за

Може ли руска GAZelle да му парира на турски Ford Transit?

Новата генерација на GAZelle постигнува шампионска продажба на домашниот пазар, со повеќе од 40.000 примероци до ноември. Има причини за тоа.

Руската групација GAZ во мај започна со производство на новата генерација на доставното возило GAZelle, со додавка NN. Новиот модел е развиен за марката со долга традиција да се пробие и на поширокиот европски пазар, a тоа секако се покажува и на големиот домашен пазар. Разликата во споредба со втората најпродавана товарна серија, Transit, е повеќе од двојна.

GAZ, кусо од Горковски Автомобиљни Завод, имаше мошне амбициозни најави, кога во мај се симна првиот GAZelle NN од лентите во Нижниј Новгород. Производителот со долга традиција и со најразновидни возила што ги има произведувано во својата историја, своевремено привлекуваше внимание и по македонските улици со петметарската лимузина Volga GAZ-24. Висок углед уживаа и камионите, најчесто во служба на војската. Денес, во Нижниј Новгород, на стотина километри од Москва, главно се произведуваат товарни возила, вклучувајќи и доставни возила од серијата GAZelle.

За новата GAZelle NN – двете букви во додавката се однесуваат на градот Нижниј Новгород, но се толкуваат и како New Next – досега објавувавме повеќепати. GAZelle е во редовна понуда на македонскиот пазар, преку директниот увозник, компанијата АБЦ Бротхер, што повеќе ја познаваме по лесните товарни возила DFSK. Со повеќе од 1.000 испорачани товарни возила од DFSK досега, во служба и на јавни претпријатија, и на фирми од најразлични услужни дејности, АБЦ Бротхер е име од доверба во тој дел од пазарот и не е изненадување тоа што GAZelle NN имаше одличен старт на македонскиот пазар.

Тоа што овојпат ни го привлече вниманието е шестото место на GAZ, во официјалната продажна статистика за огромниот руски пазар, за месец ноември. Шестото место не е во конкуренцијата на марки возила од комецијалниот сектор, туку е во општа конкуренција. GAZ е најпродавана марка од автомобилската бранша, по Autovaz (Lada), Kia, Hyundai, Renault и Toyota.

Во минатиот месец, GAZelle NN постигнала 4.371 продажба на рускуот пазар, двојно повеќе од Ford Transit со 2.123 примероци. Трета е товарната изведба Lada Largus VU, врз основа на Dacia Logan MCV, потоа следи уште еден модел на GAZ, прочуениот Sobol со завидни теренски способности, по него е уште еден теренски класичар, UAZ Classic, па Profi, како уште еден модел на UAZ. За ориентација за соодносот на силите, десеттиот најпродаван модел во овој сегмент, Hyundai H-1, во ноември има пријавено само 163 возила.

GAZelle во периодот од јануари до ноември има постигнато вкупно 41.926 продажби на рускиот пазар, што е за 5.120 возила повеќе од истиот период лани. Во истиот период, вториот најпродаван модел, Ford Transit, достигнал само 17.739 примероци. Како GAZelle NN дојде до оваа доминантна позиција?

Менаџерите и инженерите во Нижниј Новгород ја создадоа новата генерација GAZelle NN да биде конкурентна на најширокиот европски пазар и низ повеќе региони ширум светот, во време кога пазарот бара примерок повеќе. Големиот напредок во онлајн-трговијата, меѓу другото поттикнат и поради пандемиските локдауни, доведе до зголемена потреба од возила за достава на нарачките. Рускиот производител секако имаше „нос“ за пазарот.

GAZelle NN не е „резервна адреса“ на пазарот на доставни возила, туку има бројни предности во споредба со конкуренцијата

Основното од кадешто почнуваат Русите е изобилството од каросериски варијанти. GAZelle NN е достапна во класичната фургон изведба, со средно и со долго меѓуоскино растојание. Во поглед на изборот на висината на покривот, GAZ не остава простор за двоумење, туку го нудат GAZelle исклучиво во изведба со висок покрив. Втора варијанта е отворената товарна платформа, класичен „камион“. Таму исто може да се избира меѓу две должини на меѓуоскиното растојание, но има и две изведби на кабина – со единечна кабина или со двојна кабина со 7 места (6+1).

