за

Што тестираше Mercedes со прототипите на GLA?

Секој автомобил пред да добие зелено светло мора да помине низа екстремни тестови. За девет месеци 24 прототипи на Mercedes GLA минаа 1,8 милион километри. Што точно се тестира на овие возења?

Тоа се возилата што се највреден улов на „карпараците“, на фотографите што ги ловат прототипите на новите модели на затворените патеки за тестирање на производителите или се „добро информирани“ каде и кога да ги сретнат истите во секојдневен сообраќај. Најголемите светски медиуми за автомобилизам плаќаат скапо за овие фотографии, тоа им носи публика. Но, прашањето е што точно тестираат производителите и во што се состои целата процедура на малтретирање и измачување на идните сериски модели?

Во период од девет месеци Mercedes ги тестираше 24-те прототипи на новиот GLА, кои за тоа време минаа вкупно 1,8 милион километри. Како модел што треба повремено да излезе на терен, GLА мораше да ја мине процедурата на тестирање за сите теренски возила со знакот на Mercedes, исто како поголемиот модел GLK пред него. Осумдесетте илјади километри на теренскиот тест, покрај возењето по обичен асфалт, опфаќаат совладување на специјално подготвени патеки на терен, возење под полна гас на Северниот Јазол на Нирбургринг и интензивни тури по Алпите.

Целта на деветмесечниот маратон на GLA беше тестирање на издржливоста на погонската спрега 4Matic, на подвозјето, како и на целата електроника во возилото, почнувајќи од подигнувачите на прозорците во вратите до напредните системи за асистенција. Дополнително се тестираше и цврстината на каросериската структура на теренецот на база на класата А.

Секој прототип при тестирањето е опремен со компјутер, што постојано следи 190 различни големини од најразличните системи во возилото и уште 50 големини од дополнително поставените сензори во возилото. Од тоа се добиваат 1,8 гигабајти податоци, кои понатаму ги оценуваат инженерите на Mercedes.

Возење во екстремни услови: Хокенхајм, Алпи, терен за испробување тенкови

Речиси сите производители ја користат патеката во Хокенхајм за да проверат колку добро им функционираат идните сериски модели. Правилото на оваа тркачка патека гласи: Еден километар во полна брзина одговара на 20 километри во реални услови на возење. Сите примероци на GLA тука мораа да совладаат 240 кругови, што дава вкупно 6.000 километри, односно преку 100.000 „реални“ километри.

Ништо помало не е оптоварувањето при тестирањето по Алпите. Во Италија се возеа етапи во должина од 154 километри, со совладување на 9 планински превои по Алпите и 450 свијоци, со висинска разлика од 4.300 метри. Секој прототип на GLA мораше да ги помине овие етапи по 20 пати, односно да мине вкупно 3.080 километри по високите планини. Најголемо оптоварување во серпентините трпат погонската спрега и системите за контрола на стабилноста. Ако има слабости, тука ќе се покажат.

Посебна фаза од тестирањето претставува и возењето по терен. Mercedes буквално го разбира значењето на поимот терен. Се вози на местото каде што вежбаат тенковските трупи на Бундесверот во Јужна Германија! На патеката каде што се докажуваат монструмите од 62 тони и 1.500 КС, не смеат да потклекнат ниту моделите на Mercedes што мораат да ја оправдаат буквата G во ознаката. Секој прототип на GLA тука мина по 1.000 километри.

За симулирање на возење под полна натовареност се користат „водени луѓе“, односно пластични кукли тешки по 82 килограми, наполнети со вода. Дополнително се прицврстуваат и челични шипки на подот на багажникот.

Финале со целосна демонтажа и оценување

По совладувањето на целата процедура на тестирање, прототипите се расклопуваат по последната завртка. Секое подрачје и секој дел се проверува и доколку нема оштетувања, се дава зелено светло за серија. Во спротивно, тестирањето продолжува. Покрај редовното тестирање по патишта во должина од 150.000 километри и конкретново теренско тестирање од 80.000 километри, инженерите спроведуваат и неколку специјални тестови:

Глобален тест: 50.000 километри низ цел свет под екстремни и климатски и топографски услови

Влечење приколка: 25.000 километри со специјална приколка

Континуиран тест на лош пат: 2.000 километри по специјално подготвена патека

Тест на корозија: 12-неделно тестирање во климатски и корозиски комори и во реално возење

Тест на функциите: Тест на сите системи за контрола на стабилноста на екстремни патеки

Континуиран тест на Хокенхајм: 5.000 километри по тркачката патека под полна брзина

Тест под полна гас: 30.000 до 50.000 километри на затворени високобрзински патеки како Нардо во Северна Италија или на фабричката патека во Папенбург

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Од историјата на Porsche: Лимузината од 4.000 евра за Кина

Повторно расте продажбата на автомобили во Европа