СУВ-купето Taigo е најновото освежување во гамата од модели на Volkswagen. Изгледот на купе е главниот адут, во комбинација со седење на повисоко.
Освен со впечатливата каросериска форма, Volkswagen Taigo привлекува и со бројните системи за асистенција, како и бројните комфорни функции. Тоа што Volkswagen го нагласува посебно е достапноста на системот за полу-автопилотирано возење ID. Drive Travel Assist, што инаку се нуди и во електромобилот ID.3. Со доплата може да се добие црн покрив или голем стаклен покрив. Цената на основниот модел со 1,0-литарски TSI со 95 КС и 5-степен менувач на германскиот пазар изнесува 19.350 евра.
Taigo се приклучува во понудата на Volkswagen меѓу познатите Polo и T-Cross. Освен со големите тркала, што во топ-изведбата имаат пречник од 18 инчи, СУВ-купето привлекува погледи и со светлечката лента по целата ширина на опашот, со диодни задни светла. На списокот на дополнителна опрема се наоѓаат и матрични диодни светла IQ.LIGHT. Во тој случај се вградува и светлечка лајсна во маската. Тоа е стандард, почнувајќи од нивото Style.
Дигиталните инструменти од 20 сантиметри се стандард, заедно со нова генерација инфо-забавни системи. Двата големи дисплеи се споени визуелно.
Понудата од мотори вклучува три погонски единици: 1.0 TSI со 95 или со 110 КС, и 1.5 TSI со 150 КС. Може да се избира меѓу четири нивоа на опрема – „Taigo“, „Life“, „Style“ и „R-Line“. Основната изведба со 95 КС располага со мултифункциски волан, клима, самостојно сопирање при опасност, систем за задржување во лента и диодни предни светла.
За каросеријата може да се избира меѓу осум бои, вклучувајќи пет металик лакови и „deep black“ со бисерен ефект.
Производството се одвива во Шпанија, европскиот модел е изведен од бразилскиот Nivus. Техничка основа е платформата MQB A0, односно тоа е иста техника со Polo и T-Cross.
>>> Бразилски Taigo доаѓа во понудата на Volkswagen во Европа
Го имате посетено нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/ со податоци и цени за сите нови модели на автомобили на македонскиот пазар? На следниот линк можете директно да пристапите до прегледот на сите модели на Volkswagen.