за

Mercedes-AMG SL со потпис на Славче Таневски е „сон на соништата на секој дизајнер“

Историски моменти за автомобилската сцена. Светот доби нов SL, овојпат под знакот на Mercedes-AMG. Историски моменти и поради тоа што името на дизајнерот ни е многу познато. Славче Таневски ексклузивно за новиот SL.

MERCEDES-AMG SL ROADSTER

Овојпат нема дознавање информации од соопштението за печат што производителот го има подготвено за новиот модел. Македонската сцена сега е попривилегирана од која било друга сцена во светот. Сé што треба да знаеме за овој автомобил и сé што сакаме да дознаеме дополнително, го кажува пред македонската публика Славче Таневски, човекот што го дизајнираше најновиот Mercedes-AMG SL.

Автомобилов се појавува во нова генерација поретко од останатите модели под знакот на сребрената ѕвезда. Секоја генерација на Mercedes SL досега била култна. Овој родстер e круна на целата автомобилска историја, врв на традицијата на Mercedes, со директни корени што водат до Mercedes 300SL. Ентузијастите можеби ги немаат видено сите моделски генерации на SL во живо, но е сосем сигурно дека ќе ја препознаат. SL, едноставно е „голем“ автомобил, значајно поглавје од автомобилската историја. Од сегашноста, исто така.

Годината 2021 се води како уште една револцуинерна година, затоа што е дел од периодот во којшто се случуваат најголемите промени во автомобилската индустрија и општо во влијанието што мобилноста го има врз цивилизацијата. А, оваа година дефинитивно е година на Славче Таневски. Дизајнирањето на првиот модел на хипер-луксузната марка Mercedes-Maybach со електричен погон, на Concept Mercedes-Maybach EQS, беше само вовед. Ексклузивниот СУВ што светот го виде првпат на салонот ИАА во Минхен, наскоро ќе стартува во две варијанти, еднаш како Mercedes-Benz EQS, еднаш како Mercedes-Maybach EQS. Низата модели со дизајн на Славче Таневски до EQS ја познава секој што ја следи сцената: Mercedes-Benz CLA Coupe и Mercedes-Benz CLA Shooting Brake, B-Class, GLC/GLC Coupe, се само дел од нив.

Потребни се сигурно уште десетина параграфи за соодветно да го најавиме овој чин. Но, може и кусо: Славче Таневски, Македонец кој годинава одбележа десетогодишнина на својата работа во Mercedes-Benz Cars, дизајнер е на новиот SL. Тој го има главниот збор во оваа наша објава.

Постојат седум генерации на Mercedes SL, а во историјата на светот постојат само малку имиња што се потпишани како дизајнери на иконскиот модел на марката со сребрената ѕвезда. Сега и Славче Таневски се придружува на оваа светски славна и заслужна низа. Го прашавме македонскиот дизајнер во Штутгарт, што значи за еден дизајнер, да го создаде изгледот на автомобил како Mercedes SL, на „мерцедесот“, на еден од најважните автомобили во историјaта на светот и на марката?

Славче Таневски го почнува воведот во овој досега недоживеан момент, не само за автомобилската сцена, туку и за Македонија: „Тоа е неизмерно голема чест и привилегија. SL е еден од најлегендарните автомобили во историјата и моментално е најегзотичен во гамата на Mercedes. Да се учествува во таков проект е сон на соништата на секој дизајнер. Тешко е сé уште да поверувам дека учествував во таков проект. Огромна одговорност, но и признание дека вредите и ви допуштиле во раце повторно да создадете икона која живее од 1954 година. Ваков модел вадиме еднаш во деценијата и обично е знаменосец на целиот дизајнерски правец на марката за тие десетина години.

