен Институтот за моторни возила и авионски мотори при Универзитетот Штутгарт; Зад маската се кријат активни ламели, што се затвораат при возење по автопат

Од гледиште на инженерингот, Opel ги почитува највисоките и најактуелни стандарди во браншата. Со обемна примена на челик со висока и ултрависока цврстина за каросериската структура – што впрочем претставува и јадро на заедничката платформа со 208 и C3 – постигнато е намалување на тежината за стотина килограми во споредба со Corsa Е. Кај изведбата со 75 КС, тежината без возач е дури под еден тон. Десетина проценти намалување на тежината на возилото во оваа класа се цел еден свет разлика.

Намалувањето на тежината носи придобивки во бројни, ако не и во сите подрачја, почнувајќи секако од подобрување на возната динамика и на перформансите, како и намалување на потрошувачката, до олеснување на работата за амортизацијата и овозможување таа да работи попрецизно. Само каросеријата учествува со 40 килограми во намалувањето на тежината на Corsa. Замената на четирицилиндарецот од Corsa E со трицилиндарскиот 1.2 PureTech на Peugeot носи дополнителна заштеда од 15 килограми. Хаубата е изработена од алуминиум и иако е подолга во споредба со претходниот модел, полесна е за 2,4 килограми. Секако дека алу-хауба е реткост во класата. Дополнителни килограми заштеда доаѓаат од седиштата (-5,5 kg напред и -4,5 kg назад), како и од користењето полесен изолациски материјал.

Со моќноста од 100 КС може да се биде сосем среќен во Corsa. За течното возење нормално дека повеќе решава вртежниот момент со максимални 205 њутнметри, односно со 95% од таа вредност што стојат на располагање во работното подрачје меѓу 1.500 и 3.500 вртежи. Трите цилиндри се препознаваат по „нередовниот“ звук, меѓутоа работата на моторот е тивка и звукот е мек, така што 1.2 DI Turbo од акустичен аспект нема да претставува измачување во возењето. Повлекувањето што се чувствува кога на автопат ќе се притисне во петтиот или шестиот степен на пренос, прави да биде мошне веродостоен податокот за крајната брзина од близу 200 километри на час.

Под алуминиумската хауба работи 1,2-литарецот познат од Peugeot 208 & Co, но познат и како сериски победник во изборот за најдобри мотори во светот

Потрошувачката од околу седум литри што ни ја пријави патниот компјутер е за еден литар над вредноста што ќе се постигне во нормалното секојдневие. Тука сепак станува збор за моторот што во серија победува во својата категорија во светскиот избор на најдобрите мотори на годината, според оцените на врвни инженери во браншата. Кој цени дека нема да му штети малку поголема динамика, а воедно сака да ужива и во комоција на автоматски менувач, тогаш ја има на избор верзијата со 130 КС и уште со стандарден 8-степен автоматик, што чини 2.330 евра над верзијата со 100 КС и 6-степен мануелен менувач на нашиот тест.

Увозникот Еуроимпекс има шампионско искуство на македонскиот автомобилски пазар (увозник на Opel и за Србија, Црна Гора, Албанија, Косово), така што во поглед на составот на нивоата на опрема и на целата понуда во гамата на Opel Corsa сигурно дека се нуди точно тоа што нашиот пазар го бара или има потреба од тоа. Гамата почнува со Corsa 1.2 со 75 КС, со редовна цена од 13.240 евра во основното ниво на опрема. Секоја Corsa што се продава на македонскиот пазар стандардно располага најмалку со електрика на предните прозорци, темпомат, спортски волан со три краци и со команди за радио и телефон, патен компјутер, електрика и греење на ретровизори во црна боја, поделена задна клупа, спојлер назад и рачки во боја на каросерија.

Следното ниво Edition, со истиот мотор чини 14.230 евра и дополнително располага со мануелен клима уред, радио со средишен дисплеј од 7 инчи и поврзување со телефон, алу-тркала од 16 инчи и кожа на воланот. Средината од понудата му припаѓа на нивото Business Edition, со цена од 14.750 евра за моторот со 75 КС, со паркинг сензори назад, потпирач за рака напред и навигација. Изведбата GS Line е достапна со 1.2 DI со 100 КС и 130 КС, како и со дизелот со 102 КС. Во споредба со нивото Edition, тука следуваат уште спортски спојлери и надворешни детали, спортско подвозје, електрика за задните прозорци, алу-тркала од 16 инчи во црна боја со посебен дизајн, алу-педали, црн таван, спортски предни седишта, дигитални инструменти од 7 инчи, ЛЕД магленки и кров во црна боја.

