Зафатите кај постоечките модели, порано обично донесуваа зголемување на моќноста или нови светла. Во ерата на електромобилноста и тоа се смени. Моделското освежување кај електричниот Mercedes EQC за следната година донесе посилен сопствен полнач во возилото – за побрзо полнење. Моделот во меѓувреме постигнува одлични продажни бројки.
Електричниот СУВ на Mercedes има важна новина за моделската 2021 година. Сопствениот полнач во возилото отсега поседува систем за водено ладење и располага со моќност од 11 kW. Тоа значи дека времето на полнење на батеријата се скусува драстично, доколку возилото се поврзе со обичен домашен приклучок за струја. Овие промени следат откако Daimler ја зголеми продукцијата на батерии во Германија и Кина.
EQC 400 4Matic ја имаше својата премиера во летото 2019, како прв модел на специјализираната електро-марка Mercedes EQ. Масивната батерија од 80 киловатчасови, со новиот полнач што е вграден во возилото ќе се наполни на обичен домашен приклучок за струја за 7 часови и 30 минути, од 10 до 100 проценти. За споредба, овој вид на полнење со претходниот полнач од 7,4 киловати траеше 11 часови.
Возачите на електричен модел на Mercedes имаат обезбеден пристап до 350.000 полначи во 26 држави ширум светот
Секако дека оваа постапка се скусува неколкукратно при користење станици со брзи полначи со еднонасочна струја. Клиентите имаат пристап до мрежа од 350.000 полначи ширум светот, во рамките на услугата Mercedes me Charge. Со регистрирањето за оваа услуга возачите можат истата кориснична картичка да ја користат и во странски држави и кај оператори што се разликуваат од матичната држава на возилото.
Mercedes EQC се произведува во Бремен, на иста линија со C-Class во лимузинска и комби изведба, како и со GLC и GLC Coupé. Батериите пристигаат од фабриката во Дрезден. Примероците од електричниот СУВ што се произведуваат во Кина добиваат батерии од заедничката инвестиција Beijing Benz Automotive (BBAC).
Во последното завршено тромесечје, од јули до септември, продажбата на возила со електричен и приклучен хибриден погон на Mercedes секој месец била над 10.000 примероци. Во третиот квартал се испорачани вкупно 45.000 возила со приклулок за полнење струја, меѓу нив и 2.500 примероци од електирчниот СУВ.
Светското моделско портфолио на Mercedes опфаќа пет целосно електрични модели и над 20 модели со приклучен хибриден погон.