за

Новиот Mitsubishi Outlander е „и-фу-до-до“

Mitsubishi ја претстави комплетно новата генерација на Outlander, со нов дизајнерски правец, висок квалитет, способна за терен и со иновативна технологија.

mitsubishi outlander 2021

Знаменосецот во СУВ-понудата на Mitsubishi е сменет во секој поглед и уште во април почнува со продажба на својот најголем пазар, Северна Америка. Outlander е прв автомобил што доживува премиера на платформата Amazon Live.

Кога би отсуствувале звучни фрази на јапонски јазик, премиерите на новите модели од марките од примерната островска држава не би имале толку шарм. „Заснован врз концептот на производи ИуДo-Дo’, што значи автентично и маестрално, новиот Outlander е претворен во издржлив СУВ со значително унапреден стил, со добри возни својства и со чувство за висок квалитет, со цел да се задоволат потребите на клиентите кои сакаат да ги прошират своите хоризонти и да се впуштат во предизвици од секаков вид“, Такао Като така го претстави новиот и важен модел за Mitsubishi.

Во поглед на неизвесноста, дали Outlander ќе се продава и на европскиот пазар, откако во рамките на алијансата со Renault и Nissan, на Mitsubishi му беше доверена главна одговорност за пазарите во Азија и Пацификот, Като-сан упатува: „Со лансирањето на комплетно новиот Outlander, прво ќе ја прошириме нашата продажба на пазарите во Северна Америка, а потоа ќе целиме на глобален раст.“

Четвртата генерација на Mitsubishi Outlander доаѓа со свежо толкување на „динамичната маска“ со големи тркала до 20 инчи, со впечатливи браници и со масивна појава. Големиот СУВ е изработен врз нова платформа и има нов 2,5-литарски мотор, унапреден електронски контролиран 4WD и S-AWC (Super-All Wheel Control), заедно со нов бирач за режим за возење. Кабината посредува впечаток за повисок квалитет и функционалност, со три реда седишта и големи дисплеи.

Трите генерации на Mitsubishi Outlander, почнувајќи од јануари 2001 година до декември лани, достигнаа вкупна продажба од 2,6 милиони примероци во светски рамки

Дневните светла и трепкачите се групирани во горниот дел од предната светлосна група. Mitsubishi цени дека таквото поставување на светлата помага за останатите возачи и пешаците подобро да го забележат возилото. Главните светла се повлечени во самите краеви, заради нагласување на впечатокот за ширина и воедно за осветлување на поширок дел од патот.

Во задниот поклопец е изведен хексагонален мотив, кој симболично го толкува изгледот на Pajero со големо резервно тркало назад. Хоризонтално развлечените светла во форма на T исто така ги нагласуваат ширината на каросеријата и стабилноста.

Во новата платформа, Mitsubishi првпат користи топло пресуван челик со ултра висока цврстина, со цел да се постигне врвна цврстина при судир, а воедно да се смали тежината. Задната оска е мултилинк, се ветува и многу полинеарно и директно чувство во управувањето.

Новиот 2,5-литарец е посилен за 8,9 проценти, а потрошувачката е смалена за 2,6 проценти. Преносот на сила е задача на менувач CVT со виртуелни 8 степени и со способност за брзо префрлување повеќе степено подолу, при потреба од силно забрзување. Не се спомнува изведбата со приклучен хибриден погон, што постигна шампионска продажба – во Европа.

Mitsihishi првпат вградува дигитални инструменти. Стандардно се вградува дисплеј од 12,3 инчи, со можност за избор на различни прикази. На тоа се надоврзува средишен дисплеј од 7 инчи. Во повисоките нивоа следи средишен дисплеј од 9 инчи, заедно со богати можности за поврзување. Уште една премиера е проекциски дисплеј од 10,8 инчи во боја.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

invictus yamaha

Мотори Yamaha за италијанските јахти Invictus

Спотот за Cupra Leon со музика од џезерот Камаси Вошингтон