На најважните модели автомобили врз коишто се темели имиџот на една марка, се работи со посебна одговорност и се работи долго. Таневски знае точно: „R232 го развивавме повеќе од три години. Тој првпат е целосно конструиран од AMG, без ниту еден дел што е пренесен од претходникот. При дизајнот на овој модел немаше класичен натпревар, туку довербата ми беше доделена мене, да го развијам надворешниот дизајн, нормално заедно со моите претпоставени и со голем тим на инженери.“

Светот ги познава претходните генерации под нивните прекари. Првата е прочуена како „Flügeltürer“ или „Gull Wing“, поради вратите што се отвораат нагоре, потоа следи Pagode-SL, наречен поради конкавната форма на покривот, што луѓето ги потсеќа на покривот што е својствен за традиционалните кинески градби.

Го прашавме Таневски, под кој прекар и под кои имиња ќе го познаваме овој автомобил: „Тоа се популарни имиња за одредени модели кои доаѓаат од народот со текот на времето. Култниот статус и печатот што го има автомобилот во поп културата го дефинира публиката со текот на времето. Генезата на секоја генерација е уникатна. Секој модел си ужива сопствена слава, не се потпира на претходникот, но има елементи кои се повторуваат како цитати во неколку генерации. Ние дадовме сé од себе да го направиме најмодерниот и најпривлечниот SL до сега, па ќе ја видиме реакцијата. Секако, прв SL развиен комплетно од AMG и можеби последeн со V8 мотор.

 

Никој не може да го опише дизајнот на автомобилот подобро од тој што го создал истиот. Македонскиот дизајнер ни ја раскажува приказната на SL, преточена од форми и линии во зборови, нé води што е тоа што треба да го забележиме во дизајнот и какви чувства предизвикува тоа: „Прво се забележува силуетата со неверојатни пропорции. Имаме долга хауба надополнета со кабината, кои се обвиени со линија во форма на потковица. Ова ни дава визуелна поврзаност на возачот и срцето на автомобилот-моторот, како најважни субјекти и ја истакнува маската како централен дел на лицето на автомобилот. Под оваа карактерна линија имаме спуштање на површините на сензуален начин и ова го нарекуваме крагња. Потоа се формира атлетската структура на рамењата, потенцирањето на тркалата итн. Рамката околу ветробранското стакло е секогаш црна, па се издвојува од остатокот на каросеријата што дава вистиски впечаток на роудстер, што не беше случај во последните неколку генерации. Најгорди сме на задниот секси дел на SL, кој има заоблена форма и влече корени од легендарниот 300SL. Тука беше голем предизвик да се добие форма која ќе биде аеродинамична. Секој низок заден дел создава проблеми, но имаме активен спојлер што ја стабилизира колата при повисоки брзини. Светлосните групи се во форма на триаголник, многу впечатливи и во склад со актуелната фамилија на возила со технологија од S-class.“

Секако дека дизајнерот точно си ја познава секоја црта и секоја линија што ја има повлечено за Mercedes-AMG SL да изгледа како што изгледа. Прашањето ни е, дали постојат стилски елементи од претходните генерации на моделот, можеби уште од првиот SL? Славче Таневски: „Покрај нискиот и заоблен заден дел, цитат од 300SL се и ‘power domes’ на хаубата, како и предната Панамерикана или AMG-маска, коајшто овојпат не е нагло пресечена во каросеријата, туку е со премин во форма на турбина, како суптилна референца на Silver Arrows од 30-те. Доколку ги анализирате светлата ќе забележите и некоја сличност со R107 со остри завршетоци, што му дава харизма на самиот лик. Има и други тајни и суптилни трикови со кои се служев за да има нешто од ДНК-то на R129, сé со цел да биде непогрешлив SL, верен наследник на сите до сега и препознатлив како таков кај постарите купувачи, кои можеби имаат одреден омилен SL, било да е тоа модел од 60-те или од 90-те, но и кај младите клиенти, кои можеби не се зависни од носталгија, туку само сакаат модерен AMG со ‘muscle car touch’.

