Cupra е големо име кога станува збор за моделските изведби на Seat, а на пат е да стане и „голема“ марка, откако Шпанците ја издвоија Cupra како засебна марка од матичната. Formentor в година се очекува и на нашиот пазар, уште една убава вест е тоа што престижниот модел ќе стартува веќе од 150 КС, што ќе овозможи моделот сепак да биде достапен за поширок круг.
Динамичниот кросовер на Cupra е целосно ориентиран на моќ и перформанси, со топ-верзијата со 310 КС и со погон на сите тркала. Полека се разјаснуваат работите околу моделот што многумина го очекуваат со нетрпение – Cupra изгради култ со бројни обожуватели. Пријатна вест е тоа што Formentor ќе биде достапен и со „цивилни“ мотори. Од Марторел соопштуваат дека гамата на моделот ќе стартува со изведба со 1,5-литарски TSI со 150 КС и 250 њутнметри. Со тоа се проширува кругот на купувачи на комплетно новиот модел од свежата марка на сцената.
Моментно ни е достапен само ценовникот за германскиот пазар, каде што Cupra Formentor 1.5 TSI стартува од 30.696 евра, со 6-степен мануелен менувач. Во верзијата со 7-степен менувач со двојна спојка, германската цена изнесува 32.451 евра. Спринтот од место до темпо сто трае 8,9 секунди, крајната брзина изнесува 204 km/h. Просечната потрошувачка изнесува 5,4 литри.
Стандардната опрема за тамошниот пазар вклучува алу-тркала од 18 инчи, спортски волан, спортски седишта со црно Sharp-платно и црни сјајни лајсни на страничните прозорци. Задните стакла се затемнети, климатроникот работи во 3 зони, пристапот е без клуч, мултимедискиот систем доаѓа со дисплеј од 10 инчи. Инструментите се дигитални (10,25 инчи), со можност за избирање неколку различни прикази.
Formentor неофицијално пристига и на нашиот пазар, Cupra сепак ужива големо име и на македонската сцена.