за

Тест · Рено Меган Е-Тек · Тука струјата има октани

Како да се направи Рено Меган на струја да им се допаѓа на луѓе што не се толку убедени во електричниот погон? Со нагласувањето на електричното во неа.

Рено поинаку ги прави електричните автомобили. Искуството ја прави разликата, затоа што француската марка масовно произведува електрични автомобили уште од 2012 година, од Зои. Големата доверба на шефот Лука де Мео во електричниот погон се темели токму врз оваа Меган Е-Тек. Рено вечно е во таа мисија, да ги менува работите.

Човек ја засакува Меган Е-Тек уште од старт. Прво, таа е покуса за најмалку десетина сантиметри од останатите компакти што уште имаат бензинец или дизел под хаубата. Француската марка тука добива бодови на чесност, затоа што назад нуди дури и повеќе простор.

Тоа е придобивка од електричниот погон. Една од многуте. Меган Е-Тек е попросторна од подолгите од неа, затоа што погонските компоненти се главно покомпактни и со поправилна форма, а инженерите добиваат и поголема слобода за да им го најдат местото на сите тие компоненти. Рено кажува и дека Меган Е-Тек ја поседува најтенката батерија во историјата на автомобилите, што мери само 110 милиметри.

Мудро избраа проект-менаџерите со тоа што поттикнаа љубопитност, нагласувајќи ја компактноста во автомобилов од класа што така и се нарекува, компакт-класа, иако некои во меѓувреме пораснаа и до 4,5 метри. Но, кога ќе се седне назад, каде што луѓе очекуваат да биде тесно, затоа што каросеријата е долга „само“ 4,2 метри, следи пријатното изненадување. Така се освојуваат симпатии.

Второто што освојува „од прва“ е изгледот. Додека останатите производители, на коишто електричните автомобили уште им се нова територија, често се тркаат од своите електрични модели да направат погрда Тесла од Тесла, во Меган јасно се препознава Рено. Француската марка не се случило да разочара со дизајнот. Сепак, Французи.

Колку е различен овој електричен автомобил, се осознава и во багажникот. Просторноста не само што е одлика и таму, туку Меган од 5-то колено, заостанува одвај неколку литри зад Киа Сид, Опел Астра и Пежо 308, што се десетина сантиметри подолги. Истото важи и за просторноста со соборена клупа. Тоа е потврда дека и самата кабина е голема.

За сите и впечатоци и забелешки во возењето, погледнете го видеото, што е носечки дел на сите нови тестови во Аутомедиа

Но, друго е тоа што остава впечаток кај опашот. За задниот поклопец не постои опција за електрично затворање. Не постои ниту потреба. Тој е изработен од композитен материјал и исклучително е лесен. Покрај тоа, сигурно нема да се случи поклопецот да остане незатворен. Тоа уверува во сериозноста со којашто е развивана, конструирана и произведена Електро-Меган. Не смее да се пропушти детал, па и толку неважен, како несмасно затворање на багажникот, што е далеку од реткост во браншата.

Споредба на зафатнината на багажникот на Рено Меган Е-Тек со модели со обичен погон (во литри)

Модел

Нормално

Со соборена клупа

БМВ Серија 1 380 1200
Форд Фокус 392 1354
Киа Сид 395 1291
Мерцедес А-класа 350 1190
Опел Астра 422 1339
Пежо 308 412 1323
Рено Меган 4-та ген. 394 1288
Сеат Леон 380 1301
Тојота Корола 361 1052
Фолксваген Голф 381 1237
РЕНО МЕГАН Е-ТЕК 389 1332

Марката со ромбот има извозено долг пат додека дојде до денешниов Меган. Во почетокот, во ерата на Зои, Рено си постави предизвик цената на тогаш непознатиот и „неутврдено“ скап електричен модел да ја доведе колку е можно поблиску до моделите со обичен мотор. Затоа постоеше можност, Зои да се купи без батеријата – се купуваше автомобилот, но батеријата остануваше во сопственост на Рено и се плаќаше секој месец за нејзино користење. Така Зои доаѓаше поевтин.

