за

TDI за Gazelle: Руска газела со германско срце

Руската групација GAZ годинава стартуваше со нова генерација на Gazelle, којашто во меѓувреме е достапна и кај официјалниот застапник во Македонија.

Gazelle е докажано работно возило од докажан производител. Рускиот транспортер од летово вози во нова генерација што се води под името Gazelle NN. Дизелот од VW со норма Euro 6 обезбедува дека рускиот транспортер ќе остане во служба уште долги години. Новиот TDI донесе промени и во сите други подрачја на товарното возило.

GAZ, кратенка од Горковски Автомобилски Завод, меѓу бројните модели што имаат стекнато култен статус, вклучувајќи ги GAZ 24 (Волга) или GAZ 14 (Чајка), ја има и Gazelle. Лесното товарно возило под ова моделско име се појави првпат во 1994 година и по три темелни усовршувања, сега следи комплетно нова генерација. Производството на новиот модел во Нижни Новгород, на 400 километри источно од Москва, стартуваше кон крајот на мај. Новиот Gazelle ја носи додавката NN, што од една страна означува New Next (претходникот се водеше како Gazelle Next), но од друга страна се поврзува со почетните букви од името на градот во којшто се произведува лесниот транспортер.

Во Нижни Новгород имаат големи очекувања од новиот модел, особено во поглед на освојувањето на нови пазари во Европа. Gazelle NN е комплетно нов и конструиран е врз платформа што понатаму ќе се користи за изведување најразлични моделски варијанти и надградби. Од првиот Gazelle, што беше конструиран со единствена цел да служи во работното секојдневие, прво следеше благо освежување во 2003 година, за седум години подоцна да бидат додадени нови варијанти, меѓу нив и минибус. GAZ со тој чекор го прошири кругот на купувачи на Gazelle. Таа генерација се води како Gazelle Business. Механиката беше докажана во најразлични услови на примена, тоа сепак беше најпродаваното лесно товарно возило во Русија во периодот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Последното големо освежување пред да се појави Gazelle NN беше во 2012 година, кога на издржливоста и приспособливоста им беше придаден и факторот комфор. Возачите на Gazelle Next добија повеќе комфор на своето работно место, а тоа значеше и зголемена ефикасност. Секоја генерација носеше по уште еден издвоен квалитет плус, па така и оваа. Кај новиот модел стапува на дело интелигенцијата, којашто им се придружува на издржливоста, приспособливоста и комфорот.

„Лимузинските“ елементи во дизајнот му даваат современа и препознатлива нота на Gazelle NN 

Новиот Gazelle NN има препознатлива појава, што им е важно на компаниите со среден или голем возен парк, затоа што и возилата учествуваат во градењето на имиџот на истите. Се забележуват неколку карактеристични линии и отстрана, како што е лакот под рачките на вратите – тоа кажува јасно, ова е модел на GAZ. Покрај впечатливите диодни светла (трајност до 300.000 km), дури може да се зборува и за техно-нота во изгледот, што исто така оди во корист на имиџот. Секако дека изгледот не е најважната ставка во бизнисот. Предниот браник на Gazelle NN, изработен е од три посебни делови.  Маската е посебна целина, а самиот браник се состои од горна и долна половина. Користа од тоа им е совршено јасна на менаџерите на возни паркови: Цената на поправката на штетата се намалува, а исто и времетраењето на поправката се скусува – оштетеното возило не мора да чека предолго во сервис.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Возачите што минале долго време зад воланот на Gazelle ќе препознаат и дека ретровизорите се нови, ќе ги забележат и новата димензија и марка на гумите, а ќе најдат и дебела изолација под хаубата. Галванизацијата на внатрешната страна значително го продолжува векот на хаубата, затоа што обезбедува врвна заштита од корозија. Во истата насока продолжува и новата форма на поткрилата и на калниците, што ги штитат рамката и каросеријата од прскање, а тоа значи и подолг век на возилото. Големата маска укажува на солидно снабдување со воздух за ладење. Воздушната перница за возачот е стандард, опција се магленки со подобрена функционалност.

