за

Новиот Peugeot 308 стартува во Франција од 24.800 евра

Peugeot 208, 2008, 508, 3008, прилично целата тековна гама на Французите направи сцената повторно со големо нетрпение да ги очекува новите модели со лавче во маската.

Првите примероци од Peugeot 308 ќе пристигнат рано наесен во салоните на француската марка, очекуваме и Еуроимпекс наскоро да го објави датумот на македонската премиера на важниот модел. Бидејќи станува збор за моделска низа што македонската сцена ја познава одлично уште од „шестката“ наваму, малку ќе избрзаме, па го објавуваме составот на гамата на Peugeot 308, според информациите што важат за францускиот пазар.

На Peugeot 208 му успеа, на Peugeot 2008 му успеа уште подобро, 3008-508-5008 и останатите лавчиња воопшто не заостануваат. Французите продаваат одлично, сцената е комплетна, светот може да продолжи. Важно поглавје од актуелната пазарна фама на Peugeot е пристигнувањето на новата генерација на 308. Во основа, моделот е продолжение на тоа што го отпочнаа 508 & Co, но вози во уште еден степен погоре.

Кај компактите воопшто во последните години се случија вистински чуда, не поради друго, туку поради огромниот напор (и средства) што производителите ги вложуваат заради зачувување на традицијата. Сегментот уште е перфектно здрав, но мора да се работи за традиционалните компакти да останат привлечни во инвазијата од СУВ-модели. Peugeot отсекогаш умеел да иновира и да посгтигне вистинска свежина, па затоа многумина со нетрпение очекуваат да го запознаат новиот модел.

Без многу мудрување, во продолжение следи опис на гамата на Peugeot 308 што се однесува на францускиот пазар. Разлики во обемот на опремата, во имињата на нивоата на опрема и во достапната дополнителна опрема, речиси не постојат меѓу понудата на Peugeot во Македонија и Франција, така што информациите се мошне веродостојни. За цените не шпекулираме, сите наведени цени во продолжение важат за францускиот пазар.

Новиот Peugeot 308 во Франција е достапен во пет нивоа на опрема, со добро познатите имиња: Active Pack, Allure, Allure Pack, GT и GT Pack. Моторите и комбинациите од мотори и менувачи што се достапни во секое одделно ниво ги наведуваме во продолжение, со цени за францускиот пазар

Ниво на опрема Active Pack

  • Peugeot 308 PureTech 110 Active Pack, мануелен менувач · 24.800 евра
  • Peugeot 308 PureTech 130 Active Pack, мануелен менувач · 26.200 евра
  • Peugeot 308 PureTech 130 Active Pack, автоматски менувач · 28.200 евра
  • Peugeot 308 BlueHDi 130 Active Pack, мануелен менувач · 28.700 евра
  • Peugeot 308 BlueHDi 130 Active Pack, автоматски менувач · 30.700 евра
  • Peugeot 308 Hybrid 180 Active Pack, автоматски менувач · 36.800 евра

Ниво на опрема Allure

  • Peugeot 308 PureTech 130 Allure, мануелен менувач · 28.200 евра
  • Peugeot 308 PureTech 130 Allure, автоматски менувач · 30.200 евра
  • Peugeot 308 BlueHDi 130 Allure, мануелен менувач · 30.700 евра
  • Peugeot 308 BlueHDi 130 Allure, автоматски менувач · 32.700 евра
  • Peugeot 308 Hybrid 180 Allure, автоматски менувач · 38.600 евра

Ниво на опрема Allure Pack

  • Peugeot 308 PureTech 130 Allure Pack, мануелен менувач · 29.000 евра
  • Peugeot 308 PureTech 130 Allure Pack, автоматски менувач · 31.000 евра
  • Peugeot 308 BlueHDi 130 Allure Pack, мануелен менувач · 31.500 евра
  • Peugeot 308 BlueHDi 130 Allure Pack, автоматски менувач · 33.750 евра
  • Peugeot 308 Hybrid 180 Allure Pack, автоматски менувач · 39.400 евра

Ниво на опрема GT 

  • Peugeot 308 PureTech 130 GT, автоматски менувач · 33.000 евра
  • Peugeot 308 BlueHDi 130 GT, автоматски менувач · 35.500 евра
  • Peugeot 308 Hybrid 180 GT, автоматски менувач · 41.400 евра
  • Peugeot 308 Hybrid 225 GT, автоматски менувач · 43.400 евра