Потоа се сменија нештата, откако навалија премиум марките и го претворија електричниот погон во престиж – ако возиш на струја, тоа е престиж. Во меѓувреме и тоа се смени. Групацијата денес ја нуди Дачиа Спринг, хит електричен модел што ѝ создава немир на конкуренцијата. Денес е предизвикот да се направи колку е можно поевтин електричен модел.

Тоа е одредиштето што се спомнува во почетокот на видеото, географскиот центар на Македонија, точката што има погодена симболика за електромобилноста

Меган Е-Тек е во златната средина. Таа не е најевтина, но затоа ја оправдува цената со технологијата што е вградена во неа, а тоа не се однесува само на електричниот погон. Меган е технолошки напредна во секој поглед.

Дигитализацијата одамна е стандард во Рено. Тоа не се однесува само на двата дисплеи и на нивната раскошна големина, туку повеќе се однесува на содржината и на функциите што се прикажуваат на тие дисплеи. Навигацијата, на пример, покажува со колкава наполнетост на батеријата ќе се пристигне на одредиштето, и за тоа користи податоци во вистинско време, добиени онлајн. На тестот се потврди дека предвидувањата се точни до процент.

Рено Меган Е-Тек е електричен автомобил што е направен за електричниот погон да се искористи како предност. Маркава си постави повеќе предизвици, отколку да направи „само“ електричен автомобил. Користена е секоја можност да се симнат килограмите, вклучувајќи го и задниот поклопец. Во каросеријата, во подвозјето, исто така има бројни делови од алуминиумска легура.

Тежината е за околу 350 килограми над „најтешкиот“ актуелен Меган со класичен погон, 1.5 дЦи со менувач со двојна спојка и 115 КС – со напомената дека електричнава Меган има 218 КС. Заедно со возач, возилото тежи 1.783 килограми. Со дволитарец со споредлива моќност, разликата меѓу електро-меган и бензин-меган би се смалила за уште стотина килограми. Колкава е предноста на конструкцијата на Рено, се покажува во споредба со Фолксваген ИД.3, што со споредлива моќност тежи близу два тона – вистина, и батеријата таму е уште поголема.

Компактни димензии како предност – Споредба на должина на каросерија на модели од компакт класа

Модел

Должина (мм)

Рено Меган Е-Тек 4200
Фолксваген Голф 4282
Киа Сид 4315
БМВ Серија 1 4319
Ауди А3 Спортбек 4352
Рено Меган 4359
Пежо 308 4367
Сеат Леон 4368
Тојота Корола 4370
Опел Астра 4374
Форд Фокус 4382
Мерцедес-Бенц А-Класа 4428
Мазда 3 4460

Главното прашање околу е-погонот секогаш е досегот. Фабриката тврди 450 километри во комбиниран циклус. Тестот покажа 350 километри, без каква било намера да се постигне нереална вредност, односно со возење без задршка. Во град, може да се смета на околу 400 километри, затоа што е многу почесто запирањето и забавувањето, кога батеријата се поднаполнува од залетот што го има возилото. Стандард се двете рачки зад воланот, со коишто се избира колкав да биде степенот на забавување на електромоторот – во најсилниот од 4-те степени, со добра вежба и посветеност, би можело притискањето на сопирачката да се сведе само на исклучителна ситуација во возењето.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Чувството во возење е како да се вози полесен автомобил, односно класичен Меган. Тоа потсеќа многу на времето на првиот Меган, во средината на 1990-те, којшто меѓу другото се разликуваше од конкуренцијата и поради лесното чувство во возењето, лежерноста. Марката што својот Меган го унапреди и до РС-нивото, до степен на исклучителна спортска машина, секако дека и на Е-Меган ѝ даде одлични возни својства.

Задоволство е возењето, колку што може да се каже дека чувството е исто како во бензинец, толку е различно. Тоа што е различно: Управувањето е исклучително директно, односно со кус преносен однос. Од крај до крај има само 2,3 вртежи на воланот. Првото што ќе се почувствува, уште во град, тоа е токму директното реагирање на управувањето. Човек се навикнува по кусо време и учи да го цени тоа како одлика на автомобилов. И аголот на вртење на тркалата е поголем, па и кругот на вртење е само 10,4 метри. Неверојатно е на колку мал простор може да сврти Меган. Во град, ова е како Клио, со кабина на Аустрал.