Спецификацијата за нивото Elegance е слична со GS Line, со таа разлика што повеќе нагласок се става на комфорот и елеганцијата, вклучувајќи меѓу другото хромирани лајсни под прозорците, раѕлични облоги на седиштата и амбиентално осветлување. Со мотор 1.2 DI Turbo со 100 КС, нивото Elegance чини 16.370 евра.

Попустот од 960 евра надоместува речиси целосно за сета дополнителна опрема вредна 1.140 евра во тест-автомобилот

Во тест-возилото има вградено дополнително пакет NCAP 1, којшто се состои од камера за сообраќајни знаци, предупредување при опасност од судир, препознавање пешак на пат, предупредување при замор, со цена од 350 евра. Кога возилото располага со овој пакет, тогаш во нивото GS Line се вклучени уште сензор за дожд, автоматика за долго светло и самозатемнувачки внатрешен ретровизор, но и ЛЕД предни светла.

Привлечно изгледа и доплатата од 450 евра за паркинг сензори, автоматско собирање на ретровизори и панорамска камера назад со приказ во 180 степени. Corsa на тест има и дополнително затемнети задни стакла (120 евра), средишна конзола со потпирач за рака, преграда и држачи за чаша (100 евра), електрична паркирна сопирачка (100 евра) и подготовка за резервно тркало (20 евра). Металик портокаловата боја е заштитно обележје на Corsa F, таа е гратис. Сите овие ставки дополнителна опрема заедно чинат 1.140 евра. Со попустот од 960 евра за конкретната конфигурација, цената за Opel Corsa 1.2 GS Line изнесува 16.990 евра.

Сиот овој раскош прави германскиот „штатваген“ во конкретната конфигурација и со конкретните опции да биде една од понудите на македонскиот пазар што нудат најмногу забава и уживање за парите. За оваа понуда повеќе би се очекувала вредност над 20.000 евра, меѓутоа Opel и Еуроимпекс успеваат сето тоа да го понудат по цена што дури и не зафаќа во повисоката класа, меѓу компактите.

Погледот во списокот на дополнителна опрема исто носи пријатна глетка. Поедноставниот пакет за паркирање, исто така со панорамска камера и ултразвучни сензори, чини 300 евра, за адаптивен темпомат со дополнителни безбедносни функции и самостојно запирање и поаѓање во колона се доплаќа 500 евра, грејачи за предните седишта чинат 310 евра, автоматика за климата 350 евра, а безжично полнење на телефонот ќе се врши со доплата од 150 евра. Кој сака екстра широк средишен дисплеј од 10 инчи, за тоа ќе доплати 890 евра и ќе добие плус навигација. Стартување на моторот на копче чини 150 евра. Сето тоа сведочи за едно мошне пристојно ниво на цени.

Конективноста функционира примерно, со достапност на навигација и музика преку телефонот, со поддршка на говорни команди, па дури и вибер-пораките се пријавуваат. Пријатно изненадување нуди и аудио системот во Opel, за когошто првично претпоставиме дека станува збор за опција, но се покажа дека е во најстандардната изведба за GS Line.

Преоѓањето на Opel во концернот на Peugeot е добра вест за марката

Традиционалистите нека негодуваат, но преоѓањето на Opel во концернот на Peugeot е најдоброто нешто што ѝ се случи на германската марка во последниве децении. Тоа не е празна демагогија, туку е заклулчокот од овој тест на Corsa F. Opel долго беше буквално заглавен во чудниот третман на General Motors кон неамериканските марки. Марката од Риселсхајм беше во вечна финансиска криза, додека Детроит упорно не им исплаќаше на Германците премија за патентите на Opel, што GM масовно ги користеше во своите марки. Добрата вест е во тоа што Opel повторно е „марката со молњата“. Таа погодува точно одредено. Opel Corsa се позиционира како модел што има заедничка техника со марките на Peugeot (наскоро и на Fiat, во концернот Stellantis), но има и различен карактер од нивните модели со истата техника. Дизајнот е погоден одлично, возењето има нешто посебно германско, цените одговараат. Пазарот со нетрпение ги очекува новата Astra, „електричарите“ веќе се во понуда, а во меѓувреме се чека во редици за Mokka & Co. Оваа марка може само да продолжи да напредува.