За моделското годиште 2022 се најавени верзија со електрично сервоуправување, со поквалитетни облоги на вратите, со ултазвучни сензори и со предна камера како основа за бројни системи за асистенција. Исто е во најава и верзија со електричен погон, којашто би можела да стартува веќе в година.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Клучниот новитет е моторот 2.0 TDI од генерацијата EA189 на Volkswagen, со моќност од 136 КС и вртежен момент од 340 њутнметри. Посебно за овој мотор е развиен 6-степен мануелен менувач (трајност зголемена на 300.000 km), кој овозможува подинамично забрзување и потечно возење. GAZ ветува врвна издржливост и трајност на новиот мотор. Профитира и возачот, затоа што е смалена бучавата, а таа при изложување во подолг временски период исто така предизвикува замор. Вибрациите се намалени (двоен замавник), а се смалува и бројот на вртежи при возење по автопат, поради продолжениот преносен однос во 6-от степен на пренос.

Потрошувачката со новиот TDI-мотор е смалена за 13 проценти, новиот менувач овозможува крајна брзина зголемена за 5 km/h

Секако дека е клучна предноста во потрошувачката. За тоа од една страна се грижи 6-степениот менувач, од друга страна самата технологија TDI. Рускиот производител става најголем нагласок на исполнувањето на нормата Euro 6. Тоа е основа за ширењето на пазарите во ЕУ, а во земјите во коишто важи послаба норма за товарни возила, вклучувајќи ја Македонија, Gazelle NN со 2.0 TDI е добра инвестиција за блиската иднина.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во гамата на Gazelle NN се нуди и верзија со мотор Cummins од 2,8 литри. Со неговото преоѓање од Euro V на Euro VI се добива и зголемен вртежен момент од 360 Nm – со испорака на 300 Nm уште при 1.000 вртежи – а исто и можноста порасна на 170 КС. Бучавата се сведе на 69 dB, меѓу другото и поради хидрауличното дотерување на зјајот на вентилите, моторот реагира за 20% побрзо (80% од максималниот вртежен момент се постигнуваат за две секунди), потрошувачката е пониска за 2 проценти.

Гамата се состои од камион сандачар со стандардна должина од 5.630 mm, со единечна кабина со три седишта и тежина до 3,5 тони, како и верзија со двојна кабина и 7 седишта. Во оваа варијанта се вградува единствено VW 2.0 TDI. Продолжената варијанта со меѓуоскино растојание од 3.745 mm (+600 mm) исто така е достапна со единечна или двојна кабина, но тука може дополнително да се избира меѓу мотор VW или Cummins.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Трета варијанта е фургон, со стандардно и со продолжено меѓускино растојание, со или без страничен прозорец, со избор меѓу мотор VW 2.0 TDI со 140 КС или Cummins F2.8 со 170 КС. Носивоста, зависно од варијантата, достигнува 1.545 kg, a најголемата зафатнина на товарен простор на фургонската изведба изнесува 13,5 метри кубни. Врз основа на овие варијанти, понатаму произлегуваат над 300 различни варијации. Просечната потрошувачка според производителот изнесува 8,5 литри на сто километри. Според руските пресметки, Gazelle NN е подостапен за околу триесетина проценти од конкурентските модели на Ford, Fiat и Renault.

Македонскиот увозник ја потврди гаранцијата од 3 години или 200.000 километри. Од АБЦ Бротхер посочуваат и на долгиот сервисен интервал од 20.000 километри. Наскоро ќе стартува кампањата за новиот Gazelle NN со финансирање со  0% камата на рок на отплата од 36 месеци, без трошоци за аплицирање и обработка.

Врска до страницата на македонскиот увозник

https://gaz.mk/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche отвори центар за возачки авантури во Италија

Папата Франциск се вози во Škoda Enyaq iV