за

По 60 години од Kadett Caravan: Ново комби Opel Astra Sports Tourer

Opel е големо име меѓу возилата со комби-каросерија, најдобар доказ за тоа е фактот што овие возила сцената ги познава општо како караван, име што германската марка го примени прва.

OPEL ASTRA ST

Car-a-van, автомобил што е како товарно возило, тоа е значењето на името што луѓето го користат општо за секој автомобил со комби-каросерија. Opel прв го примени ова име за означување на своите модели со таква каросерија. Во меѓувреме, Риселсхајм најавува ново комби, Opel Astra Sports Tourer од новата генерација.

Светот првпат ја виде новата Opel Astra во септември, во класичната изведба со 5 врати, по нешто повеќе од два месеци следи и комби-изведбата со името Sports Tourer. Марката со молњата уште од старт ќе го нуди моделот во изведба со приклучен хибриден погон. Тоа значи дека новата Astra ST е прво комби на Opel со електромотор во погонот. Станува збор за долга традиција на комби-модели од компакт класата, којашто стартуваше со Kadett Caravan пред близу 60 години. Тоа беше прво компактно комби од германско производство.

Изведбите со класични бензински и дизел мотори се достапни во дијапазон на моќност од 110 до 130 КС. По нив преземаат приклучните хибриди, во почетокот со изведба со системски 180 КС, а понатаму и во изведба со 225 КС. Опција кај посилните изведби со класични мотори е 8-степен автоматик.

Новата Astra Sports Tourer е универзалец за новото време – електрифицирана, дигитализирана и со возбудлив дизајн. На тојо начин ја соединуваме нашата долга традиција од компактни комби модели со најсовремени иновации, како што е технологијата на приклучен хибрид. Убедени сме дека со овој Sports Tourer што изгледа фантастично ќе привлечеме нови клиенти во Opel

Уве Хохгешурц, извршен директор на Opel

Со компактни надворешни димензии (4,64 x 1,86 x 1,48 m), како и со висината на товарниот раб од 60 сантиметри, новата Astra Sports Tourer покажува универзални таленти, соединувајќи спортски изглед со практична каросерија што е обележје на Opel.

New item by Automedia MK / Google Photos

Иако меѓуоскиното растојание е подолго за седум сантиметри во споредба со претходничката (сега 2,73 метри, за 5,7 cm повеќе од изведбата со 5 врати), каросеријата е за шест сантиметри покуса. Тоа се должи на мошне кусиот каросериски превис напред.

Интелигенција во бaгажникот: Подот се води како „Intelli-Space“

Новата Opel Astra Sports Tourer стандардно располага со багажник од 608 литри. Со соборена задна клупа се добиваат 1.634 литри. Задната клупа е триделна, во сооднос 40:20:40. Секако дека по соборувањето се добива целосно рамен под. Во хибридната изведба, товарниот простор се намалува незначително, на 548 литри, односно на 1.574 литри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Новина кај моделите со класичен погон е подвижниот под што во еден потег се мести на две висини или се поставува под агол од 45 степени. Паметно е смислена и можноста за лесно да се пристапи до китот за поправка на гума, што инаку може да биде голем проблем кога багажникот е полн. Истото важи и за кутијата за прва помош. Со опција, големиот заден поклоипец може да се отвора самостојно по замавнување со стопало под браникот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Peugeot 308 во финале за Автомобил на 2022 година во Европа

Електричната Kia EV6 е кросовер на годината за Top Gear