Перформансите се на ниво на ГТИ, впрочем и шефот Лука де Мео ја цени Меган Е-Тек како „ГТИ меѓу електричните автомобили“. Спринтот до темпо сто трае 7,5 секунди, но затоа крајната брзина вообичаено за погонот е ограничена на 160 км/ч.

Потрошувачката е пријатно изненадување, воедно и потврда за сите мерки што се преземени во техниката за тоа да се постигне. Просек од околу 18 киловатчасови на сто километри е одлична вредност.

Основната моделска изведба на Рено Меган Е-Тек во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Renault Megane E-Tech Electric equilibre EV40

Рено остава широк избор од погонски конфигурации и нивоа на опрема. Меѓу најдостапниот (46.500 евра) и најпрестижниот модел има разлика од 12 илјади евра. За погонот има избор меѓу изведба со 96 кВ/130 КС или 160 кВ/218 КС. Послабата изведба доаѓа со батерија од 40 кВч, кај посилниот модел работи батерија од 60 кВч. Освен во електромоторот и батеријата, има разлика и во полначот што е вграден во возилото. Сето тоа е направено со цел да се овозможи Меган Е-Тек да биде достапен за поширок круг купувачи и за различни примени, вклучувајќи и службено-сервисно возило, што главно е во град и минува иста километража секој ден.

Тестираната изведба е врвното ниво со 218 КС, со опрема Иконик и можност за користење брз полнач со моќност од 130 кВ. Во тој случај, батеријата се полни до 80% за помалку од еден час. Полнењето во дел беше извршено на мрежата од полначи на ЕВН – секако стои на располагање полнач и во Аутомотив Груп – при што се забележуваше разлика во побрзото полнење, заслуга на понапредниот полнач во Меган. На најчестите полначи кај нас, од 22 кВ, Меган треба да се остави околу три часови, за батеријата да се наполни целосно.

Опремата во нивото Иконик е луксузна и во голем дел се темели врз напредните системи за асистенција, но и инфо-забавните функции, вклучувајќи аудио систем Харман Кардон. Според тоа, цената не се однесува само на електромоторот и батеријата, туку и на престижната опременост на тест-возилото.

Зошто електричниот погон во Рено е со октани?

Рено има направено многу со бензинските и дизел моторите. Тоа важи и за тркачките патеки, па и за кралицата на мотоспортот. Рено има изградено име и во Ф1. Надвор од тркачките патеки, секако е тука РС. Но, токму тоа ѝ дава на француската марка кредибилитет да притиска уште повеќе врз електромобилноста. Рено го извозе поглавјето со бензинците и дизелите одлично. Во електричните автомобили на Рено се пренесува тоа наследство од времето на бензинците. Електромобилноста, патем, не е во зачеток во маркава, туку веќе има достигнато трет степен на развој, затоа што и самиот Зои претходно мина низ две еволутивни скалила.

Меган Е-Тек е различен електричен автомобил. Ова не е „само“ автомобил во којшто бензинецот е заменет со електромотор, туку тој чекор повлече и бројни други. Димензиите се смалени, тежината е смалена, додадена е динамичност во возењето, со директниот пренос во управувањето и со погоденото подвозје. Опременоста и стилот се француски традиционални вредности, технологијата тука делува природно. Дали да се „почека“ до 2035 година, кога ЕУ повеќе нема да дозволува во Европа да се произведуваат автомобили со обичен погон? И државата да се свести со субвенции, повластици и кревање на акциите на возачките и возачите што избрале да возат на струја? Не, до престижот е. Во меѓувреме се менуваат работите и во престижот. Наесен дури и на нашиот пазар почнува со испорака електричен Рено 5, во стилот на Рено 5 ГТ Турбо 2, легенда од ’90-те. Потоа се чека и нов Твинго, со цена далеку под 20.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Волво постигна продажен рекорд благодарејќи на електричниот Е Икс 30

Џили доби посета од кинескиот министер за трговија, при неговата тура низ Европа