Opel Corsa 1.2 DI Turbo 100 · Технички карактеристики:

Работна зафатнина (ccm3): 1.199
Број на цилиндри: 3
Моќност (kw/ks) 74/100 @ 5.500 rpm
Вртежен момент (Nm): 205 @ 1.750 rpm
Максимална брзина (km/h): 194
Забрзување 0-100km/h (s): 9,9
Комбинирана потрошувачка по WLTP (lit/100km): 5.2-5.6
Емисија CO2 (gr/km) 98
Трансмисија: 6 степена мануелна трансмисија
Должина (mm): 4.060
Ширина (mm): 1.765
Висина (mm): 1.433
Меѓуосовинско растојание (mm): 2.538
Багажен простор (l): 309
Резервоар за гориво (l): 44
Гориво: бензин
Стандард на издувни гасови EURO 6d

Стандардна опременост во нивото GS Line

Претензионери за сигурносни појаси
Потсетник за неставен сигурносен појас
Воздушни перничиња за возач и совозач (фронтални, странични, кровни)
Темпомат со вклучен ограничувач на брзината
Прогресивен електричен серво волан со висинско и длабинско подесување
Патен компјутер
Кожен волан со рамнo дно со команди за радио и телефон
Прозори со соларна абсорпција
Електрични предни и задни прозори со ф-ја express up/down и anti-pinch
Внатрешност “Banda” Marvel Black (TAVF), предни седишта “Dynamic”
Висинско подесување на возачко седиште
Централно заклучување со далечинска команда
Радио (CR20) со 7” колор дисплеј во боја, Mirrorlink, 7” full digital, multi color DIC, USB, DAB,
DAB+ & DMB audio module, со 6 звучника
Надворешни ретровизори со електрично управување и загревање, електрично
склопување
Браници во боја на каросерија напред и позди
Еден преклоплив клуч со далечинско, втор ригиден без далечинска команда
12 волтен електричен прилучок, напред
Осветлување во багажен простор
Штитиници за сонце со огледала, напред
Надворешни кваки во боја на каросерија
Интегриран ECO заден спојлер
ISOFIX припрема за надворешни седишта од задна клупа
Деллива задна 60:40
Кит за репарација на гума
Алуминиумски бандажи 16”, 4двојни краци “Hurrican” Gloss black, пневматик 195/55 R16

Дополнителна опрема:

  • NCAP пакет (Сензор за препознавање на знаци; Сензор за
    предупредување од можен удар на мала брзина; Детекција на
    пешаци, напред; Сензор за предупредување од поспаност на возач,
    временско предупредување на 2 часа) · 350 EUR
  • Park & Go пакет (Ултрасонични паркинг сензори напред и назад;
    Електрично склопување на надворешни ретровизори; Панорамска
    камера за паркирање назад 180°) · 450 EUR
  • Затемнети задни странични прозори + петта врата · 120 EUR
  • Централна конзола со наслон за рака напред, 2 држачи за чаши и
    скриен простор за одлагање работи  · 100 EUR
  • Електрична паркинг кочница 100 EUR
  • Припрема за резервно тркало 20 EUR
  • Портокалова металик боја / Orange fizz 0 EUR
  • Вкупно дополнителна опрема: 1.140 EUR


OPEL CORSA 1.2XHL 100ks MT6 “GS-Line”: 16.810 EUR

Дополнителна опрема: 1.140 EUR
Вкупна цена со дополнителна опрема: 17.950 EUR
Попуст: 960 EUR

Цена на возило со вкалкулиран попуст и ддв: 16.990 EUR

Овластени дилери:

Аутомакедонија · Врска до страницата за моделот

https://opel.autocem.com.mk/

Гаранција: Понудените возилата од Opel доаѓаат со 4 годишна гаранција или 80.000 изминати километри, што настапи попрво. Воедно како дополнување на гаранцијата, Opel обезбедува и 24 часовна помош на пат во Македонија и земјите од Европа во период од 4 години или 80.000 изминати километри, што настапи попрво.

Бројни моменти од тестирањето на Opel Corsa можете да погледнете во издвоената приказна на нашиот профил на инстаграм :

https://www.instagram.com/stories/highlights/17937615826562467/

Кон официјалната страница за моделот · https://www.opel.mk/avtomobili/corsa-models/corsa/pregled.html

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најубавата Французинка вози електрично Peugeot e-208

Kia службено возило на филмскиот фестивал во Таормина