за

Новото моделско годиште на Audi A8 нуди уште повеќе Audi

Освежувања во изгледот и нови технологии за Audi A8, знаменосецот од Инголштат.

Промени во изгледот на предниот и задниот дел, заедно со иновативни технологии прават Audi A8 да изгледа уште повпечатливо и со поголем нагласок на спортската елеганција.

Audi A8 отсекогаш се издвојувал како луксузна лимузина со спортски карактер. Тоа сега се забележува уште повеќе во освежениот изглед на знаменосецот. Погледот посебно го привлекуваат новите предни и задни светла со врвна технологија. Четвртата генерација на моделот е на пазарот уште од 2017 година, кога A8 го најави новиот дизајн што сега е својствен за сите модели во понудата на Audi.

Основата на синлфрејм-маската сега е поширока, а решетката ја красат хромирани винкли што се зголемуваат како што се оди оздола нагоре. Страничните отвори за воздух се исправени и имаат нов дизајн, исто како и светлата, коишто се издвојуваат со издадениот дел долу.

Назад доминираат широки хромирани лајсни, но вистинското шоу тука им припаѓа на светлата со дигитални OLED, чијашто светлечка графика клиентите можат да ја избираат во различни варијанти. Светлечката лента по цела ширина е уште еден знак на препознавање на Audi A8. Дифузорот долу е нагласен фино и елегантно. Спортската варијанта Audi S8 се препознава по четирите издувни цевки, што се нагласени дополнително со формата на дифузорот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Првпат во A8 се нуди и пакет за надворешност S line. Овој пакет посебно дава печат на предниот дел и внесува неколку детали во стил на S8. На тоа може да се додаде и пакет со детали во црна боја. Вкупно 11 бои стојат на располагање за каросеријата, вклучувајќи ги новите бои дистрикт зелена, фирмамент сина, менхетн сива и ултра сина. На тоа следат уште пет мат бои – дејтона сива, флорето сребрена, дистрикт зелена, тера сива и глечер бела. Тоа е посебна понуда на Audi exclusive.

Секогаш е вредно да се спомнат димензиите на Audi A8: Должина 5,19 метри, ширина 1,95 метар, висина 1,47 метар, меѓуоскино растојание точно 3 метри; Има и верзија „L“, со продолжено меѓуоскионо растојание, како и верзија Horch, за Кина, со уште подолга каросерија

Каросеријата на Audi A8 е голема, но и лесна. Таа во 58 проценти се состои од алуминиум. Остатокот главно се однесува на школката што е изработена од топло валан челик и од заден структурен ѕид од композит, што содржи карбон со ултрависока цврстина. Врв се лежиштата на амортизерите од магнезиум.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дигиталните матрични светла со диодна техника работат слично на видеобим и користат тенологија DMD (Digital Micromirror Device). Секое светло содржи 1,3 милион микроогледала, што ја разбиваат светлината на ситни точки. На тој начин може со врвна точност да се насочува светлосниот сноп. Меѓу новите функции се светло за водење во лента и за ориентирање, што е корисно при возење по автопат. Посебноста е во тоа што лентата во којашто се наоѓа возилото се осветлува посилно, како еден вид светлосен тепих. Посебно шоу се динамичните функции на Coming-Home / Leaving-Home.

Стандард во новиот A8 се дигитални OLED задни светла. Клиентите имаат можност при нарачката да изберат една од двете (три кај S8) графики на работа на светлата, по вклучувањето на динамичниот режим на возење. Безбедносна функција е тоа што светлата работат посилно, кога возилото назад ќе се приближи на помалку од два метри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Седиштата и натаму се стандардно обложени со валета-кожа. Може да се избере валкона-кожа, со тоа што сега на располагање има и коњак боја. По избор, вратите се обложуваат со „динамика“, одржлив материјал со микровлакна. Опција е со овој материјал да се обложат и таванот, како и средните столбови.

Новото моделско годиште на Audi A8 доаѓа стандардно со MMI Navigation plus, којашто располага со модуларен инфозабавен систем од третата генерација (MIB 3). Во стандарден обем на испорака спаѓаат и онлајн и Car-2-X услугите на Audi connect.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Понудата од погонски единици во почетокот се состои од три мотори. Основа е 3.0 TFSI со V6-мотор од три литри, по него следи 4.0 TFSI, во две различни верзии на моќност, од коишто посилната е резервирана за S8. Осумцилиндарецот при мало оптоварување исклучува четири цилиндри.

Трилитарецот со 340 КС и 500 Nm работи во Audi A8 55 TFSI quattro и во A8 L 55 TFSI quattro. За Кина се нуди верзија со 286 КС. Во Audi A8 60 TSFI quattro и во A8 L 60 TFSI quattro работи осумцилиндарец со 460 КС и 660 Nm, способен за 4,4 секунди спринт до темпо сто. Наскоро ќе следи дизел верзија, како и модел со приклучен хибриден погон. Сите мотори се изведени како благ хибрид со 48-волтен стартер генератор.

Audi S8 со 571 КС и 800 њутнметри

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Спортскиот врв го претставува Audi S8 TSFI quattro со Biturbo-V8 со 571 КС и 800 Nm. Спринтот до темпо сто трае 3,8 секунди. Посебни клапни по желба на возачот дозволуваат издувот да звучи помоќно и погласно. Стандард во S8 се активно подвозје, спортски диференцијал и динамично управување на сите тркала.

Технолошки врв во новото моделско годиште е „предвидувачкото“ активно подвозје

Секој Audi A8 располага со пневматско подвозје и со прогресивно управување. Опција е активното подвозје што „предвидува“. Секое тркало се контролира преку посебен електромотор, кој го оптоварува или растоварува истото со соодветна сила. На тој начин каросеријата ја задржува позицијата во секоја ситуација во возењето. Во динамичниот модус, каросеријата не се наведнува во свијоци, а носот одвај дека се спушта при силно сопирање. Во комфорен режим се вклучува во игра и предната камера, што ги препознава нерамнините и соодветно ги регулира силите во амортизацијата уште пред тркалата да згаснат врз нераминината.

Посебен режим е comfort+, кога подвозјето се грижи патниците да не чувствуваат странично забрзување. При влез во свијок се подигнува страната на каросеријата на надворешната страна во свијокот, а се спушта спротивната страна.

Понудата од тркала покрива дијапазон од 18 до 21 инчи, со шест нови дизајни, од кои дел се на Audi Sport. Во топ изведбите и во S8 со доплата се вградуваат сопирачки дискови од карбон-керамика.

Ценовникот за Германија стартува од 99.500 евра, додека кај S8 основата чини 144.800 евра. Испораката во Европа започнува во декември.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Audi дава одговори: Што откако ќе мине употребниот век на батеријата?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot прв во продажбата во пет сегменти во Франција

Еден од секои четири продадени Volvo е со приклучок за полнење