Automedia: Дали при дизајнирањето беше запознаен со техничките детали на автомобилот, со иновациите и со технолошката авангарда, како тоа влијаеше врз создавањето на дизајнот?

Славче Таневски: Секогаш сме во тек со технологијата која се врадува во возилата (и таа што сеуште е во експериментална фаза), но тоа не влијае многу на визијата, на базичната уметничка порака што ја дава дизајнот. Потешкотија е што има сé повеќе сензори и радари кои треба да се сместат некаде во возилото, хибридниот погон-електромоторот итн. Но тоа е дел од работата и секогаш успешно го решаваме. Моите колеги од разојот на сите компоненти, се едни од најдобрите на светот, ја имаме најдобрата технологија на светот, така да нема простор за утка.

Automedia: Автомобилизмот доживува општа пресвртница, се случува електрификација, дигитализација, се бара конективност, се бараат услуги за мобилност. Како тоа влијаеше врз дизајнот на SL? Дали тој е повеќе отпорен на актуиелните трендови и повеќе влече кон класиката, отколку кон „модерен луксуз“?

Славче Таневски: SL според мене мора секогаш да има некоја класика во себе. Не смее да биде вулгарен и тјуниран туку да има елегантна нота, туку треба да биде холивудски актер од 60-те, а не инфлуенсерка од денешницата. Повеќе Џејмс Бонд и Грејс Кели одошто Лејди Гага. Класика во појавата, но со најмодерна технологија. Тоа е видливо пред се во ентериерот каде што имаме доминантен дигитален дисплеј. Исто така, во поглед на електрификацијата и еколошката прифатливост, фокусот е на варијантите со хибриден погон.

Automedia: Дали веќе имаш седнато зад воланот на прототипите на SL, какво е чувството да се седи во SL, во сопствено дизајниран автомобил. Какво чувство ќе имаат возачите на овој родстер, дали тие ќе бидат свесни за изгледот на својот автомобил, дали тоа влијае потсвесно?

Славче Таневски: Моќно! Автомобилот се чуствува како вистински AMG, пософистицирано и малку полежерно од бруталниот GT и тоа е свесно така подесено затоа што за нас SL е крузер (овојпат во конфигурација 2+2 седишта), а братот GT е повеќе тркачот кој е побрутален и е наменет за тркачките патеки. Секако зависно од погонскиот агрегат има и различен степен на моќност. Кога ги создаваме автомобилите внимаваме на холистичкиот пристап и имаме интензивна комуникација со многу оддели, работиме интердисциплинарно, посебно во почетокот на проектот, за фокусот на сите тимови да го насочиме во иста насока, со конечна цел да продадеме доживување, а не само умешно склопена машина без душа. Секој кој имал можност да вози AMG или автомобил од сличен калибар знае какво е чувството на моќност, сигурност, прецизност, но и атрактивност која ја зрачите. Тука сите сетила се дополнително стимулирани во генерацијата R232. Плус со спуштен кров и ветер во косата имате друга димензија на слобода и уживање во луксузот.

Automedia: Со доделувањето на овој проект се лансираше во самиот врв на дизајнерската сцена. Кои се следните проекти, дали натаму ќе бидеш специјализиран за моделите од највисоките класи на Mercedes?

Славче Таневски: Немам специјализација конкретно за одредени проекти. Работам на возила од сите категории, како и на суб-брендови кои ги имаме, Maybach, EQ, AMG, G-class. 

Тоа е всушност уште една одлична вест од македонската ѕвезда во светот на автомобилскиот дизајн. Тоа значи дека секој следен нов модел на Mercedes, EQ, AMG, G-Class, може да носи дизајнерски потпис на Славче. На кој точно модел или модели се работи во моментов, тоа можеме само да претпоставиме. Сигурно е дека ќе му се радуваме на секој следен модел.

>>> Дизајн на Славче Таневски за првиот електричен Mercedes-Maybach

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Камион на струја превезува делови во фабриката на BMW

Toyota GR Supra го симна покривот