Ниво на опрема GT Pack

  • Peugeot 308 PureTech 130 GT Pack, автоматски менувач · 34.600 евра
  • Peugeot 308 BlueHDi 130 GT Pack, автоматски менувач · 37.100 евра
  • Peugeot 308 Hybrid 225 GT Pack, автоматски менувач · 44.900 евра

Може да се избира меѓу седум бои на каросерија, со тоашто во вообичаениот манир на Peugeot постои „заштитна“ боја на секој модел, што е највпечатлива и дел е од целата кампања на моделот. Кај Peugeot 308 тоа е маслиново зелената металик боја и таа се добива без доплата. Останатите бои се чиста бела, црна со бисерен ефект, сива металик и три специјални бои – секако дека е вклучена и фамозната сина вертиго боја, придружена од специјална бела боја и еликсир црвена боја. Единствено кај GT и GT Pack не може да се избере стандардна бела боја.

Peugeot i-Cockpit следи стандардно во новиот 308

Во основното ниво Active Pack спаѓаат прилично многу и квалитетни ставки: Старт на копче, електрично собирање на ретровизорите со вградени LED-трепкачи, самостојно запирање при опасност од судир, кожа на волан, челични тркала од 16 инчи со раткапни, Peugeot i-cockpit со приспособливи дигитални инструменти од 10 инчи, средишен дисплеј од 10 инчи и два приклучоци USB-C, паркинг сензори назад, висинско местење на предните седишта со слабинско местење за возачото седиште.

Опции во основното ниво се влечна кука (690 евра), загреван ветробран со дополнителна звучна изолација (200 евра), навигација со Peugeot Connect (600), грејачи во предните седишта и проширена функционалност на активната безбедносна сопирачка што реагира и ноќе и при пешак на пат (200 евра). За седиштата исто така може да се избере познатиот синтетички материјал TEP, со цена од 700 евра.

Новина во ракувањето се „виртуелните“ прекинувачи i-Toggles во средишната конзола, на коишто може да им се даде функција по желба

Во нивото Allure стандардно се вградуваат следните ставки, дополнително на претходното нивото Active Pack: Алу-тркала од 17 инчи со дијамантски финиш, затементи задни стакла, онлајн-навигација и дополнителен диспеј Edge со иновативните виртуелни i-Toggles, сензори напред и камера за наназад, плус безбедносна сопирачка што е функционална и ноќе и реагира при пешак на пат.

TEP-облогите на седиштата тука се стандард, опција е кожа, за што треба да се доплати 2.100 евра. Меѓу опциите што може да се избираат тука се придружуваат аларм (310 €), пристап без клуч (400 €), безжично полнење телефон (100), приспособлив темпомат (400 €), следење лента и предупредување за возило во мртов агол (700) и седишта со печат од германските ортопеди (500 €).

Во средното ниво на опрема, Allure Pack, има други изненадувања. Дополнително на ставките од Allure, тука стандардно следуваат двозонска функција за автоматската клима, безжично полнење телефон, систем за следење лента и предупредување за возило во мртов агол, пристап без клуч и други ставки. Од опциите, во ова ниво може да се доплати за систем Visio Pack од 4 камери (500 €) и полуавтопилотирано возење (200 €).

Врвните нивоа GT се размазување и за возачот и за патниците. Седиштата стандардно се обложени со алкантара и TEP, за мека телешка кожа се доплаќа 1.700 евра. Во француски стил се сините кожени седишта, за кои се потребни и 1.900 евра.

Сериска опрема во GT, дополнително на сите наброени ставки од претходните нивоа: Тркала од 18 инчи со дизајн Kamakura и дијамантски финиш, греење на волан, посебно делотворна климатизација со сензор за загаден воздух надвор, големи амблеми со лавот поставени на крилата, патосници и уште бројни ставки.

Кој цени дека на ова ниво треба да се додаде уште, тогаш има можност да доплати за сончев покрив (1100 €) или премиум аудио Focal со 10 звучници, проектиран точно за моделот (850 €).

Повеќе детали за новиот Peugeot 308 ќе објавиме кога моделот ќе пристигне во Македонија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

РСБСП: Иднината на одржливата мобилност е во твои раце. Вози Велосипед

Австрија отвора нова фабрика за чипови, кризата ги поместува плановите