Повеќе од 300 варијанти се достапни во гамата на GAZelle NN, од минибус до изведба со ладилник

Трета појдовна варијанта е комби-изведбата, со втор ред седишта и странични стакла во патничкиот дел. Клиентите, стандардно избираат меѓу две должини на меѓуоскино растојание. Сите овие каросериски изведби се достапни во комбинација со новиот 2.0 TDI од Volkswagen, со 136 КС и новоразвиен 6-степен мануелен менувач.

Бројот на варијанти се зголемува кога ќе се земе предвид и вториот мотор во понудата, 2,8-литарски Cummins со 170 КС. Тој е достапен во сите каросериски изведби, во верзиите со долго меѓуоскино растојание.

Како стои GAZelle NN во споредба со Ford Transit?

Сето тоа е импресивно, но какви се позициите на руското „комбе“ во споредба со еден од најпознатите модели во сегментот, со Ford Transit? Произведуван во фабриката на Ford-Otosan, тој исто така се нуди во фургонска изведба со средно (3,3 m) или со долго меѓуоскино растојание (3,75 m) – со дополнителна можност за избор на средно висок или висок покрив. Трета опција е Transit со продолжена носечка рамка.

Во изведба со преден погон, во средна должина на меѓускино растојание и со средно висок покрив, Transit како фургон располага со товарен простор 10,0 метри кубни. Во варијантата со заден погон, како GAZelle NN, зафатнината се смалува на 9,5 метри кубни. Доколку се гледа верзијата со висок покрив, тогаш зафатнината изнесува соодветно 11,2 метри кубни, односно 10,7 метри кубни. За варијантата со долго меѓуоскино растојание, вредностите на товарниот простор се соодветно 11,5 метри кубни (со заден погон 11,0 метри кубни), односно со висок покрив 13,0 метри кубни (12,4 метри кубни со заден погон).

Кај рускиот фургон со камионска шасија, меѓуоскиното растојание е или 3,145 или 3,745 метри. Погонот секогаш е назад, исто и двојните тркала на задната оска. Тука нема верзија со среден покрив, па волуменот е или 11,5 метри кубни со нормалното меѓуоскино растојание, односно 13,5 метри кубни во подолгата варијанта.

Максимална должина на товарниот простор кај Ford изнесува 3,044 метри со средно м.р., односно 3,494 метри со долго м.р. На овие вредности, GAZelle парира со 3,031 метри со средно м.р., односно со 3,631 метри со долго м.р. Ширината на товарниот простор кај Transit изнесува 1,784 метри, кај GAZelle 1,860 метри. На крајот, висината на товарниот простор кај Transit е 2,025 метри (со заден погон), кај GAZ e 1,970 метри. Во двата случаи има простор за четири европалети, две попречно, две надолжно.

Кај верзијата со долго меѓуоскино може четири палети да се натоварат попречно. Висината на подот изнесува 703 mm во верзија на Transit со заден погон, односно 730 mm GAZ. Нема големи разлики во димензиите. Должина х ширина х висина: 5531 х 2474 х 2771 кај Ford, наспроти 5632 x 2536 x 2735 кај GAZ.

Половина метар разлика е цел свет, кога станува збор за кругот на вртење. Тука повторно е во предност GAZelle NN, со круг на вртење меѓу тротоари од 11,4 метри, наспроти 11,9 метри кај Ford

При наведувањето на цените, Ford се повикува на „западњачкиот“ трик, па понудатa ја почнува со изведба со носивост од само 2,9 тони и мотор од 105 КС, со нормална висина на покрив. Актуелните цени не се достапни онлајн (за Ford последен пат се ажурирани во 2018 година), меѓутоа за Ford Transit да се споредува со основната верзија на GAZelle NN со дволитарски TDI со 136 КС, треба соодветно да се избере и неговата верзија со дизел со 130 КС и висок покрив. Кај GAZelle нема варијации, 3,5 тони дозволена тежина се стандард во целата гама.

Тоа што дополнително го издвојува рускиот модел се „теренските агли“, односно високиот агол на пристап од 22 степени и високиот агол на излез од 16 степени, заедно со најмало растојание од подлогата од 170 милиметри.

Кога рускиот производител наведува и дека механиката и квалитетот на изработката на неговите возила се на високо ниво, тоа сигурно не е кажано напразно. GAZ годинава го освои руското првенство во теренско возење, тоа е уште една титула во низата.

>>> TDI за Gazelle: Руска газела со германско срце

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Водородна Toyota вози такси во Баден Баден

Taigo е новиот модел во салоните на Volkswagen, стартува во Германија