Porsche пред околу една година го претстави својот прв електричен автомобил Taycan. Спортистот со перформанси што се достојни за името, достапен е во само една каросериска изведба. Тоа е необично за Porsche, па затоа и ќе има новини во блиска иднина. Taycan Cross Turismo моментно врти брзи кругови на Нирбургринг.
Porsche уште пред почетокот на продажбата на својот прв модел на струја Taycan најави дека на лимузинската изведба ќе ѝ се придружи комби-купе со елементи на кросовер. Изгледот на сериската изведба ќе биде многу блиску до концептниот автомобил Mission E Cross Turismo, прикажан премиерно на салонот во Женева пред две години. Неполни шест месеци подоцна следеше официјално зелено светло од управниот одбор, за практичното и стилско комби да влезе во сериско производство.
Основата на Taycan Cross Turismo е идентична со спортската лимузина, со по еден електромотор на предната и задната оска, со варијабилна распределба на вртежниот момент. Најмоќна е изведбата Turbo S со 761 КС (со овербуст), под неа е Turbo со 680 КС, додека основна изведба е Taycan 4S со 530 КС. По примерот на останатите моделски серии на Porsche, може да се очекува дека гамата понатаму ќе биде збогатена со спортска изведба GTS.
Посебност на комби изведбата ќе биде пневматското подвозје, коешто ќе овозможува возачот со притискање копче да го зголеми растојанието од подлогата за 5 сантиметри. Taycan Cross Turismo е десетина сантиметри покус од Panamera Sport Turismo, но поради покомпактните димензии на електричниот погон може да се очекува дека електричното комби ќе нуди повеќе простор за патници и за багаж.
Уште нема датуим околу премиерата, се претпоставува дека Porsche ќе го претстави автомобилот подоцна годинава.
https://www.instagram.com/p/CCV0th3CUVq/
















