Porsche Taycan е „порше“ и на полнач за струја

Porsche Taycan моделско годиште 2021

Porsche Taycan со влегувањето во новото моделско годиште носи и бројни новини. Функцијата Plug & Charge го олеснува полнењето и плаќањето, без потреба од картичка или апликација. Кога кабелот ќе се приклучи, Taycan комуницира преку шифри со полначот што подржува таков протокол.

Бројни други новини пристигаат во гамата на Porsche Taycan, откако електричниот и брз крстосувач во октомври ќе почне да се испорачува во новото моделско годиште. Само дел од нив: Се воведуваат функции што се достапни по барање (Functions on Demand, FoD, слично како претплата на одреден пакет во мобилна телефонија), се нуди и проекциски дисплеј во боја, како и полнач во возилото, со моќност до 22 kW. Приспособливото пневматско подвозје во иднина ќе располага со функција Smart-Lift.

Се подобрува и забрзувањето на Taycan Turbo S. Спринтот од нула до 200 km/h со користење на Launch Control трае 9,6 секунди, што е 0,2 секунди побрзо од досега. Четвртина милја исто така се скусува на 10,7 секунди (досега 10,8 s).

Заедно со доплатата за адаптивно пневматско подвозје се добива функција Smart-Lift, со којашто Taycan се програмира за автоматски да се подигне кога ќе се наиде на место што се минува често, на пример лежечки полицаец на домашната улица. Функцијата е корисна и при возење по автопат, со цел да се смали потрошувачката на енергија.

При доплата за посилен сопствен полнач за струја, со моќност од 22 kW, двојно се скусува времетраењето при полнење на Taycan на обичен приклучок за струја, на „штекер“.

Место „трајно“ купување системи за асистенција, може да се плаќа месечна претплата за нивно користење

Интересни се можностите на Functions on Demand (FoD). Идејата е одредени комфорни или безбедносни функции да се вклучат по потреба и желба, односно истите буквално да се купат на одредено време. Тоа функционира и по купувањето на возилото, па дури нема потреба ниту да се посетува сервисна работилница. Некои од FoDфункциите се сервоуправување плус, активно следење лента и автопилотирано возење Porsche InnoDrive. Месечната претплата за двете последни опции изнесува 19,50 евра! За трајно вклучување на овие функции, треба да се доплати 810 евра.

https://photos.app.goo.gl/Kj8k87ZzPJaSPY8j6

Како класично моделско освежување, Taycan од октомври ќе се испорачува и во седум нови бои, од махагон металик до нептун сина. Опција е пакет со карбонски каросериски додатоци. Во пакетот се вклучени странични карбонски перки за задниот дифузор, додаток под предниот браник и проширувања на праговите.

Дигиталното радио е стандард, а новина во конективноста е тоа што подкастите на Apple може да се изберат како посебен извор.

>>> Porsche Panamera постави нов рекорд во Зелениот Пекол

Претходна објаваХиперавтомобилот на Mercedes-AMG наскоро во производство
Следна објаваBMW нуди карбонски тркала за своите мотоцикли

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here